Акцизи или трошариниданок со кој се оданочува потрошувачката на едно или на неколку добра, како што се тутунските производи, алкохолните пијалаци и нафтените производи. Добрата кои се избираат за оданочување со акцизи вообичаено ги имаат следниве одлики:

Поим за акцизи

уреди

Во современите даночни системи, како даноци на потрошувачката, (прометот на стоки и услуги) во основа се јавуваат следните видови даноци: ДДВ (данок на додадена вредност или данок на промет на стоки и услуги), царини и други царински давачки и акцизи (данок на поединечни добра и услуги).

Историски гледано, акцизите се јавуваат како најстар облик на данок на потрошувачка со чие воведување за првпат е применета идејата за оданочување на потрошувачката. Акцизите или данок на специфични добра и услуги, според соодветната меѓународна класификација, се наплатуваат на прометот на точно определен број производи. Може да се воведат во било која фаза од прометот или производството.

Основната цел на воведувањето на акцизите е од фискален карактер, кој карактер е задржан до денес. Имено, акцизите носат големи фискални приходи (7 - 20% од вкупните приходи во земјите од ЕУ), бидејќи нивните стапки се значително повисоки во споредба со стапките на ДДВ - општиот данок на потрошувачка, кој не трпи повеќе од неколку приближно воедначени даночни стапки. Кај акцизите, даночните стапки можат да се определат или како специфични (како апсолутен износ по соодветната мерна единица на производот/стоката) или на ad valorem основа (како процент од нејзината вредност).

За да се постигне гореспоменатата фискалната цел, со акцизите најчесто се оданочуваат производи за масовна потрошувачка кои не можат да се супституираат или нивната супституција е тешко изводлива. Пред се, се работи за производи со ценовно нееластична побарувачка и доходна еластичност на побарувачката поголема од еден.

Добрата кои се оданочуваат со акцизи т.е. акцизните добра, се наречени „специфични добра“, а акцизите „специфични даноци на потрошувачка“ пред се поради нивните посебни одлики, нивниот ограничен број и високите стапки што се применуваат при нивното оданочување.

Причини за акцизно оданочување

уреди

Во различни земји бројот и карактерот на производите кои се оптоваруваат со акцизи е различен. Во некои земји (претежно во Африка и Азија) акцизите се задржале како единствен данок на потрошувачка поради едноставниот механизам за наплата и стабилните приходи кои ги обезбедуваат. Во мнозинство други земји акцизите се јавуваат покрај општиот данок на промет, така што со нив потрошувачката на точно определен број производи двојно се оданочува.

За постоење на акцизите не постои единствена причина. Имено, принципите на оданочување се различни. Така, со акцизи може да се оданочуваат: прехранбени производи за секојдневна неопходна употреба - со што би се потврдила нивната фискална изобилност, односно би се постигнала основната фискална цел; потоа, луксузни производи - со цел постигнување социјални ефекти; исто така и производи кои се штетни по здравјето на луѓето и околината - со што би се интернализирале негативните екстерналии.

Иако, согласно различните законодавства во земјите, оданочувањето со акцизи е различно, сепак акцизите се сконцентрирани главно на три категории производи: нафтени деривати (минерални масла), алкохолни пијалаци и тутунски производи. Покрај овој генерален систем на производи оданочени со акцизи, во некои земји се опфатени и други видови на производи, како на пример: кафе, автомобили, шеќер, сол, чај, конкретни луксузни производи и др.

Поради ваквата неконзистентност на законодавствата во поглед на утврдување на причините за постоење на акцизи и различниот број и карактер на производите опфатени со акцизи, истите добро е поединечно да се обработат. Во продолжение се презентирани најчестите причини за оданочување на потрошувачката со акциза.

