Судска медицина (позната и како форензика) претставува примена на широк спектар на науки со цел да се решат прашања од интерес на законскиот систем. Прашањата можат да бидат поврзани со злосторство или граѓанска активност. Но и покрај поврзаноста со законскиот систем, во поширока смисла форензиката ги вклучува прифатените научни методи и норми според кои фактите кои се однесуваат на некој настан, артефакт или некој друг физички предмет (на пример тело или труп) се пошироко прифатени и одредувањето дали некој предмет е тоа што треба да биде или е наведен како суштество го вршат елементи надвор од законскиот систем. Зборот „Форензика“ потекнува од латинската придавка „forensis“ што значи вон или пред форум. Во римско време, кривично обвинение значело да се претстави случајот пред група независни луѓе во форумот. Обвинетото лице, како и обвинителот давале искази за своето видување на приказната. Оној со најдобрите аргументи и претставување го одредувал разрешувањето на случајот. Во основа лицето со најдобри форензички вештини победувало. Оттука потекнуваат двете модерни верзии на терминот „форензика“ - вид на законски доказ и вид на јавно претставување. Во современа употреба, терминот „форензика“ наместо „судска медицина“ може да се смета за неправилен бидејќи терминот „форензика“ е синоним за „законски“ или „поврзан со судството“.Сепак терминот е денес толку тесно поврзан со научното подрачје, што многу речници ги поистоветуваат термините „форензика“ и „судска медицина“.

Историја

уреди

Легендата „Еурека“ на Архимед (287 – 212 ПНЕ) може да се смета за прва употреба на форензичка антропологија. Тој одредил дека круната не е направена целосно од злато (како што гласело лажното тврдење). Овој заклучок го добил одредувајќи ја густината на предметот преку пресметување на обемот и тежината, бидејќи не смеел да ја оштети круната. Првата употреба на отпечаток за да се открие идентитет била направена во текот на VII век. Според арапски трговец Сулејман, отпечатоците на должник се наоѓале на банкнота, која подоцна требала да се предаде на заемодавачот. Оваа банкнота била законски признаена како доказ за валидност на долгот. Првите запишани податоци за употреба на медицина и ентамологија во решавање на криминални случаи се најдени во книгата „Собрани решени случаи на неправда“ напишана во Династија Сонг од Сонг Ци во 1248 година. Во еден од текстовите, случајот на убиство со срп бил решен од страна на истражувач кој наредил секој да го донесе својот срп на одредена локација. Мувите, привлечени од мирисот на крвта, се собрале на еден срп. Притиснат од доказите, убиецот признал. Во книгата исто така имало совети како да се разликува давење (вода во белите дробови) од задавување (скршен вратен пршлен), како и докази од обдукција со кои се утврдува дали се работи за убиство, самоубиство или несреќен случај. Во XVI век во Европа, армиските и универзитетските медицинари започнале да собираат информации за причините и начинот на смрт. Амброаз Паре, француски хирург, систематски ги проучувал влијанието на насилна смрт врз внатрешните органи. Двајца италијански хирурзи, Фортунато Фиделис и Паоло Зачија, ги удрија темелите на модерната патологија преку испитување на промените кои се случуваат на структурата на телото поради болест. Во подоцнежните 1700ти години се појавиле написи за овие теми. Како и овие: „Расправа за судска медицина и здравство“ од францускиот лекар Фодере, и „Комплетен систем на полициска медицина“. Во 1776 година, шведскиот хемичар Карл Вилхем Шеле пронашол начин да открие арсен оксид или арсен во тела, иако само доколку е во големи количини. Ваквата истрага била проширена во 1806 година од страна на германскиот хемичар Валентин Рос кој успеал да открие отров во ѕидовите на стомакот на жртвата и од англискиот хемичар Џејмс Марш кој употребил хемиски процес да утврди дека арсеникот бил причина за смрт во судење за убиство во 1836 година. Два примера во англиската форензика во независни судски постапки ја покажале зголемената употреба на логиката и процедурата во кривични истраги. Во 1784година, во Ланкастер, Англија, Џон Томс бил суден и обвинет за убиство на Едвард Кулшо со пиштол. Кога телото на Кулшо било прегледано, стуткано парче хартија кое се користело за осигурување на барутот и куршумите во цевката на пиштолот кое било пронајдено во неговата глава совршено се совпаѓале со скинатиот весник кој бил најден во џебот на Том. Во Ворик, Англија, во 1816 година фармер бил суден и обвинет за убиство на млада слугинка. Таа била удавена во плиток базен, а на нејзиното тело имало видливи траги од насилство. Полицијата пронашла траги од стапки и сомотна облека со пришиен амблем фрлени во ѓубре во близина на базенот. Имало и расфрлени зрна жито и пченица. Панталоните на фармерот кој вршел жито во близина биле прегледани и било утврдено дека одговараат со парчето облека со амблем пронајдено покрај базенот. Подоцна, во XX век, неколку британски патолози Бернард Спилсбури, Францис Кампс, Сидни Смит и Кејт Симпсон стануваат пионери на новите форензички методи во Британија.

