Алексеј Дума
Алексеј Христов Дума (Битола, 16 септември 1948) е специјалист по судска медицина, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје. Дипломирал медицина во Скопје во 1973, докторирал на тема за хуманата серумска холинестераза од форензичен аспект во 1986 година.
Од 1988 година е директор на Институтот за судска медицина и криминалистика и шеф на Катедрата. Бил претседател на Лекарската комора на Македонија во 1992. Соработува со институции во Европа и со Колумбија универзитетот во Њујорк, каде што е визитинг-професор. Учествувал во реализацијата на интердисциплинарниот интернационален проект за невропатолошки студии кај хронични хоспитализирани болни од шизофренија и за ткивните невропатолошки изучувања кај тешки психијатриски болести. Формирал лабораторија за примена на рекомбинантна ДНК технологија во судската медицина, која добила лиценца за одредување на присуството на психоактивни соединенија во биолошки материјал. Остварил меѓународна соработка со Германија и со Бугарија со учеството во идентификацијата на жртвите кај масовни сообраќајни несреќи. Автор на над 130 трудови. Член е на Интернационалната асоцијација за судска медицина.