Застава 1300/1500

(Пренасочено од Zastava 1300/1500)

Застава 1300/1500 е автомобил кој се произведувал во крагуевската фабрика за автомобили „Застава“. Овој автомобил кај народот е познат како Фиатка или Тристаќ.

Застава 1300/1500
Fiat 1500
ПроизведувачЗастава автомобили Крагуевац
Познат и какоФиатка, Тристаќ
Производство1961-1979
КласаСредна висока класа
Вид каросерија4-врати
Мотор1295 cc OHV I4
1481 cc OHV I4
Пренос4-брзини рачен менувач
Меѓуоскино раст.2,425 mм (2.425 м) (1300/1500)
Должина4,030 mм (4.03 м) (1300/1500)
Ширина1,545 mм (1.545 м)
Висина1,365 mм (1.365 м)
Нетоварена тежина960 кг (980 кг)
СродниFiat 1300/1500
SEAT 1500
Fiat 125
Polski Fiat 125p
Застава 125pz
КонструкторДанте Џиакоза и Аурелио Ламперди

Производство

уреди

Набрзо откако на пазарот е претставен Fiat 1200 Gran Luce во 1957 година (кој всушност е подобрена верзија на компактните модели Fiat 1100 од 1953 година) започнато е со студијата да се изработи автомобил од повисока класа кој би ја пополнил празнината помеѓу големите и луксузни модели Fiat 1800/2100 и компактните Fiat 1100. Конструиран е моделот Fiat 1300 што ги обединувал истовремено економичноста на малите модели и комфорот на големите модели. Изработувани со ознака 116С.000 и 115С.000 на пазарот познати како Fiat 1300 односно Fiat 1500 биле идентични возила кои се разликувале само во моторот. Дизајнер на овој автомобил бил Данте Џиакоза кој исто така го дизајнирал и Fiat 600 т.е Застава 750, додека моторот го дизајнирал Аурелио Ламперди, познат инженер на Ferrari.

Изработени биле 19 прототипови со кои се поминати преку 1,5 милиони километри сурови тестирања. Со успех моделот на пазарот е претставен во април 1961 година. Се покажал како модел пред своето време, истовремено било и многу робустно и издржливо возило.

Автомобилот Застава 1300/1500 започнал да се произведува со лиценца, напоредно со италијанскиот модел Fiat 1300/1500 во 1961 година.

Кон крајот на шеесеттите веќе е забележлив трендот на изработка на нови возила со рамни, кубични форми на каросерии. Во Италија веќе беа лансирани директните наследници на моделот 1300 (Fiat 124) и моделот 1500 (Fiat 125). Истите од средината на седумдесеттите лиценцно се произведуваа во Советскиот Сојуз (Лада 1200/1300/1500/1600) и Полска (Polski Fiat 125p). Доаѓајќи од клириншкоит пазар на просторите на СФРЈ тие модели беа замена на веќе каросериски застарениот модел на Застава 1300.

Последниот Застава 1300 е произведен на 20 декември 1979 година. Вкупно биле произведени 201.160 единици. Според повеќето автокритичари, Застава 1300/1500 е најдобриот автомобил кога и да е произведуван во Застава, а и еден од подобрите кои се возел во СФР Југославија.

Изглед и перформанси

уреди

Застава 1300 бил голем, комфорен автомобил со одлична суспензија, грандиозен изглед кој наликувал на новиот тренд кај американските автомобили. Многу хром, потентен мотор, внатрешност со црвена кожа кај Luxe верзијата и одлична завршна обработка го правеле овој автомобил сон за секој млад човек во Европа, а и во поранешната СФРЈ.

Доаѓал во две моторни изведби и тоа од 1295 cc OHV I4 и 1481 cc OHV I4 со 60КС односно 73КС.

  • Застава 1300 - 1295 cc (пречник и од 72 x 79.5 mm) OHV 4 цилиндри во линија 60КС @ 5,400 rpm
  • Застава 1500 - 1481 cc (пречник и од 77 x 79.5 mm) OHV 4 цилиндри во линија 73КС @ 5,400 rpm

Застава 1300 имал максимална брзина од околу 140 км/ч и 155 км/ч кај моделот 1500, што го правел еден од побрзите автомобили во СФРЈ. Таа негова моќност била препознаена од тогашната Милиција и долги години служел како милициско возило.

Кон крајот на 60-тите години, за европскиот, африканскиот и блискоисточниот пазар (пред сè во неврзаните земји) производството на Застава 1300 преминало потполно во Југославија. Извршени се мали измени во ентериерот, рачката од менувачот веќе не е на волан, туку е сместена долу помеѓу седиштата, на предните седишта додадени се наслони за глава, сериски се вградуваат сигурносни појаси, додадена е полица помеѓу предните седишта и слично. Однадвор е извршена промена на предната маска и извадени се од употреба хромираните прагови. На сите 4 тркала се поставени диск кочници, a дијагоналните гуми 5.60-13 заменети се со радијални tubeless гуми 165 SR 13. Истовремено се рационализирало производството заедно со тогашните модели на Застава како што се 101, 125Pz. Италијанските и француските делови од увоз кои биле вградувани до 1973 година се замениле со југословенски или полски. Моторите се произведувале во фабриката "21 Мај" во Раковица, па тогаш се појавиле и првите поплаки за поголемата потрошувачка на гориво, особено кај моделот 1500.

Потрошувачката на моделот Застава 1300, со двогрлен Weber карбуратор изнесува:

  • Градски режим - 12l/100 км
  • Отворен пат - 7l/100 км
  • Комбинирано - 9,5l/100 км

Фабричките податоци за комбинирано возење според Fiat изнесуваат 9,3l/100 км.

Останати модели

уреди

По лиценца на моделот Fiat 1300/1500, во Шпанија се произвеле околу 183.000 возила SEAT 1500, во Германија во фабриката Neckar во Хајлброн (поранешен NSU-Fiat) се произведувала верзија Mistral 1500, како и изменета спортска верзија Mistral 1500 TS coupe со супер моќни мотори од 94КС. Од 1963 година моделот 1500 се произведувал во Аргентина, каде се произведувала и pick-up верзија со 3 седишта на предната клупа наречена Fiat 1500 Multicarga.

Од средината на 70-тите во Богота во Колумбија со југословенски делови се произведувала идентична верзија на Застава 1300. Вкупно низ светот се произведени околу од 1.900.000 примероци.

Во популарната култура

уреди

Застава 1300 го добива својот сјај како популарен олдтајмер во последните неколку години, заедно со Застава 750. Особено голем интерес пронаоѓа кај младите луѓе кои сакаат да се потсетат на старите времиња кога овие возила биле вистинско секојдневие на улиците во поранешна СФРЈ. Комоцијата која ја нуди овој автомобил може да парира на модерните автомобили, а според некои мислења дури и да е подобра. Луксузот, комоцијата и изгледот го прават овој автомобил особено баран во поранешните југословенски простори, а и во западните европски земји.