Црква „Св. Никола“ - Теарце

Свети Никола — црква во тетовското село Теарце во местото Вакал Маало. Според манастирскиот поменик на Лешочкиот манастир, пишуван 1841/45 година, пишува дека јеромонахот Кирил Пејчиновиќ е роден во село Теарце, а куќата му била близу до црквата Св. Никола. Бидејќи денешната црква Св. Никола во Теарце е градена 1866 година, се смета дека таа е изградена на местото од постарата црква кои теарчани како мала и неугледна ја разурнале пред 1866 година. Живописана била од страна на Јосиф Радев Мажоски[1] од Лазарополе. Црквата се наоѓа во склоп на селските гробишта. Празникот на црквата се празнува на 19 декември, односно на денот на Свети Никола.[2]

Свети Никола
македонска православна црква
Епархија Тетовско-гостиварска
Архијерејско намесништво Тетовско
Парохија Теаречка
Местоположба

Карта

Место Теарце
Општина Теарце
Држава Македонија
Општи податоци
Изградба 1866
Зограф Јосиф Радев Мажоски
Архитектонски опис

Градба

уреди

Црквата е трибродна базилика со галерија и петострана апсида со димензии 16,10 x 10,10 метри. Поседува инзворедни архитектонски и естетски квалитети,а во однос на декориративните елементи во дрво со функционални одлики (таваници, капители, иконостас).Обработка на таваницата е дело на голем градител што ја изработил централната слепа калота, каде успешно ги комбинирал елементите од дрво, на којшто подоцна доаѓа живописот. Посебно вешто се изработени и вклопени во целината столбовите,певниците,ѕидните ниши,заедно со скулптурната пластика на иконостасот. Влезот е од југ и централно од запад,преку дограден дел-трпезарија. Носивната конструкција се ѕидови со димензии 85-90 см, зајакнати со скелетна АБ конструкција од столбови и греди со димензии 30x30 сантиметри. Централниот простор е повисок од двата бочни за 170 сантиметри во рамна таваница. Галеријата е изведена од дрво, а во приземјето се носи на дрвени столбови,поврзани со греди преку што е потпрена дрвена конструкција. До неа се доаѓа по дрвени скали. Посебно е интересна пара петната ограда на галеријата, изработена од тенки дрвени летвички, диагонално поврзани. Покривот е на четири води. Останатиот дел од таваницата, како и на галеријата е изведен од рамна дрвена таваница. Иконостасот е со димензии 7.90 x 0.70 x 0.10 метри. Подот на црквата е во камени плочи, додека во галеријата е во штици. Фасадите се малтерисани во бело. Од понов датум е чешешмата и камбанаријата.

Фрескоживопис

уреди

Живописот е работен од Јосиф Радев Мажоски од Лазарополе. Живописот е во добра состојба, има мали оштетувања од наслаги на чад,посебно во олтарниот дел. Живописот има посебно значење,бидејќи е исклучително наративен и редок по својата презентација што остапува од каноните на византиското сликарство. На иконостасот во првата зона претставени се „Свети Ѓорѓи“,„Свети Архангел Михаил", „Свети Никола", „Света Богородица", „Господ Исус Христос", „Свети Јован Крстител" и „Свети Димитриј". Во втората зона претставени се иконите од „Чинот (19 икони)". На престолната икона,на која е претставен „Господ Исус Христос",има тенок текст кој гласи:

„Сеи свети образ се изобрази во лето од Христа 1866, месеца март ,ден 24, зограф Јосиф од Лазарополе из Дебар,помени Господе православни христијани,општо ктитори и прислужници, помени ги христијани у село Теарце".

На иконостасот исто така има икони од Јаков Радев од Лазарополе од 1896 година. На северниот ѕид од олтарниот дел претставена е фреската „Визија на Свети Петар Александириски". На источниот ѕид претставени се фреските „Свадбата во Кана Галилејска", „Света Троица", „Аврамовата жртва", „Свето Благовештение", „Свети Илија" и „Свети Кирил". Во ѓаконикот е претставена фреската "„Крштевање Христово", каде има текст на жители веројатно од селото кои помагале во изградбата на црквата. Се споменуваат јереј Кузман,јеромонах Арсение ,Маринко,Веселин,Димо,Саре,Мисаил, Митре,Христо,Динго и Дрезда. На десната страна од крштевањето пишува јереј Онуфрија,зограф Јаков,Ана и Трајан. Во апсидата се претставени „Света Богородица со малиот Исус", а во втората зона „Божествена литургија" со пет светители. Во продолжение се насликани старозаветни сцени првиот грев на „Адам и Ева" и „Ангелот ги изгонува од рајот Адам и Ева". Особена одлика на овие сцени е наративниот пристап со претстави на животни. На западниот ѕид претставени се две сцени „Исповедувањето на грешниците“ и „Ангелот ги прогонува од рајот оние на кои не им се простени гревовите". Особено ретка појава во средновековното сликарство е претставата на етно елементи, ликовите се насликани во народна носија од овој крај. Во втората сцена е прикажан грешникот како се покајал и кого ангелот го води во рајот. Во продолжение на западниот ѕид е насликана една сцена која е исклучок во средно вековниот византиски живопис, а тоа е сцената „Бајачки кои ги лекуваат болните". Имено во овој тежок период за населението, луѓето кои биле со многу ниско образовна свест, барале помош од вакви нецрковни личности, комплетно сцената е претставена со селани, сите облешени во народни носии, со многу детали, кои ја дообјаснуваат сцената.

Во првата зона на северниот ѕид насликана е сцената „Страшниот суд", којшто е претставен многу наративно, со митолошки животни,змејови и разни животни. Во горниот дел е претставен „Господ Исус Христос со Света Богородица", придружуван од хор на ангели како ги отвора портите на пеколот за грешниците.Во подножјето е претставен пророкот Мојсеј како во раката ги држи двете старозаветни плочи,со што зографот ги поврзува сцените од Новиот и Стариот завет и симболично го објавува континуитетот на христијанството со Стариот завет. Во втората зона насликано е „Успението на Света Богородица", а веднаш до неа е „Симнувањето од Крстот". Следува сцената „Незапалива капина" каде е претставен пророкот Мојсеј со стадото како го гледа ликот на „Света Богородица" со „Господ Христос". Во централниот брод се насликани сцени од „Господовите празници Благовест", „Бегство во Египет", „Крштевањето Христово", „Лазаровото воскресение", „Влегувањето во Ерусалим", „Тајната Вечера", „Молитвата во Маслиновата гора", „Јудиното предавство", „Господ Христос пред Понтиј Пилат", „Распетието" и „Вознесението".

Понови зафати

уреди

Во 1980 година преземени се низа зафати,сменета е покривната конструкција на црквата, и е направена нова фасада како и нова канбанерија. По повод 2000 години од Христовото раѓање, црковниот одбор при црквата Свети Никола,повел иницијатива за изградба на единствен меморијален комлекс кој ќе биде посветен на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ. Комплексот треба да се состои од црква со канбанарија, спомен дом на отец Кирил Пејчиновиќ со библиотека и читална, сала за симпозиум, базен, парохијски дом со службени простории и други придружни објекти.За таа цел на 20 мај 1999 година се осветил "Крстот" кој бил поставен за почеток на градбените работи.

Видете исто така

уреди

Наводи

уреди
  1. „Јосиф Радев Мажоски (18??-1919)“. Посетено на 2010-04-27.
  2. „П Р А З Н И Ц И кога се собира повеќе народ во црквите и манастирите во Тетовското Архиерејско Наместништво“. Тетовско Архиерејско намесништво. Посетено на 2010-09-09.