Џон Дауленд
Џон Дауленд (англиски: John Dowland; ок. 1563 - 20 февруари 1626) — англиски ренесансен композитор, пејач и лејтист. Познат е по неговите мелодични и меланхолични песни.
За неговиот ран живот многу малку се знае, но се мисли дека е роден во Лондон или можеби во Даблин. Се знае дека отишол во Париз во 1580 каде бил во служба на амбасадорот на францускиот двор. Дауленд тогаш станал римокатолик, што тој сметал дека го довело до недобивањето на функција на протестантскиот двор на Елизабета I. Меѓутоа, тој никому не му имал кажано за својата вероисповед. Наместо таму, тој работел на дворот на Кристијан IV во Данска. Дауленд се вратил во Англија во 1606 и во 1612 г. се вработил како еден од лејтистите на англискиот крал Јаков I. Починал во Лондон.
Најголемиот дел од Даулендовата музика е за неговиот сопствен инструмент, лејтата. Тука се вбројуваат неколку книги со музика за соло лејта, лејтски песни (за еден глас и лејта), делумни песни со придружба на лејта и неколку дела за конзорциум од ножна виола и лејта. Неговото најпознато дела е лејтската песна „Течете, солзи мои“ (Flow My Teares).
Подоцна Дауленд го компонира неговото најпознато инструментално дело, „Солзи“ (Lachrimae или Seaven Teares Figured in Seaven Passionate Pavans), збирка од седум за пет ножни виоли (да гамба) и лејта, секоја од нив заснована на „Течете, солзи мои“. Во своето време ова станало едно од најпознатите конзорциумски дела. Неговата павана, „Стари солзи“ („Lachrymae antiquae“) исто така била меѓу големите хитови на XVII век.
Даулендовата музика често се подликува со меланхолија која била модерна во музиката во тоа време. Тој има компонирано едно конзорциумско дело со наслов Semper Dowland, semper dolens („Секогаш Дауленд, секогаш тажен“), кој накратко го опишува духот на речиси целиот негов опус.
Даулендовата песна, „Дојди длабок соне, лик на вистинска смрт“ (Come Heavy Sleepe, the Image of True Death), служела како инспирација за „Ноктурно по Џон Дауленд за гитара“ на Бенџамин Бритен (Nocturnal after John Dowland for guitar), компонирано во 1964 за гитаристот Џулијан Брим. Ова дело се состои од осум варијации, сите врз основа на таа песна или придружбата за лејта, конечно завршувајќи со гитарска изведба на самата песна.
Снимки
уреди- Не можете да ја чуете снимката? Видете помош со снимки.
„Галијарда на Ерлот од Есекс“ (The Earl of Essex Galliard) | |
инструментална за лејта |
„Жабја галијарда“ (The Frog Galliard) | |
инструментална за лејта |
„Може ли таа да ми прости“ (Can She Excuse) | |
конзорт со пеење |
Стихови на „Течете, солзи мои“
уреди
|
|
Белешки
уреди- ↑ Препеал: Б. Јанкулоски