Ѓаволски Ѕид
Ѓаволски Ѕид — природна карпеста појава на југозападните падини на планината Богословец и десниот брег на реката Брегалница.
Ѓаволскиот Ѕид | |
Место | Богословец, Општина Лозово, Македонија |
---|---|
Област | Овче Поле |
Координати | 41°45′03.0″N 22°01′14.8″E / 41.750833° СГШ; 22.020778° ИГД |
Надм. вис. | 250 м |
Вид | мегалитна образба |
Должина | 300-400 м |
Ширина | 1-2,5 м |
Висина | 2-5 м |
Историја | |
Материјал | камен |
Белешки за наоѓалиштето | |
Јавен пристап | да |
Географија и местоположба
уредиЃаволскиот Ѕид се наоѓа околу 2 км југоисточно од врвот Свети Јовански Рид и околу 250 м северно од реката Брегалница, на надморска височина од околу 250 м. Месноста во којашто е сместен е релативно слабо пристапна. Со теренсо возило, до него може да се пристапи од два правци. Првиот е по макадамски пат којшто води од ЖС „Овче Поле“ до селото Богословец во должина од 5,5 км. Потоа, по патека се оди пеш до седлото Калиманец (548 м) меѓу врвовите Свети Јовански Рид (755 м) од десната (северна) и Тиски Врв (747 м) од левата (јужна) страна во југозападен правец на движење во должина од 5 км. Оваа патека на движење е потешка, особено во крајниот дел. Вториот начин е по макадамски пат кој започнува близу ЖС „Овче Поле“, продолжува покрај селата Делисинци и Аџибегово, и води по течението на Светиниколска Река. По поминати 7 км и околу 1 км пред вливот на Светиниколска Река во Брегалница се скршнува кон исток по слабо проодна патека и по околу 2,5 км се пристигнува до Ѕидот.[1]
Ѕидот се протега во правец исток-запад-северозапад во должина од 300-400 н. Појавата започнува од месноста Грлиште во југозападното подножје на Тиски Врв (747 м), продолжува околу 260 м кон запад до месноста Плавиште и потоа свртува кон северозапад долж западното подножје на планината Богословец. Карпестите образби се најизразени од обете страни на Грлишки Дол, односно на 50 м од реката Брегалница од нејзината десна страна. На источната страна од долот, појавата е долга околу 100 м и во средишниот дел речиси целосно е еродирана до подлогата. На западната страна од долот, појавата е нешто подолга и пониска. Висината на Ѓаволскиот Ѕид е променлива во зависност од сочуваноста и интензитетот на ерозија, а во просек изнесува од 2-5 м со најголема висина од 11 м. Ширината е релативно изедначена, но поради различниот интензитет на ерозија се движи од помалку од 1 м до околу 2,5 м. На некои места каде што карпите се поцврсти, од Ѓаволскиот Ѕид се испакнуваат ‘ртови, што исто така е последица на различниот интензитет на ерозија.[2]
Геоморфологија
уредиКарпестите образби на Ѓаволскиот Ѕид имаат главно природно потекло, но одредено влијание во нивното образување имал и човечкиот фактор. Како последица на раседната тектоника и регресивното навлекување на карпестите маси од палеозојскиот комплекс на планината Богословец дошло до нарушување на еоценските седиментни слоеви во близина на раседните линии. Нивната положба којашто претходно била хоризонтална постепено станала вертикална поради притисоците од северната страна, а ова е јасно забележливо на повеќе места во овој предел. Ѓаволскиот Ѕид се состои од варовници и песочници коишто се испакнати во однос на околината, бидејќи меките карпести маси се еродирани и однесени. Структурата на карпите не е целосно хомогена и содржи квартни жици и песочници, па на одредени места постепено се создаваат пукнатини и мали процепи коишто на Ѓаволскиот Ѕид му даваат мозаичен изглед како на ѕид изграден од камени блокови. Поради притисоците од планината Богословец од север, вертикално исправените слоеви се јавуваат како ленти во појас чија ширина изнесува околу 300-400 м. Јужниот дел на слоевите, каде што е сместен Ѓаволскиот Ѕид е најсилно еродиран и има најцрвсти варовнички ленти, па затоа на тоа место појавата е најизразена. Меандрата образувана од реката Брегалница на југ постепено се поместува кон север и бавно го поткопува наоѓалиштето, а за период од неколку илјади години може и целосно да го еродира.[2]
Освен водата којашто се слева по карпите и врши механичка и хемиска ерозија, важно влијание имаат и температурните промени затоа што се работи за присојна страна со изразито дневно загревање и ноќно ладење.[2] Екстремните годишни температури на подрачјето изнесуваат -22.7 °C и 42.5 °C, што значи дека температурната разлика е 65.2 °C.[3]. Сепак, од особено значење се дневните и сезонски температурни промени, кои исто така се значителни со оглед на експонираноста на појавата. Врнежите во подрачјето се ниски и изнесуваат 480 мм годишно,[4] иако највисоките дневни вредности можат да достигнат до 62 мм,[3] а интензитетот понекогаш остигнува и до 25 мм во 20 мин.[5] Ваквиот интензитет на врнежи во оголен предел со наклони како што е подрачјето на Ѓаволскиот Ѕид предизвикува забрзано плакнење на површината. Силните ветрови водат до откршување на ситни парчиња од карпите, а дел од нив удираат во карпестите блокови предизвијувајќи разјадување на површината. Растителноста исто така врши напукнување и разорување на блоквите, па затоа и доаѓа до нивно кршење на парчиња.[2]
Во врска со влијанието на човечкиот фактор, на просторот околу појавата со векови била уништувана шумската растителност. Со тоа, на површината се окткриени оголени почвени и карпести слоеви коишто се на удар на атмосферските влијанија и на тој начин доаѓа до засилена ерозија и во релјефот се појавуваат карпести лентести слоеви. Врз основа на значителното човеково влијание, степенот на ерозија на еоценските седименти и погодните природни влијание, создавањето на Ѓаволскиот Ѕид веројатно се случило пред околу 1.000-2.000 години, иако неговото образување и менување и натаму се одвива. Според составот на карпестите маси на појавата, најбргу се уништуваат деловите коишто се најподложни на ерозија, односно оние коишто се сместени во доловите на самите вододелници, затоа што се најмногу на удар на површинските текови, ветровите и др. Оттука, изгледот на појавата за неколку стотици години би се изменил во зависност од промената и динамиката на ерозивните фактори. Некои делови се очекува целосно да бидат уништени, а можно е да се појават нови во сличен или поинаков облик. Како последица на природниот процес на развој на релјефот, во иднина Ѓаволскиот Ѕид се очекува целосно да биде уништен.
