Црква „Св. Спас“ - Драчево
Свети Спас или Вознесение Христово — македонски православен храм во селото Драчево. Храмот се наоѓа веднаш од левата страна на патот, односно главната улица „Драчевска“. Препознатлив е по својот убаво уреден двор и висока камбанарија. Црквата е изградена во 1849 година и е една од најстарите цркви во таа област. Покрај за патрониот празник Спасовден, во црквата се одржува ручек за празникот Свети Атанасиј (31.1) кога жителите на Драчево традиционално со векови колат жртва за здравје, што не е одобрено од свештенството. Исто така од оваа црква со црковни знамиња и икони се пешачи преку Марков Рид до манастирот Пеленица и назад за празникот Покрсти. Во рамките на црквата постои сала за ручање и други услужни објекти. Внатрешноста на црквата се одликува со фрескоживопис, икони, иконостас и натписи на црковнословенски и македонски јазик.
Свети Спас
| |
Поглед на западната страна на црквата „Свети Спас“ | |
македонска православна црква | |
Епархија | Скопска |
Архијерејско намесништво | Скопска |
Местоположба | |
---|---|
Место | Драчево |
Општина | Кисела Вода |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Исус Христос |
Изградба | 1849 година |
Живопис | 1857 година |
Зограф | Дичо Зограф |
Архитектонски опис |
Историјат
уредиКон крајот на 1857 година живописот и иконостасот во црквата Свети Спас во Драчево ги изработил прочуениот македонски зограф и иконописец Дичо Зограф[1]. За иконостасот во овој храм го насликал Архангел Михаил на олтарната врата од жртвеникот, престолната икона со претставата на св. Харалампиј и празничната икона Вознесение Христово, на која се чита Дичовиот потпис, датата 26 ноември и годината 1857. Останатите престолни и празнични икони и иконите со апостолите се претпоставува дека се насликани од некои од неговите соработници. Иконописната ризница на овој храм денес чува околу педесетина помали икони насликани од раката на Дичо Зограф[1].
За црквата Свети Спас во Драчево пишувал и македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ од 21 мај 1855 во „Цариградски весник“. Тој запишал дека Драчево има нов црковен храм „Свети Спас“ и едно мало училиште кое пустее без учител[2]. Добрите, гостољубиви и богати драчевски селани биле изгубени во црквата поради тоа што им служел грчки поп, кој богослужел на грчки јазик, од што селаните ништо не разбирале[2].
Со Едренскиот мир (1828) и договорот меѓу Русија и Турција (1830), на христијанскиот свет под турска власт му се даваат поголеми привилегии. Со објавувањето на највисокиот турски државен декрет Гилханскиот Хатишериф 1839 година, се прокламира првпат од султанот Абдул Меџит полна рамноправност пред законот на сите граѓани без разлика на вера, народност и социјална полодба. Овие важни реформи, иако не во целост, сепак во Македонија отвораат нов процес на политички, социјалноекономски, просветни и духовни движења. Се отвораат црковно просветни училишта, се воведува црковнословенски јазик во богослужбите, се негува говорниот македонски јазик и се градат многу цркви. Имајќи ја предвид ваквата состојба, повидните драчевци заедно со свештеникот Василиј покренуваат иницијатива за изградба на нова поголема црква, бидејќи старата била мала и не ги задоволувала црковните потреби. Барањето е поднесено до скопскиот паша. Драчевци сигурно добиле ферман за ѕидање на црквата. Најголем придонес за подигнување на нова црква има тогашниот скопски митрополит Јоаким, кој се јавува и како ктитор на црквата. По потекло бил Грк роден во Антигона. Бил добар и совесен архијереј, наспроти неговите пртходници. За негово време ојакнале христијанските населби, го развивал црковниот дивот преку отворања на училишта и во богослужбите вовел црковнословенски јазик. Митрополитот Јоаким бил несебичен дарител во изградба на цркви, на добротворни и просветни цели, па затоа и бил омилен меѓу народот. Умира на 25 февруари 1868 година, а погребан е во дворот на црквата „Света Богородица". Свештеникот Јелисеј од Горно Соње за него вака ќе забележи: „Претстави се господин Јоаким на лето 1868... и го кренаа от митрополиа со свештеници, со ученици, со анагности, со господин Ќустендилски (митрополит), со господин Пајсиј Врањски, го пренесоха по Тафтакала, до пазариште (покриена чаршија), пак отвам доле кај Пекчи, кај Фиронлака го однесоха у цркви нова свјатија Богородица, со голема чес и слава. Се претстави у недела навечер на сатот дванаес, а погреба у среда на сатот два. Што беше живо и турско и рисјанско све дојдова да видат, и четириесе свештеници облечени со фелони и еден псалтир му исчатија".
