Црква „Св. Герман“ - Герман

црква и кралска гробница во Герман, Преспанско, Егејска Македонија

Свети Герман (грчки: Ναός του Αγίου Γερμανού) — средновековна црква во селото Герман, Преспанско, Егејска Македонија. Влегува во состав на Леринско-преспанско-еордејската епархија на Цариградската патријаршија. Изворно ѝ припаѓал на Охридската патријаршија.[1][2]

Свети Герман
Αγίου Γερμανού
Црквата од североисток
Карта
40°50′24.17″N 21°9′29.40″E / 40.8400472° СГШ; 21.1581667° ИГД / 40.8400472; 21.1581667
МестоГерман, Преспанско
ЗемјаЕгејска Македонија, Грција
ВероисповедЦариградска патријаршија
Архитектура
Културнонаследна категоријаспоменик на културата
ЗавршенаXI век
Управа
Архијерејско намесништвоПреспанско
ЕпархијаЛеринско-преспанско-еордејска

Црквата веројатно е градена на крајот од X или почетокот на XI век. Се смета дека црквата и селото се наречени во чест на охридскиот патријарх Герман, поглавар на македонската црква за време на Цар Самоил кон крајот на X век. Во 1743 г. грчкото свештенство поставило натпис дека таа е посветена на цариградскиот патријарх Герман I од VIII век, но стручњаците тврдат дека тие ги помешале личностите, или пак се работи за намерно подметнување.[3] Во 1888 г. во црквата е пронајден надгробниот натпис на родителите и братот на Цар Самуил.

Архитектура и живопис

уреди
 
Фреска на Свети Ахил Лариски, Свети Атанасиј Велики и Свети Василиј Велики, 1743 г.
 
План на камбанаријата, 30 септември 1910 г.
 
Натпис во жртвеникот со имињата на ктиторите напишани со грчко писмо: Константин Јереј 800, Настаси 2000, Дамо, Миле 9400, Огнен 3000, Димо 2000, Ангелко 1300, Стојко 1000, Јоване 2000, Карафил 1200, Митре (Петре) 1000, Трпен 1000, Гроздан 1000, Влајко, Неделко 700, Кован 900, Крста, Ивана, В’лко[4]

Црквата е крстовиден куполен храм со три апсиди во обликот „впишан крст“ од провинцијален тип, без предапсиден простор со припрата. Има коморни димензии од 9 × 14 м. Куполата е висока 11 м и има облик на цилиндричен барабан носен на четири столба. Денес во храмот се влегува преку два влеза. Изворно влезот бил од западната страна, која водела од припратата на храмот кон новата црква. Имало и друг влез кој е заѕидан во 1743 г. и место него е пробиен мал втор влез, исто така од југ. Прозорците се тесни и високи — два на челата на трансептот, еден на средишната апсида и четири во куполниот барабан, насочени кон страните на светот. Храмот низ вековите претрпел многу ремонти и правени се поситни преправки како затворањето на првобитниот влез и менувањето на положбата на владичкиот престол, изградбата на ѓаконик, промените во надворешните ѕидови на храмот и промените во подот.

Градежот е мешовит, од камен и тула, но на места не е правилен.[3]. Камењата се наизменично наредени со појаси од тула и групи просеани меѓупросторни тули во вертикални фуги, а отворите се украсно врамени со тулен материјал воедно со конструктивна функција. Во куполниот барабан украсите се од фриз од тули од типот „волчји заби“, а камено-тулната ѕидарија барабанот е многу прецизна и живописна. Каменот е крупен и грубо обработен. Ѕидовите завршуваат со пластичен тулен корниз. Овие елементи, откриени во целост по реставрацијата во 1998 г. заедно со тлоцртот на храмот, како и обликот на куполата го потврдуваат датумот на изградба во XI век, во периодот на владеењето на Цар Самуил[5].

Натписот на грчки од 1743 г. вели дека храмот е зографисуван на двапати — еднаш во 1006 г., наскоро по неговата изградба, (откриени се некои фрески во наосот и олтарот), и во 1743 г. кога храмот е целосно насликан, но има и меѓувремено живописување од почетокот на XIII век[5] од кога датира иконата на св. Герман над денес заѕиданата јужна врата. При зографисувањето се направени натписи на грчки, кој бил сосила наметнат како службен јазик на Охридската архиепископија. На последните фрески се гледаат мотиви од XIV и XVI век, но и стилските зафати својствени за оваа област во XVII век. Колку и што останало од првото живописување не е наполно јасно, бидејќи тие места се пресликувани во времето на преродбата. Во Леринскиот археолошки музеј се изложени олтарните двери од XVI век. На десниот предапсиден столб свртен кон верниците има престава на Климент Охридски, речиси скриена од денешниот дрвен иконостас.

Во 1882 г. е изградена голема нова црква, слепена со западниот ѕид на средновековниот храм. Резбите во неа се дело на смилевскиот копаничар Гино Чуранов.[6]

Артефакти

уреди
 
Фреска на Свети Трифун, 1743 г.
 
Фреска на Рождеството Христово, 1743 г.

Во северниот дел на крстот, зад североисточниот столб што држи купола стојат моштите (раката) на патријархот Герман во дрвен ковчег покриен со црвено кадифе.

Истражувањата даваат повод да се смета дека храмот можеби служел како епископска црква на Преспа по напуштањето на базиликата на островот Свети Ахил.[5]

При ископувањата на подот вршени во 1997 г. се откриени скромни гробови во припратата и наосот, каде веројатно се положени свештени лица кои служеле во црквата во последните векови на османлиското владеење.[5]

При ремонтно-градежните работи кај олтарот на старата црква во 1888 г. е откриен значајниот Самоилов натпис од 993 г. — мермерна спомен-плоча поставена од Цар Самоил со натпис посветен на неговите родители и браќа. Гробот врз кој стоела плочата не е откриен.[7]

Во 1962 г. црквата е прогласена за споменик на културата.[8]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Παϊσίδου, Μελίνα. „Ναός Αγίου Γερμανού Πρεσπών“. Υπουργείο Πολιτισμού και Αθλητισμού. Архивирано од изворникот на 2023-01-23. Посетено на 18 мај 2014.
  2. „Ναός Αγίου Γερμανού Πρεσπών, Φλώρινα“. Greek Orthodox Religious Tourism. Посетено на 24 октомври 2016.
  3. 3,0 3,1 Мавродинов, Никола. Старобългарското изкуство. Изкуството на Първото българско царство, София 1959, с. 268 – 269.
  4. Иванов, Йордан. Български старини из Македония: фототипно издание, Издателство „Наука и изкуство“, София, 1970, стр. 61.
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 „Ο ιερός ναός του Αγίου Γερμανού“. Архивирано од изворникот на 2022-05-06. Посетено на 2022-04-18.
  6. Василиев, Асен (1965). Български възрожденски майстори: живописци, резбари, строители. София: Наука и изкуство. стр. 298.
  7. Срѓан Пириватриќ, Самоиловата држава — опфат и карактер, С., 2000 г., стр. 62 – 72.
  8. „ΥΑ 15813/19-12-1961 - ΦΕΚ 36/Β/3-2-1962“. Διαρκής κατάλογος κηρυγμένων αρχαιολογικών τόπων και μνημείων. Архивирано од изворникот на 2021-10-28. Посетено на 20 јули 2020.

Надворешни врски

уреди