Црква „Св. Ѓорѓи Победоносец“ - Младо Нагоричане
Свети Ѓорѓи — црква во селото Младо Нагоричане, сместена на неколку стотина метри североисточно од Костоперска Карпа. Црквата претставува споменик на културата од 16 век.[1]
Свети Ѓорѓи Победоносец
| |
Поглед на црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Кумановско-осоговска |
Архијерејско намесништво | Кумановско-кратовско |
Местоположба | |
---|---|
Координати | 42°10′22.3″N 21°48′40.0″E / 42.172861° СГШ; 21.811111° ИГД |
Место | Младо Нагоричане |
Општина | Старо Нагоричане |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Ѓорѓи |
Изградба | 11 век, почеток на 15 век или 16-17 век |
Архитектонски опис | |
Архит. тип | крсто-куполен храм |
Стил | поствизантиски стил |
Историја
уредиНе е познато кога точно црквата била изградена. Според едно гледиште, таа била изградена најрано во 11 век; според друго, на почетокот на 15 век, поточно во 1407/8 година, за време на владеењето на деспотот Стефан Лазаревиќ; а според трето, црквата била изградена во 16 или 17 век. Сепак, таа е прогласена за споменик на културата од 16 век, така што третото гледиште се смета за најверојатно. Таа била изградена како една од повеќето сакрални градби во кругот на голема монашка заедница.[1] Во мај 2012 година, црквата била ограбена и од неа и од помошната просторија биле одземени ѕидарски алат и продолжни кабли во вкупна вредност од околу 30.000 денари.[2] Во февруари 2017 година е завршен долгогодишен проект за санација на црквата.[3]
Архитектура
уредиЦрквата е изградена во поствизантиски стил, при што се мешаат елементи од ерменско и турско влијание. Градбата на црквата е трикорабна базилика и претставува крсто-куполен храм. Таа е изградена од разнобојно обработени камени блокови од светла до темна окер и жолтеникава боја, долги до 1 метар, а во изработка на прозорците и украсите во горните делови е употребена црвеникава тула. Нејзината фасада е украсена со керамичко-пластични елементи. Главниот влез е сместен на западната страна, но повеќе функционира влезот од јужната страна. На западната страна се наоѓа широк варосан нартекс, издвоен од наосот, кој никогаш не бил живописан. Фасадата на западната страна е украсена со шпросна и по една монофора од двете страни, спуштени на подолното ниво. Шпросната е сместена во украсни лакови од црно-бели квадрати и слепи арки на конзоли, кои ја осликуваат сводната структура во внатрешноста изведена во наизменични движења на светли и темни блокови. Сличен украсен лак со бифора се среќава и на јужната страна. Овие елементи се карактеристични за исламската архитектура. Останатите страни од градбата содржат многубројни мали прозорци. На источната страна се наоѓа тристрана апсида, која во внатрешноста е полукружна. Над апсидата се наоѓа камена розета. Куполата на црквата, односно калотата, е со квадратна основа и е ниска. Градбата во целост е покриена со ќерамиди.
Внатрешноста на црквата е фрескоживописана по примерот на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане. Живописот на сводот е понов и бил насликан во 19 век. Во куполата е живописан Христос Вседржителот. Иконостасот е изработен во 1892 година. Тој е богат и доста висок.
Во дворот на црквата се наоѓа камбанаријата, како и чешма и гробишта. Камбанаријата е сместена непосредно од десната страна на црквата. Таа е со квадратна основа и има примитивен облик, при што конструкцијата ја сочинуваат четири бетонски столба покриени со лимен пирамидален кров.
Галерија
уреди-
Предната страна на црквата
-
Поглед кон јужниот ѕид со споредниот влез и апсидата во задниот дел
-
Поглед кон црквата од јужната страна
-
Куполата на црквата
-
Камбанаријата на црквата
-
Чешмата во дворот на црквата
-
Црквата со чешмата
-
Гробиштата во дворот на црквата
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Се санира архитектурата на црквата „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во Младо Нагоричане Архивирано на 24 август 2016 г.“. Мкд.мк. 22 август 2016.
- ↑ „Ограбени црквите во Младо Нагоричане — одземени пари, алати, опрема[мртва врска]“. Дневник. 26 мај 2017.
- ↑ „Реставрирана црква во Младо Нагоричане Архивирано на 11 февруари 2017 г.“. Вечер. 11 февруари 2017.
Надворешни врски
уреди- Црква „Св. Ѓорѓи Победоносец“ - Младо Нагоричане на Ризницата ?