Локацијата за новата црква била стотина метри југоисточно од старата каде што и денес постои. Има два записа на годините за започнувањето со изградбата на црквата. Едниот се наоѓа на ѕидот на северната страна од црквата (под галеријата до влезот на малата врата), додека вториот податок е запишан на северната олтарна врата, а пак во првиот дел стои само годината 1848 со црковнословенски букви. Ако се земе предвид дека северната врата ја работел Дичо Зографот во 1858 година, значи неговиот натпис е ставен пред првиот, затоа што живописот на ѕидовите е правен по смртта на митрополитот Јоаким како што стои во првиот натпис. Дичо учествувал во изработка на иконостасот и може да му се верува повеќе на неговиот податок кој го впишал на северната олтарна врата. Храмот спаѓа во редот на поголеми трокорабни базилики без купола какви што се црквите: „Св. Димитриј“ во Битола, „Св. Богородица“ во Скопје, „Св. Ѓорѓи“ во Струга, „Св. Пантелејмон“ во Велес, ѕидани во првата половина на XIX 19 век.
Архитектура
уредиГрадители на црквата најверојатно се Дебарчани, Петре Гарката со наговата тајфа, кои ја граделе и црквата „Св. Богородица“. Црквата „Св. Спас“ има правоаголна основа со димензии: 2025 × 1170 и висина 10 метри. Ѕидана е со камен и малтер. По кажувањата на Велика Божиновска (сега покојна), која ги слушала од својот дедо, каменот бил носен од старата црква. Во работата учествувале сите жители од селото, особено помладите лица. Каменот се пренесувал од рака на рака поредени во два реда, од едната страна момчињата, а од другата девојчињата. Централниот кораб се издига повисоко од страничните и е соѕидан од плитар. Ѕидовите се дебели еден метар од сите четири страни. Поставена е еден метар во земја како што наложувале турските фермани. Употребата на природни градежни материјали придонесува црквата да добие компактност и цврстина. Денес се користи влез на црквата од јужната страна, а постојат уште два влеза од западната страна. Јужниот влез има две дрвени врати дебели 10 сантиметри. Од западниот дел едниот влез е со две дрвени врати, а другиот е помал со една дрвена врата. На лунетата на главниот влез е насликана главата на Бог Отец со двете отворени очи што симболизира надгледување на верниците, односно Божјото сезнаење и секаде присутност и грижа за нас луѓето.Наосот е поделен на три кораба формирани од два реда дрвени столбови. Столбовите се потпрени на камена основа, опшиени со трска и малтерисани. Нивната висина е 430 сантиметри и пречник 40 сантиметри. Нив ги има по пет, поредени во два реда, кои се поврзани со аркади што го делат централниот брод од страничните. На источниот дел е олтарниот простор со полукружна апсида со две помали прозорчиња, ѓаконик, жртвеник и мијалник.
Во западниот дел од наосот е галеријата до која се доаѓа преку внатрешни камени скали на северната страна. Во галеријата може да се влезе одвнатре и директно однадвор преку малата врата. Целата дрвена конструкција на галеријата се потпира на двата дрвени столба. Во аголот на јудната и западната страна постои камен сад за крштевање.Во централниот дел од наосот се наоѓаат, певници, места каде што пеат црковните псалти. До десната певница се наоѓа архијерејскиот престол, каде стои икона на св. Кирил и Методиј, зографисана од Петар Николов во 1874 година, од село Ореовец Велешко. Големината на оваа икона е: 143 × 73 сантиметри, работена на дрво, и на неа се напишани дарителите. Централниот кораб се издига повисоко од страничните. Во него има четири внатрешни куполи, а едната е во олтарот. Страничните имаат исто по четири куполи од кои по една се во олтарот. На централниот кораб има десет прозорци, кои однадвор се крстовидно направени. Во црквата исто така има тринаесет поголеми прозорци со димензија 80 × 70 во правоаголна форма. Овие прозорци даваат природно осветлување во црквата и истите се заштитени со железни решетки. Подот е со голедои камени плочи, а од 1997 година поставен е мермер. На западната страна и дел од јужната во 1912 година дограден е трем (артика). По кажувањето на старите драчевци артиката била доградена за да ја заштити црквата од поплави бидејќи истата година се случило надојдената вода да влезе во црквата. Таа служела и за црковни потреби (парастаси, и др.) Сега црквата е покриена со ќерамиди.