Политики на оптоварување со акцизи

уреди
  • 1. Покрај веќеспоменатата основна фискална цел, политиката на оптоварување со акцизи може да е условена и од интересот на одделни земји за фаворизирање на производството на некои производи. Предметот на оданочување мора да се води од посебниот економски интерес за унапредување на производството на некои производи (незаборавајќи при тоа на фискалните мотиви). Имено, не би било оправдано со акцизи да се оданочува производ преку чие производство се развиваат клучни, носечки стопански гранки или дејности во една држава, се разбира тоа би било дестимулативно за потрошувачката, производството, вработеноста и сл.
  • 2. Спротивно на претходното, кога државата сака да ја дестимулира потрошувачката на определен вид производ може истиот да го оптовари со акциза. Пред се, тука станува збор за производите чие производство и/или потрошувачка предизвикуваат негативни надворешни ефекти. Со воведувањето акцизи државата настојува да ги корегира во извесна мерка негативните екстерналии кои произлегуваат од потрошувачката и производството на некој производ. Во практиката, таквата интернализација на негативните надворешни ефекти би значелa намалување на медицинските и општествените трошоци (здравствени трошоци за сузбивање болести во подем, трошоци за заштита на човековата околина и сл.) кои произлегуваат од консумацијата на алкохол, пушењето цигари и сл. Понатака, употребата на нафтени производи и автомобили доведува до загадување на околината, воздухот, водите, создавање на врева итн.
  • 3. Постигнување соодветна прераспределба на доходот преку оданочување на луксузните производи, со што оптоварувањето би било поголемо кај лицата со повисок доход. Со други зборови, акцизите би се користеле како инструмент за подобрување на вертикалната правичност во оданочувањето. Ова особено важи за држави во чии даночни системи директните даноци не се прогресивни, било поради избраните стапки или поради слабостите на избраната администрација. Ваквото оданочување со акцизи на луксузните добра нема единствено значење во доменот на политиката на соодветна прераспределба на доходот. Имено, оптоварувањето на луксузните производи со акцизи има значење и за основната, фискална цел на акцизното оданочување. Сепак, практиката бележи дека во одредени земји напуштањето на акцизното и прифаќањето на редовното оданочување (со општ потрошувачки данок кој е со пониски стапки) кај овие производи довело не само до компензирање туку и до надминување на фискалните ефекти кои се остварувале со акцизите, поради зголемување на прометот.
  • 4. Можно е и користење на акцизите во доменот на економската политика со цел да се влијае врз потрошувачката на точно одредени енергенси или за друг вид производи и слично. Меѓутоа, акцизите со своите одлики не се погоден инструмент за водење економска политика бидејќи можат да предизвикаат несакани дисторзии на пазарот. Имено, ако производи оптоварени со акциза можат да се супституираат со други производи оптоварени само со општ данок на промет (ДДВ) тоа може да влијае врз конкурентноста на производот на пазарот и не само тоа, туку и на слободниот избор на потрошувачите.

Акцизите, даночните власти и обврзниците

уреди

Акцизите за „даночниците“ се еден од омилените даноци. Се собираат лесно, ефикасно без поголем административен напор (системот за пресметка и наплата е едноставен), а можностите за даночна евазија се ограничени поради релативно лесната и едноставна контрола. Од ефикасната контрола на производството и увозот зависат фискалните ефекти, пред се, на трите основни најзначајни категории производи (нафтените деривати, тутунските производи и алкохолот). За таа цел, неопходна е регистрaцијата на сите производители и увозници на акцизни добра кај даночната администрација .

Ако акцизите се омилени за Управата за јавни приходи [1], тие не се омилени за даночните обврзници и дестинатори. На пример, евтините производи одданочени со акцизи се релативно повеќе даночно оптоварени од исти такви производи со повисоки цени, бидејќи како поевтини производи нив ги користат широки маси потрошувачи со ниска даночна сила што значи дека сносат релативно поголемо даночно оптоварување. Се работи за регресивен ефект кој би можел да се ублажи, но не и целосно да се елиминира (на пример да се одредат акцизи во однос на конечната малопродажна цена на производот – ова функционира во некои земји на ЕУ).

Обврзниците се утврдуваат различно, зависно од видот и карактерот на одделните производи и карактерот на прометот. На пример, во случајот со нафтените деривати и тутнските производи вообичаено обврзникот се лоцира на ниво на производителот или увозникот за поцелосна и поедноставна наплата на акцизите. Во случајот на алкохолните пијалаци пак, како обврзници ќе се појават сите субјекти на соодветните трансакции т.е. производителот, увозникот (ако се увезува), трговијата на големо, трговојата на мало и други учесници во прометот. Значи слично како и кај ДДВ акцизата се наплатува во сите фази на прометот. Сепак, како дестинатори секогаш во практиката се јавуваат крајните потрошувачи и во двата наведени случаи.

Даночна основа и даночна обврска

уреди

Како што определувањето на обврзниците на акцизи е различно, така и даночната основа се определува различно за одделни видови производи. За прометот на нафтени деривати и тутунски производи основата за плаќање на акцизата е официјално утврдената или одобрената цена во која е засметана акцизата. Истото важи и за увозот.

