Џенем (Новела)
„Џенем“ (руски: На куличках) - новела на рускиот писател Евгениј Замјатин од 1914 година.
Содржина
уредиОфицерот Андреј Иванич, човек со големо чело, добива прекоманда во една касарна, на крајниот исток на Русија, на брегот на Тихиот Океан. Во касарната, тој се соочува со малограѓанштина и зачмаеност, во која офицерите само се опиваат, а нивните жени го минуваат времето во озборување. Таму, тој се запознава со офицерот Шмит и веднаш се вљубува во неговата жена Марусја, но нема храброст да ја искаже својата љубов. Еден ден, откако Шмит му се спотивставува на генералот, тој е затворен во градот каде го чека судење, со веројатна долгогодишна затворска казна. Марусја добива писмо од генералот, во кое тој бара од неа да го посети, ако сака да го спаси својот сопруг. Марусја ја прифаќа поканата и Шмит се враќа во касарната. Меѓутоа, нему му е јасно како ја добил слободата и почнува психички и физички да ја тормози Марусја, иако длабоко во себе сè уште ја сака. Еден ден, тој оди во куќата на генералот со намера да го убие, но генералот веќе заминал во градот.
Во касарната притигнува француска делегација и во нивна чест се приредува бал на којшто сите офицери се опијануваат. Поручникот Тихмењ, кого цело време го мачи прашањето за татковството на синот на капетанот Нечеса, одлучува да ја расчисти работата и го прашува самиот капетан Нечеса (чија сопруга има деца со повеќе офицери во касарната) и меѓу нив започнува тепачка, по што Тихмењ паѓа од стражарската кула и умира. За време на балот, Марусја бара од Андреј Иванич да го убие Шмит. Откако собира храброст, Андреј го зема револверот и оди кај Шмит, но наместо да го убие, Шмит пука во него. Потоа, Шмит го кани Андреј Иванич на двобој, но тој одбива, по што Шмит извршува самоубиство. На неговиот погреб, генералот чита потресен говор, а Марусја веќе ја напуштила касарната.[1]
Осврт кон новелата
уреди„Џенем“ е новела од раниот творечки период на Замјатин. Новелата ја отсликува темната страна на дуалнито светоглед на авторот - ентропијата, која води кон пасивност, глупост, ограниченост и рамнодушност. Новелата наишла на добар прием кај прогресивната критика, но таа била забранета од царската власт, поради нејзиниот антимилитаристички тон и сатиричниот однос кон декадентниот живот на руските офицери.[2]
Изданија на македонски јазик
уредиВо 2016 година, новелата била објавена на македонски јазик, во издание на „Бегемот“, во рамки на едицијата „Ars magna“, а во тираж од 500 примероци. Преводот од руски јазик го направила Мирјана Наумовска (Мими Наум); ликовното уредување на книгата е дело на Бојан Димитиревиќ; а јазичната редакција ја направил Андреј Јованчевски. Книгата била преведена со финансиска помош на програмата за превод на руска книжевност, на Фондацијата „Михаил Прохоров“, а била испечатена во „Печатницата Наумовски“ од Скопје. Книгата, со димензии од 18 сантиметри и со обем од 137 страници, е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4718-52-9.[3]