Алеко Василев

(Пренасочено од Александар Василев)

Александар „Алеко“ Василев, или познат како Алеко Паша, Алеко Василев, Орфо или Орфански — македонски револуционер со влашко потекло, учесник во македонското револуционерно движење, деец на Македонската револуционерна организација, Серската група и Внатрешната македонска револуционерна организација. Во 1922 година е серски окружен војвода и раководител на ВМРО во Петричко, по 1924 година голем противник на Тодор Александров во внатреорганизационите борби и поделби, ги прифатил принципите на Мајскиот манифест.

Александар „Алеко“ Василев
Роден 1890
Долна Џумаја, Егејска Македонија
Починал 12 септември 1924
Горна Џумаја, Пиринска Македонија

Животопис

уреди

Рани години

уреди

Василев е роден во 1891 година во гратчето Долна Џумаја, денес Ираклија, Грција. Учи во Серското егзархиско педагошко училиште, кое го напушта во 1906 година и до Балканските војни е егзархиски учител во селото Ќуприја, Серско (денес Гефируди). Приврзаник е на крилото на Јане Сандански во ВМОРО.

Низ војните

уреди

За време на Првата балканска војна е во четата на Јане Сандански, која ги помага активностите на Седмата рилска дивизија. По Втората балканска војна се утврдува во Петрич и во 1914 година станува раководител на месната полиција. Во 1915 година за време на учеството на Бугарија во Првата светска војна е командант на партизански вод во Единаесеттата македонска дивизија, а во 1917-1918 година е на служба во Дирекцијата за стопански грижи и општествена предвидливост при генерал Александар Протогеров [1].

По војната, во Пиринска Македонија создава воена организација, која од почетокот на 1920 година се обединува со обновената ВМРО. Василев е окружен војвода и полномошник на Централниот комитет на ВМРО за Серскиот, Струмичкиот и Солунскиот револуционерен округ. Заедно со Георги Атанасов ја спроведуваат т.н Неврокопска акција на ВМРО во 1922 година.

Септемвриското востание

уреди
 
Четата на Алеко Василев.

За време на Септемвриското востание на БКП во Бугарија во 1923 година, меѓу поголемиот број на убиени комунисти-Македонци од страна на ВМРО бил убиен и внукот од сестра на Гоце Делчев, Тодор Чопов, македонски деец од левицата и член на БКП. Во ова востание учество зеле комунисти и приврзаници на соборената Земјоделска партија на поранешниот премиер Александар Стамболиски. Тоа имало поддршка и кај македонскиот народ во Пиринска Македонија, пред сè кај членовите и симпатизерите на БКП.

БКП пред почетокот на востанието се обидела да ја привлече на своја страна и ВМРО или ако тоа е невозможно, барем да ја неутрализира. Таквата можност се гледала во создавањето на едно лево течение, внатре во Организацијата, кое било предводено од бивши членови на Серскиот револуционерен округ, блиски до Јане Сандански, како и членови на ВМРО на кои им биле блиски комунистичките идеи. Во полза на тоа оделе и не толку добрите односи меѓу владата на Александар Цанков и раководството на ВМРО по прашањето за подобрување на односите меѓу Бугарија и Кралството на СХС. Сето тоа придонело ВМРО во преговорите со БКП да вети дека ќе остане неутрална за време на востанието и дека ако тоа успее, ќе ја признае новата комунистичка власт. Но како услов за својата неутралност раководителите на ВМРО го поставиле барањето во Пиринскиот дел на Македонија да нема востанички акции. Дури еден дел од левицата на Организацијата на чело со Алеко Василев, активно го помагале Септемвриското востание [2].

 
Четата на Алеко Паша.

На 24 септември раководителите на востанието дознале дека во многу краеви на Бугарија востанието воопшто не било кренато, а таму каде што избувнало во поголем број случаи било задушено. Откако сфатиле дека нивната борба била изолирана и дека против нив се кренале и четите на ВМРО заедно со редовната бугарска војска, меѓу локалните раководители на востанието била донесена одлука да се влезе во преговори со раководството на ВМРО, при што последното да се обврзе дека ќе го поштеди животот на востаниците. Преговорите помеѓу востаниците и ВМРО започнале на 24 септември при што бил постигнат договор според кој востаниците го предале оружјето, со ветување дека нема да бидат убиени.

По овие настани започнало преследување од страна на власта врз учесниците во Септемвриското востание, во што се вклучиле и вооружените чети на ВМРО, при што им биле изречени смртни пресуди на поголемиот дел од водачите на востанието, но, благодарение на наклоноста на Алеко Василев, дел од нив се спасиле [2].