Кај алкохолните пијалаци и другите видови производи како основа се зема продажната цена намалена за износот на акцизата во претходните прометни чинови. Значи, во секоја прометна фаза акцизата се плаќа на новододадената вредност, а при увоз основата е утврдена според царински прописи, вклучувајќи ја и царината.

Најпрво, вообичаено било акцизната даночна обврска да се утврдува во фиксен износ, по соодветна едниница мерка (специфични стапки) согласно каракетерот на производот (парче, килограм, литар, зафатнина и слично). Утврдувањето на даночната обврска на ad valorem основа е карактеристично во поново време и се одредува во однос на малопродажната цена на производот. Сепак, специфичните даночни стапки и денес се применуваат во даночните системи, дури повеќе од ad valorem основата.

Видови акцизи

уреди

Постојат различни начини на кој акцизите можат да се групираат. Наједноставно, можат да се групираат според видот на производот на кој се однесуваат, односно за производот за кој се наплатуваат (акцизи на сол, акцизи на тутунски производи, акцизи на автомобили итн.).

Акцизите можат да се јават и како акцизи на потрошувачката и акцизи на употребата на одреден производ.

За разлика од ДДВ (посреден данок) акцизите можат да бидат посредни (најчесто) или непосредни (ретки се и не се многу застапени во даночните системи). Како посредни се јавуваат сите акцизи на потрошувачката, но и некои акцизи на употреба на производите; додека пак како непосредни можат да се јават само акцизи на употреба на некои производи. Според ова во нашиот даночен систем непосредните акцизи не се застапени.

Значајно е да се спомене дека поради генерално високите акцизни стапки најчесто преовладува нивниот фискалниот карактер. Се разбира, таквата поставеност на акцизните даночни стапки го поттикнува илегалниот промет на домашниот пазар и увозот. Ова особено се однесува на тутунските производи и алкохолните пијалаци, така што добро развиената контрабанда може да доведе до позначајна загуба на фискални приходи. За да се спречи тоа, потребни се висококвалификувани, ефикасни, некорумпирани, соодветно обучени царински служби и даночна администрација.

Акцизите во даночниот систем на Република Македонија[1]

уреди

Согласно Законот за акцизите кој во голем обем е хармонизиран со Директивата за акцизи на Европската Унија број 92/12/ЕЕС (систематска директива), како и структурните директиви и директивите за приближување на акцизните стапки пооделно за секоја група акцизни добра, предмет на оданочување е потрошувачката на следните акцизни добра и тоа:

Акцизните добра стануваат подлежни на акциза во три случаи: со нивно производство на територија во Република Македонија, со нивниот увоз во земјава и кога добрата се наоѓаат под царински надзор. Тоа значи дека самата подлежност на акциза претставува само можност за акцизните добра во определени услови кои се пропишани во Законот, да настане акциза. Добрата кои се опфатени во рамките на поодделните групи, се категоризирани во одделни тарифни броеви и подброеви во согласност со царинската номеинклатура, која е утврдена со Законот за царинска тарифа. Акцизата која се пресметува кај одделните производи се пресметува во апсолутен износ по соодветна мерна единица или во процент од даночната основа.

Производи кои подлежат на акцизи

уреди

На акциза подлежат сите видови на минерални масла кои се утврдени со Законот за акцизи, кои се наброени по одделни тарифни броеви и подброеви, за кои се утврдени проценти и апсолутни износи за плаќање на акцизата, како и ослободувањето по таа основа.

На акциза подлежат сите видови на алкохол и алкохолни пијалаци кои се утврдени со Законот за акцизи. Карактеристично кај овој вид на акцизи се контролните маркички, кои се користат во: меѓупроизводите и етил-алкохолот. Контролни маркички добива имателот на акцизна дозвола или увозникот. Пуштањето на меѓупроизводите и етил-алкохолот во акцизно-правен слободен промет на акцизната територија е дозволено само ако овие добра се обележани со контролна маркичка. Контролната маркичка треба да биде залепена на соодветната паковка на алкохолниот пијалак, односно шишето, така што при отворањето ќе мора да се оштети. Со подигнувањето на контролните маркички настанува долг за контролните маркички во висина на акцизната вредност на истите.

