Ѓорѓе Марјановиќ (6 мај 1939 - 2 април 2022) — професор по кривично право, почесен претседател на Лигата за демократија и дисидент од времето на комунизмот.

Податотека:Marjanovic.jpg
Ѓорѓе Марјановиќ

Роден е во Стара Моравица, Србија. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962. Магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата: "Правните последици на осудата". Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата "Правната положба на осуденикот по издржаната казна". Сиот работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд-Скопје II, го поминал на Правниот факултет во Скопје: асистент (1965-1974); доцент (1974-1979); вонреден професор (1979-1985) и редовен професор (1985-2001).

За време на комунизмот професионално се ангажирал за слобода на уверувањето, совеста, мислата и нејзиното јавно изразување, покренувајќи го прашањето за укинување на некои тогаш мошне проблематични инкриминации:

  • на XXI советување на Југословенското здружение за кривично право и криминологија (Струга, 24-25 октомври 1983) во уводниот реферат побарал укинување на фамозниот "деликт на мислење", содржан во чл. 133 КЗ СФРЈ, за што бил изложен на остри критики од страна на комунистичкиот естаблишмент и партиски казнет, по што самиот истапил од Сојузот на комунистите на Југославија;
  • се залагал за посебен третман на политичките затвореници во пенитенцијарните установи на СФРЈ;
  • се залагал за слобода на совеста во врска со инкриминацијата-Одбивање прием и употреба на оружјето (чл. 202 КЗ СФРЈ) од страна на припадниците на некои верски заедници.

Марјановиќ е член на Форумот за човекови права на Македонија од неговото основање.

По воведувањето на повеќепартискиот систем ја основа и е избран за претседател на првата опозициона партија во Македонија - Лига за демократија (од 21 ноември 1989 година, кога ја напишал нејзината политичка платформа). На чело на партијата е до 2006 година, кога по парламентарните избори, се повлекува од функцијата претседател на Лигата за демократија.

Познат е по своите колумни во „Дневник“, а по локалните избори 2005 година е советник во Советот на град Скопје.

Дела

уреди
  • „Правната положба на осуденикот по издржаната казна“ (1973)
  • „Одбрани теми од материјалното кривично право“ (1978)
  • „Кривично право - општ дел“ (пет изданија: под наслов „Предавања по кривично право - општ дел“ -1978, 1980 и 1982; под наслов „Кривично право - општ дел“ - 1988 и под наслов „Македонско кривично право - општ дел“ - 1998)
  • „За проблемот на политичката деликвенција во Југославија (1984)
  • „Непријателска пропаганда“ (1986)
  • „Custodia honesta“ (1987)
  • „За статусот на политичките затвореници“ (1988)
  • „Одбивање прием и употреба на оружје“ (1987);
  • „Стручен труд - сотија“ (1995).

Марјановиќ има преведено дела од германски (Карл Маркс „Осумнесеттиот бример на Луј Бонапарта“ и „Откритија за процесот на комунистите во Келн“; Г. Кајзер, „Криминологија“) и француски јазик (Антоан де Сент-Егзипери „Земја на луѓето“; Марсел Пруст „Во потрага по загубеното време“).