Живопис
уредиНа северната страна од наосот на ѕидот во првата зона од иконостасот кон галеријата се насликани:
- Св. Кирил и Методиј;
- Св. Климент и св.Наум;
- Св. Јован Рилски и св. Јоаким Осоговски;
- Св. Прохор Пчински и св. Гаврил Лесновски;
- Св. Иларион Злетовски и св. Ѓорѓи Кратовски;
- Св. Јоаникиј.
Во втората зона по ист распоред се:
- Св. Теодор;
- Св. великомаченик Ѓорѓи;
- Рождество Христово.
На јужната страна во првата зона од иконостасот кон галеријата претставени се следните светители:
- Св. Спиридон Чудотворец. Насликан е во природна големина, претставен со чудото направено на Првиот вселенски собор. Од неговата лева и десна страна се насликани по три фрески од неговите чуда. Богатото претставување на св. Спиридон се должи на дарителството на грнчарскиот еснаф од Драчево како благодарност кон нивниот заштитник. На левата страна ги има приложниците на грнчарскиот еснаф.
- Св. Петка и св. Варвара;
- Св. Константин и Елена;
- Св. Симеон Столпник и св. Трифун;
- Св. Никола и св. Пантелејмон;
- Св .Ефтимиј и св. Антониј.
Во втората зона по ист редослед се:
- Св. Нестор;
- Св. Димитриј;
- Богојавление;
- Св. пророк Исаија.
Овие фрески се живописани од зографот Димитар Андонов Папрадишки во 1943 година. Првата зона одлево и оддесно е заменета со живописи правени на шпер плоча и монтирани на ѕидот. Под галеријата на крајот од јужната страна има стари фрески претставени со двајца светители. На ореолот пишува св. Унофриј. По описот на ликот соодветното име е неточно. Се работи за светител со долга бела брада до земја и со долга коса. Изгледот на ликот одговара на св. Онуфриј (25 јуни) (се работи за погрешно запишано име на старословенски јазик). На северната страна под галеријата претставени се Адам и Ева во рајот. Во олтарот, во апсидата насликани се од лево на десно: св. апостол Петар и Павле, св. Јован Златоуст, св. Василиј Велики, св. Григориј Богослов и св. апостол Тома. Горниот дел од апсидата е св. Богородица со Христос. Во жртвеникот насликан е Господ Исус Христос со раните, во големина 141 сантиметар. Исус стои на наковално со раширени раце, со дланките свртени надолу, од кои тече крв. Оддесно на ребрата тече крв, со нозете стои на наковално и од нив тече крв која се собира во еден сад во јајцевидна форма. Исус со показалецот на десната рака покажува кон храмот. На горниот дел од фреската Господ Исус Христос е претставен на престолот, а над него пишува Горе на престоле. На долниот дел е потпишан зографот, а за време на цртањето на фреската дежурен свештеник во црквата бил Димитриј. На крајниот долен дел од фреската напишани се и дарителите на самата фреска. Во централното кубе насликан е Господ Исус Христос со Неговите апостоли.