Поделба на форензиката

уреди
 
Агенти на Одделот за криминални истражувања на Американската Армија на место на злосторството.
  • Форензика за пресметување - се корист за пресметување на алгоритми и усовршување на софтвер кој помага при форензички испитувања.
  • Криминалистика – збир на науки за испитување и споредување на биолошки докази, траги, докази како отпечатоци од прсти, стапала и гуми, контролирани супстанци, балистика, испитување на оружје и други докази во криминални истраги. Типично, доказите се испитуваат во крим-лабораторија.
  • Дигитална форензика - примена на докажани научни методи и техники со цел да се откријат податоци од електронски/дигитални направи. Специјалистите за дигитална форензика работат и на терен и во лабораторија.
  • Форензичка антропологија - примена на физичка антропологија со законска рамка, најчесто служи за пронаоѓање и испитување на коскени човечки остатоци.
  • Форензича археологија - примена на комбинација од археолошки техники и судска медицина за засилување на правото.
  • Форензичка ДНК-анализа – тоа што секое лице има единствена ДНК е голема предност при решавање форензички случаи како одредување на родители и роднински врски, но и доказ дека осомничениот бил присутен на местото на злосторството.
  • Форензичка ентомологија – врши испитување на инсекти на, во и до човечки остатоци за да го одреди времето и местото на смртта. на тој начин може да се одреди и дали телото било поместувано по смртта.
  • Форензичка геологија – проучува докази како што се остатоци и траги од земја, минерали и горива.
  • Форензичко интервјуирање – начин на комуникација создаден со цел да открие информации и докази.
  • Форензичка метеорологија – специфично анализирање на поранешни временски услови за да се открие нивното влијание на случајот.
  • Форензичка одонтологија – стоматолошко проучување, односно проучување на забите.
  • Форензичка патологија – се применуваат основите на медицината и патологијата за да се одреди причината за смрт во истрага.
  • Форензичка психологија – проучување на умот на лице со помош на форензички методи. Најчесто ги одредува околностите за однесувањето на злосторникот.
  • Форензичка токсикологија – го испитува влијанието на дрогите и отровите во/врз човечкото тело.
  • Форензичко испитување на документи или испитување на засегнатите документи – врши разни испитувања на сите спорни документи Повеќето испитувања се состојат од споредување на документи или делови од документи. Највообичаен начин на испитување е анализирањето на ракопис при што истражувачот се обидува да открие кој е авторот или кои одлики ги поседува.
  • Ветеринарна форензика – форензика која се применува во случаи во кои животни се вмешани.

Спорни форензички техники

уреди

Некои форензички техники кои првенствено се сметале за цврсти и стабилни, подоцна покажале дека немаат голема научна заслуга. Некои такви техники содржат:

  • Компаративна анализа на оловни куршуми – техника која со децении ја користеле во ФБИ, почнувајќи од атентатот врз Џон Ф. Кенеди 1963 година. Теоријата вели дека секој вид на оружје поседува хемиско обележје па испуканиот куршумот може да се спореди со оружјето од кое е испукан. Сепак истражувањата на Националната академија на науки открија дека оваа техника не е веродостојна и во 2005 година ФБИ ги прекина овие тестови...
  • Форензичката стоматологија доби критики; во најмалку два случаја, трагите од гризнување кои биле докази биле употребени да осудат за убиство луѓе кои подоцна биле ослободени со ДНК докази. Истражување направено во 1999 година од член на Американскиот одбор за форензичка одонтологија покажа дека 63% од идентификациите се погрешни.. Сепак истражувањето беше направено во неслужбена работилница на состанок на АОФО и повеќето членови го сметаа за неважечко..

Судска наука

уреди

Судската наука ги опфаќа анализите и податоците кои се употребуваат во судска постапка, за разлика од оние кои се употребуваат во независно истражување. Таа разлика ја направи деветтиот Окружен апелационен суд на САД при вработување на експерти... Тука се употребуваат показни докази, кои се докази подготвувани за судски постапки од страна на адвокати и правници.

Судска медицина во приказни

уреди

Шерлок Холмс, измислениот лик на сер Артур Конан Дојл од 1887 до 1915 година, користел судска медицина при своите истражувања. Конан Дојл добил инспирација за Холмс од својот учител Џозеф Бел кој предавал во медицинското училиште на Универзитетот во Единбург и бил надарен хирург и форензичар. Децении подоцна, и во стрипот Дик Трејси се појави детектив кој се служи со бројни форензички методи иако понекогаш имал повеќе измислени отколку реални методи. Адвокатот Пери Мејсон понекогаш користел форензички методи и за своите романи и за телевизиските серии. Познати телевизиски серии за криминални истраги, како што се ИМЗ, Златен случај, Коски, Закон и ред, МСЗИ, Злосторнички ум, Тивок сведок, Декстер, Будење на мртвите, ги опишуваат активностите на форензичарите од 21 век. Овие серии ги сменија очекувањата на луѓето од судската медицина, а тоа нивно влијание се нарекува „ефект ИМЗ“.

Контроверзии

уреди

Во одредени изданија се појавија прашања за судската медицина, отпечатоците како докази и претпоставките, а последен пат се појавија во Њујорк Пост. Во написот стоеше „Никој не го докажал основното тврдење дека секој отпечаток е единствен“. Во написот стоеше и „Сега таквите претпоставки се ставени под знак прашалник и поради нив може да дојде до радикална промена во погледот на полицијата и обвинителството врз судската медицина“.

Поврзано

уреди