За време на истите настани од припадниците на ВМРО, Михаил Монев, Васил Мечкуевски и Иван Караџов во Горна Џумаја биле убиени комунистите: Димитар Ацев, Никола Лисичкови нотарот на градот Стефан Велинов. Тие биле обесени, а нивните тела биле оставени да висат неколку дена во градот. На нивното убивање претходеле ветувањата дека животите на поголемиот дел од останатите востаници ќе бил поштеден и тие ќе биле заштитени од Алеко Пашата.

Убиство на Тодор Александров

уреди
 
Од лево на десно: Алеко Василев, Крум Петишев, Тодор Александров, непознат и Силко Цветков.

На 31 август 1924 година кај селото Лопово на Пирин Планина бил убиен водачот на ВМРО, Тодор Александров. Верзијата на ВМРО, која најмногу се засновала на кажувањата на неколку лица, директни учесници во тие настани, а пред сè исказот на Динчо Мицев Сугарски е следната: Алеко Василев, пред Гоце Манолев, Петар Говедаров, Гогата Полски и Никола Хаџиев, во куќата на Говедаров, му наредил нему да отиде од селото Горна Сушица, преку Мелник, во селото Деремислим за да пречека едно лице, коешто требало да го спроведе во селото Лопово. Во наведеното село со него дошле и војводите Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, коишто биле блиски со Алеко Василев. Вечерта на одреденото место пристигнале три лица и целата група заминала во селото Горна Сушица, каде што во куќата на Гоце Манолев пристигнал уште и Динчо Марков Балкански. Овде Вретенаров и Влахов го повикале Динчо Сугарски и Динчо Балкански надвор од куќата и под заклетва им соопштиле, дека дојдените лица биле Тодор Александров и Александар Протогеров, им објасниле кој е едниот, а кој другиот и им кажале дека по патот ќе го убијат Тодор Александров.

Според овој исказ, им било речено дека убиството требало да се изврши по наредба на Алеко Пашата. Околу 11 часот, претпладне групата во состав: Тодор Александров, Александар Протоѓеров, телохранителот на Александров, Панзо Зафиров, Штерју Влахов, Динчо Вретенаров, Динчо Балкански и Динчо Сугарски, на коњи се упатиле кон селото Лопово, каде што требало да се одржи Окружен конгрес на Серскиот револуционерен округ. По настојување на Вретенаров и Влахов се тргнало по потешкиот и пострмен пат кон селото, што веројатно било дел од заговорничкиот план. По патот атмосферата била весела и опуштена, при што Александров не претчувствувајќи ја опасноста, си разговарал со Протоѓеров и останатите. Во еден момент групата била престигната од едно момче, кое имало задача да донесе одморени коњи, но тоа незабележано од Александров било запрено од Штерју Влахов, којшто веднаш го вратил назад. На едно планинско изворче, групата застанала да ги освежи своите сили со храна. За цело време на ручекот се воделе разговори по однос на плановите на Организацијата и по однос на борбата на истата со претходната земјоделска влада на Бугарија, при што Александров бил љубезен со сите и на неколкупати ја делел храната со другите негови соборци. По јадењето групата го продолжила патувањето, при што Александров му ја дал на носење својата пушка на Динчо Сугарски, со што останал без оружје. По извесно време, тие пак застанале со цел да ги одморат коњите, а воедно и тие малку да отпочинат, што било искористено од страна на заговорниците, секавично да дејствуваат. Штерју Влахов и Динчо Вретенаров, застанале над Тодор Александров и стрелале со пушките во него, при што разбуден од истрелите неговиот телохранител Панзо Зафиров се обидел да ја дофати својата пушка, но и тој бил застрелан од страна на Динчо Балкански. Александар Протоѓеров изненаден од брзината на дејствијата се онесвестил и со таа своја постапка останала нејасна неговата улога во атентатот врз Тодор Александров. По убиството телата на двајцата убиени набрзина биле закопани во блиската шума.

Покрај дирекните физички извршители на атентатот, кои се познати, како можни нарачатели се посочувале повеќе страни: групата во ВМРО околу Алеко Василев и Георги Атанасов, бугарските комунисти, Комунистичката Интернационала, Иван Михајлов, Александар Протогеров и неговите приврзаници во Организацијата, бугарската влада на Александар Цанков, но со сигурност не може да се утврди ниту еден од горенаведените.

 
Георги Атанасов, Александар Протогеров и Алеко Василев

Според докази на ВМРО планот за убиството на Тодор Александров бил направен во дрводелската работилница на Георги Пенков во присуство на Алеко Василев-Пашата, Георги Атанасов, Георги Пенков, Штерју Влахов и Динчо Вретенаров. За веродостојноста на ваквите планови потврдни изјави дале и дејците од левицата, Методи Алексиев и Стоју Хаџиев, со напомена дека изјавите е можно да биле изнудени под закана од употреба на сила во настаните што се случувале во редовите на македонското националноослободително движење по убиството на Тодор Александров.