Иконостас
уредиМеѓу наосот и олтарот на храмот се наоѓа богат иконостас. Според архитектонската конструкција направен е од дрво и е поделен на два ката. Првиот се состои од два правоаголни простори од кои едниот е празен, а во другиот се наоѓаат икони со димензии 101 × 74 сантиметри. Над корнизот кој ги дели катовите постои фриз којшто нема никаква декорација. Во вториот кат се наоѓаат два реда квадрати во кои се сместени икони. Во првиот ред се празнични икони и икони на светители, а во вториот ред се икони на апостолите. Посебно значење и убавина на иконостасот му даваат Царските двери, Големиот крст кој се наѓа на најгорниот дел на иконостасот и завесата.Царските двери се изработени во резба, богато се украсени со лисја и цветови во позлатена боја. На нив се насликани: Бог Отец, Кој со левата рака ја држи вселената, потоа лево и десно се Соломон и Давид, во средината Архангел Гаврил и Св. Богородица, а во долниот дел Св. Василиј и Атанасиј, Св.Никола и Св. Јован Златоуст. На празниот дел од резбата на дрвото нацртани се разнобојни цвеќиња со листови. Завесата е од платно и на неа е претставен Господ Исус Христос во путир со раширени раце, со двете благословува и до рацете стојат ангели, а во долниот дел исто така се насликани ангели. Големината на завесата изнесува 116 × 82 сантиметри. На средината од завесата е потпишан зографот Дичо.[1]
Високо на средината на најгорниот дел од иконостасот се издига големиот крст како симбол на победата на христијанството. Неговата димензија е 200 × 180 сантиметри, а странично е опкружен со резба во позлатена боја. На него е нацртано распетието Христово. Од сите четири страни на краевит на крстот насликани се евангелистите во своето симболично значење. Под нозете Христови нацртан е череп. На горниот дел од крстот стои гулаб со раширени крилја, кој го симболизира св. Дух. Десно и лево од крстот на долниот дел извајани се два крилести змеја, свртени со грбот кон крстот.Тие се симбол на победен грев и многубоштво. Од нивните разјарени вилици со остри големи заби, се подига десно сликата на Пресвета Богородица, а лево сликата на св. Јован. Десно од крстот стои копјето, а од левата страна сунѓер. Лево и десно на иконостасот стојат птици со раширени крилја, како негови чувари. Сите заедно, Царските двери, завесата и Големиот крст даваат изразито богато уметничко остварување. Ова се должи на големиот мајстор Дичо Зографот, кој учествувал во изработувањето на иконостасот. Во ова време тој го достигнува крајниот дострел на своите творечки модности со иконите. Се ориентира кон складни премини во моделацијата, смалувајќи го интензитетот на бојата што се користи при сенчењето и ја доведува до совршенство играта на светлината и сенките на лицата и рацете на светителите. Како познат и баран мајстор, тој е соочен со многубројни нарачки во Скопската митрополија. Дичо Зографот учествувал во уредувањето на иконостасот и во 1858 година комплетно е завршен, и сигурно тогаш е осветена црквата.
Ктитори и приложници за изградбата на храмот, како што запишал Дичо Зографот во жртвеникот, се следните: Јоаким архијереј; Јеромонах Елисеј; Јеромонах Герасим; Косто; Стефан; Трајко; Крсте; Петруш; Марија презвитера; Димитриј јереј; Василики презвитера; Константин; Елена; Ана; Петре јереј; Божана презвитера; Константин поклоник; Кочо поклоник; Босилка; Стојан; Тошо; Трајко; Руфет Грнчаровски; Цветко и чадом его; Стефан; Сто/ан; Султана; Панајот и Димитрија свештеник.Тоа се имињата на ктиторите запишани од левата страна на жртвеникот, а додека од десната стојат следните имиња, од кои некои се повторуваат: Сребра презвитера; Трајко поклоник; Димитриј јереј; Василиј јереј; Трајко; Велко; Јефтимиј јереј; Кондила презвитера; Јоана; Кондила; Анастасија; Георги; Трајко; Риско; Петко; Трајко; Анастасија; Султана; Јован; Ѓорѓи; Василики презвитера; Марија презвитера; Трпе; Митре и Стојанка.
(...Кон крајот на 1857 година живописот и иконостасот во црквата Свети Спас во Драчево ги изработил прочуениот македонски зограф и иконописец Дичо Зограф[1]. За иконостасот во овој храм го насликал Архангел Михаил на олтарната врата од жртвеникот, престолната икона со претставата на св. Харалампиј и празничната икона Вознесение Христово, на која се чита Дичовиот потпис, датата 26 ноември и годината 1857. Останатите престолни и празнични икони и иконите со апостолите се претпоставува дека се насликани од некои од неговите соработници. Иконописната ризница на овој храм денес чува околу педесетина помали икони насликани од раката на Дичо Зограф[1]....)