На акциза подлежат сите видови на тутунски добра кои се утврдени со Законот за акцизи, кои се наброени по одделни тарифни броеви и подброеви, за кои се утврдени процентите и апсолутните износи за плаќање на акцизата, комбинираната акциза, како и ослободувањата по таа основа. На акциза на тутунски добра подлежат:

Кај овој вид добра е карактеристична малопродажната цена која се состои од поединечната цена која ја одредува производителот или увозникот како единечна трговска цена за пури, цигарилоси и цигари по парче и за тутун за пушење по кг. Доколку е одредена само цената за пакување за малопродажната цена се смета цената која произлегува од цената по пакување и содржината на пакувањето. За пресметување на акцизата за тутун за пушење веродостојна е нето тежината во моментот на настанувањето на акцизата. Поради специфичностите, акцизата на тутунските добра се плаќа со користење на контролни маркички. Контролни маркички добива производителот или увозникот. Пуштањето на тутунските добра во акцизно-правен слободен промет на акцизната територија е дозволено само ако тутунските добра се обележани со контролна маркичка. Контролната маркичка треба да биде залепена на амбалажата под целофанската или друга хартија така што ќе биде видлива и при отворањето на пакувањето ќе мора да се оштети.

На акциза подлежат сите видови на патнички автомобили кои се утврдени со Законот за акцизи, кои се набројани по одделни тарифни броеви и подброеви, за кои се утврдени процентите и апсолутните износи за плаќање на акцизата, специфичната акциза како и ослободувањата по оваа основа. На акциза за патнички автомобили подлежат патничките автомобили:

  • Со клипен мотор (освен вртежен клипен мотор)
  • Со клипен мотор со внатрешно согорување со палење со компресија

Горенаведените производи се подложни на акциза според Законот со нивното производство на акцизната територија или со нивниот увоз. Добрата се подлежни на акциза и додека се под царински надзор. Настанувањето на акцизниот долг значи обврска за плаќање на акцизата поради потрошувачката на соодветните добра, поради што треба да се направи разграничување на добрата кои подлежат на акциза, но кај кои не е настанат акцизен долг, а тоа е, пред се, кога акцизните добра се наоѓаат во акцизен склад, кога се транспортираат и кога се наоѓаат под царински надзор. [2] Архивирано на 30 ноември 2012 г.

Акцизен склад, акцизна дозвола, акцизна обврска и акцизен период

уреди

Акцизен склад претставува посебно заграден и издвоен простор во кој можат да се произведуваат, складираат, примаат или испраќаат добра подлежни на акциза при непостоење на услови за настанување на акцизен долг.Производството може да биде во форма на здобивање, кога од неакцизно добро се создава акцизно добро и во форма на преработка, кога едно акцизно добро се преработува во друго акцизно добро.

Со активностите, какви што се производството, складирањето и примањето и испраќањето на добра кои подлежат на акциза може да се занимава само лице кое поседува акцизна дозвола, која ја издава Управата за јавни приходи[3] врз основа на писмено барање. Акцизната дозвола се издава ако барателот ги исполнува следните услови:

  • 1. Врши или има намера самостојно да врши дејност и има седиште во Република Македонија.
  • 2. Води уредно деловни книги согласно важечките прописи и редовно поднесува годишни пресметки во последните две години.
  • 3. Против кое не е покрената постапка за стечај, односно ликвидација и
  • 4. Редовно ги исполнува даночните и царинските обврски

Акцизна обврска настанува со предавање на добрата подложни на акциза во потрошувачка во акцизен склад или со нивното изнесување од него, освен ако не се надоврзува користење на добрата во акцизниот склад, ослободено од акциза или нова постапка на непостоење на услови за настанување на акцизен долг. Акцизен должник е имателот на акцизна дозвола. Ако акцизните добра противправно се пуштат во слободен промет, тогаш акцизен должник е лицето кое извршило такво дејство. За добрата што се произведуваат, акцизен должник е производителот. Во случаите кога престанува важноста на акцизната дозвола или при појава на кусок, акцизен должник е имателот на акцизната дозвола. Кога доаѓа до пуштање на добрата во слободен промет за време на нивниот транспорт, акцизен должник е испраќачот, или превозникот, царинскиот декларант или сопственикот на добрата, во зависност кој од нив дал гаранција при постапката на испраќање на добрата наместо испраќачот. Кога добрата се користат ненаменски, акцизен должник е лицето кое поседува одобрение за акцизно повластено користење. Во случај на увоз, акцизниот должник се определува во согласност со царинските прописи.

Акцизен период за кој се пресметува и се плаќа акцизата е еден календарски месец, во кој настанала акцизата. Акцизниот должник е обврзан да ја пресмета акцизата за периодот за кој настанала, да поднесе акцизна пријава и да ја плати акцизата за секој акцизен период во рок од 15 дена по истекот на секој календарски месец.