Кругот на заговорниците се стеснува околу Алеко Паша и Георги Атанасов, чиешто сомнително држење во сите тие настани укажува на најголема веројатност дека тие биле запознаени со плановите за атентат врз Александров. Од гледна точка и на можните мотиви, сенката на сомнежот паѓа врз овие двајца од причина што тие без разлика на нивната идеолошка определеност, во периодот пред атентатот се наоѓале во непријателски односи со Александров и се обидувале да создадат силна опозиција, внатре во ВМРО, против првиот. Атанасов и Пашата, коишто за краток временски период успеале да натрупаат милиони левови на своите конта за сметка на угледот на Организацијата, исто така се плашеле дека на претстојниот Серски окружен конгрес би можеле да ги изгубат високите позиции во водечката хиерархија во ВМРО, а со тоа и стекнатите богатства.

Горноџумајски случувања

уреди

На 12 и 13 септември 1924 година во Горна Џумаја биле извршени повеќе ликвидации како резултат на длабоката криза и поделбите во македонското револуционерно движење. Новиот член на ЦК на ВМРО, Иван Михајлов за убиството на Александров ги обвинил противниците на ВМРО и решил да се пресмета првенствено со левицата во Организацијата, предводена од Алеко Василев и Георги Атанасов и со раководството на Илинденската организација.

По иницијатива на Петар Шанданов, бил изготвен план според кој Ванчо Михајлов телефонски ги известил Алеко Пашата и Атанасов како и раководителите на Илинденската организација да се одржи заедничка средба во Горна Џумаја, што од нивна страна било прифатено, а во последен момент Михајлов требало да ја откаже средбата и наместо него да заминат Шанданов, Панчо Михајлов и Јордан Ѓурков.

На 11 септември во Горна Џумаја пристигнале луѓето на Михајлов, таму биле пречекани од Асен Даскалов и Борис Тиков. Следниот ден се одржала средба помеѓу Шанданов, Алеко Пашата, Атанасов и Протоѓеров. Средбата започнала со голема недоверба меѓу присутните од двете групи. Најпрвин зборувал членот на ЦК, Протоѓеров, кој со солзи соопштил дека оваа средба по убиството на Александров била со цел да се зачува единството на ВМРО и таа да се спаси од распаѓање. Откако зеле збор и Шанданов и Алеко Пашата, бил утврден дневниот ред на состанокот по однос на разни тековни прашања, при што и покрај тензиите, разговорите протекле многу мирно. Ноќта на 12 септември пристигнале раководителите на Илинденската организација и Кирил Дрангов кој по наредба на Михајлов го известил околискиот началник на ВМРО, Константин Алексиев за престојната акција.

Според изработениот план, Шанданов и Ѓурков истовремено требало да стрелаат во Георги Атанасов, а Панчо Михајлов и Дрангов во Алеко Василев-Пашата, по што планирале заеднички да пукаат од револверите кон вратата за да го спречат обезбедувањете да влезе во просторијата.

Четворката влегла во куќата, а набргу им се придружиле Александар Протоѓеров и Алеко, кои откако се ракувале ги започнале разговорите на тој начин што Протоѓеров, Панчо Михајлов и Ѓурков излегле на балконот, а во собата останале Алеко Пашата, Дрангов и Шанданов, додека Атанасов се наоѓал во соседната одаја. Во разговорот Алеко го повикал Дрангов да излезат надвор и во моментот кога стигнале до вратата, последниот се свртел и со поглед го прашал Шанданов што да прави, при што со знак добил потврден одговор за акција. Настаните се одвивале со голема брзина: Петар Шанданов и Дрангов исто-времено пукале во грбот и во главата на Алеко, кој паднал мртов. По првите истрели, Панчо Михајлов и Јордан Ѓурков, изненадени од предвремениот почеток на нападот, со своите револвери почнале да пукаат преку прозорците во собата каде што бил Атанасов со обезбедувањето. Протоѓеров, кој не знаел ништо за планираната акција, се скрил во едно ќоше. Во престрелката Атанасов со обезбедувањето се обидел да се пробие со активирање на бомба, но и покрај експлозијата, која не им наштетила на Шанданов и Дрангов, пресретнат од насочената стрелба кон вратата, не успеал. Ѓурков и Дрангов во сета таа мешаница ги насочиле револверите кон Протоѓеров и заповеднички го запрашале, зошто го убиле Александров, на што тој очајнички одговорил дека не знае ништо за убиството на Тодор. Луѓето на Атанасов успеале преку прозорец во соседната соба да побегнат на улица, иако таму излегле да ги пресретнат Ѓурков и Панчо Михајлов [2].

Наводи

уреди
  1. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 25.
  2. 2,0 2,1 2,2 Виолета Ачковска и Никола Жежов ПРЕДАВСТВАТА И АТЕНТАТИТЕ ВО МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА,Скопје,2004.