Теории за потеклото
уредиПриродна појава или човечка градба
уредиПостои научен спор во однос на потеклото на Ѓаволскиот Ѕид. Најзастапено е мислењето дека се работи за природна карпеста појава, но постојат и мислења дека станува збор за древна мегалитска градба. Во 1970 година, југословенскиот археолог Милутин Гарашанин утврдил присуство на врзивен материјал со црвена боја меѓу некои од блоковите, што оди во прилог на тезата дека се работи за човечка творба. Сепак, ваквата претпоставка наметнува колебање околу тоа како се изведувала изградбата, бидејќи ѕидот се наоѓа на изразито тешко пристапно терен. Поради тоа, превезувањето на огромни камења тешки и по 4 тона барало соодветна техника и умешност на градителите.[6]
Предание за Бог и ѓаволот
уредиКај народот од околните места постои верување дека градбата е дело на надземни сили, односно на ѓаволот, па оттаму и го добил името „Ѓаволски ѕид“. Според легендата, ѓаволот се обложил со Бога дека за една ноќ ќе изгради ѕид и ќе ја пренасочи Брегалница преку ридот кон Овче Поле. Ноќта започнал да го гради ѕидот и тоа го правел со голема брзина, така што немало сомнение дека ќе ја оствари својата цел. Но, откако Бог увидел дека заканата дека заканата станува реалност, предвреме разбудил еден петел кој пропеал, означувајќи го почетокот на зората, па така ѓаволот не успеал до крај да оствари својата замисла.[6][7]
Предание за вонземски сили
уредиВо малку подревен облик, кај народот пости верување дека ѕидот е дело на вонземјани, а во прилог на ова преданиесе наведуваат приказни според кои во последните пет декади наводно над Ѕидот виле забележани педесетина неидентификувани летечки објекти. Мештанин познат како Дедо Иљо од селото Богословец велел дека уште како дете со своите другари забележувал необични летала коишто често го надлетувале Ѕидот и предизвикувале страв кај месното население. Голем број риболовци и ловци исто така забележале надлетување и дури спуштање на необични летала. За вакви необични појави во 2020 година се пишувало во повеќе медиуми во Македонија и во странство.[6]
Тунел со богатство од римско време
уредиМеѓу трагачите по злато е распространета приказна според која Ѕидот потекнува од римскиот период и дека тој крие тунел со големо богатство. Тунелот е обележан и на некои топографски карти коишто вешти измамници им ги продаваат на научни трагачи по богатство. Според нив, тунелот е главна причина што Ѕидот го посетуваат диви копачи на богатство. Некои медиуми пишувале дека хеликоптер на НАТО од подножјето на ѕидот кренал огромна плоча, а очевидци тврделе дека притоа е изнесено големо богатство. Освен тоа, во повеќе наврати биле забележани диви копачи од соседната земја кои претставуваат опасност за состојбата на Ѕидот.[6]
Галерија
уреди- Панорами
-
Панорама на Ѓаволскиот Ѕид
-
Панорама на Долината на Брегалница кај Ѓаволскиот Ѕид
- Ѓаволскиот Ѕид
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ М., И.. „За Ѓаволскиот Ѕид, но од научна точка!“. Игеографија. 27 ноември 2011.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 Милевски, И. (2009). „Геоморфолошки одлики на Богословец и локалитетот Ѓаволски Ѕид“. Географски разгледи. Скопје. 43: 27–39.
- ↑ 3,0 3,1 Лазаревски, А. (1993). Климата во Македонија. 43. Скопје: Култура.
- ↑ Зиков, М.; Георгиева, М.; Андоновски, Т.; Стојмилов, А.; Граматниковски, В.; Бакева, В.; Димитриевски, В. (1997). Влијанието на Средоземното Море врз климата на Република Македонија. Куманово.
- ↑ Шоклевски, Ж.; Тодоровски, Б. (1993). Интензивни врнежи во Република Македонија. Скопје: Градежен факултет. line feed character во
|title=
во положба 31 (help) - ↑ 6,0 6,1 6,2 6,3 М., М.. „Македонски кинески ѕид: Мистеријата на „Ѓаволскиот Ѕид““. Организација на жени на Општина Свети Николе.
- ↑ К., В.. „Ѓаволски ѕид Архивирано на 17 септември 2020 г.“. Балкон3.
Надворешни врски
уреди- Ѓаволски Ѕид на Ризницата ?