Акцизни ослободувања

уреди

Добрата подлежни на акциза се ослободуваат од акциза во следните случаи:

  • 1. За промет во рамките на дипломатските и конзуларните мисии врз основа на посебно спогодби склучени со земјата-испраќач, а врз основа на начелото на реципроцитет;
  • 2. За меѓународни организации, признати од земјата домаќин, како и нивните членки согласно со условите кои се утврдени со меѓународните договори за основање на овие организации или во договорите за одредување на нивните седишта и
  • 3. За воените сили на договорните страни на Северноатланскиот пакт и тоа за употреба и потрошувачка од страна на силите или нивниот персонал или за снабдување на нивните казина и кантини.

Акцизните добра ослободени од плаќање акциза согласно со овој член не смеат да се оттуѓат, освен ако се плати акциза. Извозните акцизни добра се ослободени од оданочување со акциза.

Други акцизни ослободувања постојат во случаите кога производите:

  • 1. Се користат како проба за анализа, за неопходни производствени тестови или научни цели
  • 2. Се уништуваат под даночен надзор
  • 3. Се денатурираат под даночен надзор
  • 4. Се користат за научно-истражувачки цели
  • 5. Патникот ги носи со себе од странство во својот личен багаж, ако не се од комерцијална природа и
  • 6. Минерални масла и гас кои се наоѓаат во стандардните резервоари на моторните возила или авиони кои доаѓаат од странство и не се наменети за натамошна продажба и се ослободени од плаќање увозни давачки согласно со царинските прописи.

Износи на акцизи по производи во Р Македонија

уреди

Во следнате табелa се прикажани износите на акцизите по производи во Република Македонија:

Артикал Акциза
Минерални масла Специфична акциза
1.Моторен бензин
-со содржина на олово повисока од 0,013г/л и авионски 24,396 ден/лит
-безоловен со содржина на олово до 0,013 г/л 21,692 ден/лит
2.Гасно масло
-како погонско гориво за греење 12,121 ден/лит
-како гориво за греење 3,136 ден/лит
3.Течен нафтен гас
-како погонско гориво 4,9 ден/кг
-како гориво за греење 4,876 ден/кг
4.Керозин
-како погонско гориво 9,00 ден/кг
-како гориво за греење 1,8 ден/кг
5.Масло за ложење 0,100 ден/кг
Пропорционална акциза
6.Масла за подмачкување
-минерални масла 7 ден/кг
-препарати 22 ден/кг
Алкохол и алкохолни пијалаци Специфична акциза
1.Пиво 3 ден. по л/степен на алкохол или 1,25ден. л/степен екстракт
2.Вино 0 ден./литар
3.Други пенливи пијалаци 0 ден./литар
4.Други непенливи пијалаци 0 ден./литар
5.Меѓупроизводи 300 ден./литар чист алкохол
6.Етил - алкохол 300 ден./литар чист алкохол
Тутунски добра од 1.01.2006 до 31.12.2006 година Комбинирана акциза
1.Пури и цигарилоси 1,35ден. по парче и 0% од малопродажна цена
2.Цигари 0,07 ден. по парче и 34% од малопродажна цена
Патнички автомобили Специфична акциза
-до 1000 цм3 0 денари
-од 1000 до 1500 цм3 15.000 денари
-од 1500 до 2000 цм3 74.000 денари
-патнички караван 90.000 денари
-од 2000 до 2500 цм3 160.000 денари
-патнички караван 180.000 денари
-од 2500 до 3000 цм3 330.000 денари
-патнички караван 360.000 денари
-над 3000 цм3 470.000 денари
-патнички караван 550.000 денари

[4] Архивирано на 30 ноември 2012 г.

Литература

уреди
  • Атанасовски Живко „Јавни финансии“, Економски факултет, Скопје, 2004.
  • Атанасовски Живко, Богоев Ксенте „Даночниот систем на Македонија - теоретски и практични аспекти“, „Мисла“, Скопје, 1994.
  • Закон за акцизи, „Службен весник на РМ“ 32/2001, 50/2001, 52/2001, 45/2002, 98/2002, 24/2003, 96/2004, 38/2005, 88/2008, 105/2009, 34/2010 и 24/2011.

Наводи

уреди
  1. „Акцизи“. Скопје: Министерство за финансии. Посетено на 16 јануари 2024.

Надворешни врски

уреди