Камбанарија
уредиКамбанаријата е направена во 1956 година. Ѕвоното постоело од порано и е донесено во 1908 година од Солун. Ѕвонарата е висока 13 метри.
Богослужбени книги
Во црквата постојат доста стари богослужбени книги:
Требник, печатен во Москва 1789 година; Псалтир, печатен во Москва 1763 година; Осумгласник, печатен во Цариград 1843 година; Псалтир, печатен во Киевопечерската лавра 1865 година; Минеи, за јануари, март и мај, од 1863 печатени во Киевопечерската лавра; Октоих, од 1849 година печатен во Киевопечерската лавра; Цветен триод (Пентикостар), печатен во Москва 1863 година; Посен триод, печатен во Москва 1864 година; Евангелие, од 1858 година, печатено во Цариград. Издавач на Евангелието е бугарскиот егзарх Александар. Интересно е што благослов за печатењето на ова евангелие дал турскиот султан Абдул Медџит Хан, затоа што во тоа време не постои Бугарската егзархија како автокефална црква. Занимливо е што директно е преведено од грчко Евангелие и евангелијата почнуваат да се читаат по следниот ред: Прво започнува со Евангелието според Јован, од Пасха до Педесетница. Потоа од Матеј, од првата недела по Педесетница до Воздвидение на чесниот крст. Лука од понеделникот по Воздвижение на чесниот крст до саботата на првата недела од Велигденскиот пост. Марко Од саботата на првата недела на постот до Велигден. На крајот од Евангелието има 35 пасхални таблици, измислени и составени од Емануил Глизони.
По 35-те пасхалии, дадени се 35 правила, во кои секое го содржи редот на Евангелието на утрените, гласот кој се пее во секоја недела и колку недели има во месецот во таа година. Секое правило почнува од пред неделата по Божиќ, а завршува во неделата пред Божиќ. Од неделата по Божиќ до неделата на Митарот и Фарисејот не се ставени гласовите и утрените евангелија, затоа што Пасхата се оддалечува и се приблидува, т.е. се случува некогаш да има повеќе недели од една до друга пасха, а некогаш помалку. Затоа пак, гласовите и евангелијата ставени се на крајот од таблицата. Пред секој евангелист напишани се кратки житија: за евангелист Јовен житие напишал св. Доротеј, епископ Тирски. За Матеј житие напишал св. Софрониј, за Лука кратко житие напишал св. Доротеј, епископ Тирски и за евангелист Марко житие има напишано блажени Ероним и св. Доротеј, епископ Тирски; Апостол, печатен во Виена во 1796 година, како што стои во изданието за општа духовна корист на сите православни христијани. Интересно е што овој Апостол потекнува од монах Исаија, кој живеел во VI век и преведен е на црковнословенски јазик. Во почетокот на Апостолот дадени се информации за апостолите, за нивните имиња и за нивната дејност. Исто така се наведуваат имињата на седумте ѓакони: Стефан, Филип, Прохор, Миканор, Тимон, Пармен и Николај. Епископ св. Доротеј Тирски дава податоци за сите седумдесет Христови ученици, нивните имиња и нивната дејност.
Во црквата е пронајден литургиски зборник од XVII век. Содржи 164 листа. Денес се чува во НУБ под. сиг. м.с. 111.
За црквата Свети Спас во Драчево пишувал и македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ од 21 мај 1855 во „Цариградски весник“. Тој запишал дека Драчево има нов црковен храм „Свети Спас“ и едно мало училиште кое пустее без учител[2]. Добрите, гостољубиви и богати драчевски селани биле изгубени во црквата поради тоа што им служел грчки поп, кој богослужел на грчки јазик, од што селаните ништо не разбирале[2].
Галерија
уреди-
Поглед на главниот влез во црквата од јужната страна
-
Фреската на Вознесението Христово над влезот во црквата
-
Дворот на црквата Свети Спас
-
Камбанаријата на црквата Свети Спас
-
Влезната порта на црквата Свети Спас во Драчево
-
Иконостасот во црквата Свети Спас во Драчево
-
Внатрешноста на црквата, северен ѕид
-
Внатрешноста на црквата
Надворешни врски
уреди- Официјално мрежно место Архивирано на 10 август 2009 г.
Наводи
уреди„Црква „Св. Спас“ - Драчево“ на Ризницата ? |