Црква „Св. Ѓорѓи“ - Волковија
Свети Ѓорѓи — главната и единствената црква во Волковскиот манастир. Се наоѓа во месноста Чука во тетовското село Волковија. Црквата потекнува од 14 век[1], која за време на владеењето на Турците, Синан-паша го разрушил манастирот, а според некои извори со материјалот ја изградил познатата Синан-пашина џамија во Скопје. Растурените книги од ограбениот и разрушениот волковски манастир по доаѓањето во Лешок почнал да ги бара и собира отец Кирил Пејчиновиќ. Тој пронашол пет ракописи - минеи, а на една од нив ќе запише дека ги пренел книгите во Лешочкиот манастир во 1825 година. Сегашниот објект е изграден и осветен во 2006 година[2]. Црквата неколкупати била цел на кражби.[2] Патронит празник на црквата е Ѓурѓовден кој се слави на 6 мај. Празникот се слави во цело село, а на чуката околу црквата има панаѓур[3]. Во минатото тука се одржувале Волковски Средби со гостувања на многу македонски пејачи.
Свети Ѓорѓи
| |
Поглед кон црквата | |
македонска православна црква | |
Епархија | Тетовско-гостиварска |
Архијерејско намесништво | Тетовско |
Парохија | Милетинска |
Местоположба | |
---|---|
Место | Волковија (Тетовско) |
Општина | Брвеница |
Држава | Македонија |
Општи податоци | |
Покровител | Свети Ѓорѓи |
Изградба | 14 век[1]; 2006 (сегашен објект) |
Осветување | 2006 |
Архитектонски опис |
Историја
уредиВолковскиот манастир е еден од најзначајните христијански светилишта во Полог од XII до XIV век. Манастирот е посветен на Светиот Велико Маченик Ѓорѓи Победоносец. Најсилен подем манастирот постигнал за време на игуменот Варлаам. Игуменот Варлаам развил широка просветителска и проповедничка дејност. Во овој период во манастирот функционирала и волковската препишувачка школа во која се напишани дела од непоценливо значење. Најзначајно дело е Волковскиот минеј за месец февруари кој е од особено значење за Македонската и Славистичката наука. Ова ретко црковно дело има големо значење за проучувањето на историјата на македонскиот јазик и македонската писменост и култура. Во 1835 постоел факсимил од записот на првата корица на минејот, напишан од Арсениј, прв ученик на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ. Од факсимилот дознаваме дека минејот од рушениот волковски манастир бил однесен во шишевскиот манастир, а потоа Кирил Пејчиновиќ го зел со себе во Лешочкиот манастир.
Отецот Варлаам често се судирал со проблеми предизвикани од криминални групи и банди кои во тоа време особено биле активни. Во 1561 година светилиштето било запалено и до темел уништено од страна на Османлиите. Отецот Варлаам бил сурово заклан и затрупан во рушевините. Рушењето на манастирот го наредил Синан Паша, а од рушевините ја изградил Синан пашината џамија во Скопје. Минејот и другите вредни книги биле извлечени од рушевините и чувани од видни селани, а потоа подарувани на манастирските библиотеки низ Македонија.
Од некогашниот Волковски мананстир останати се два големи камени крста, околу кои верниците палеле свеќи а свештениците ги одржувале литургиите. Во непосредна близина зачуван е и голем кружен камен со крст на горниот дел. Дупниот камен е внесен во археолошката карта на Р Македонија. Помеѓу мештаните се раскажува легендата поврзана со каменот. Легендата вели дека каменот во повеќе наврати бил краден од селаните на околните села, но истата вечер на мистериозен начин се враќал на истото место. Селаните веруваат дека св. Ѓорѓи го чува нивното село и тој го враќал каменот секогаш кога бил краден. Во селото и на подножјето на Чуката се наоѓал голем бел камен во форма на крст за кој населението раскажува дека е од светецот Ѓорѓи, тој со него ограничил до каде е манастирскиот имот.[4]
Во спомен на стариот волковски манастир жителите на селото врз темелите на старата црква подигнале Параклис во кој се наоѓале и двата камени крста остатоци од некогашниот манастир. Во 1999 волковчани покренаа иницијатива за возобновување на манастирската црква. Тогаш беше срушена дотраената капела и на 23 мај на празникот на Св. Апостол Симеон - зигот, со благослов на надлежниот Епархиски Архијереј Митрополит Полошко Кумановски Г-дин Кирил се изврши осветување и полагање на камен темелник од срана на Архијерејскиот Намесник Протојереј ставрофор Мирко Станковски . Во 2006 новата црква е изградена и осветена од Владиката Кирил. Во црквата постои мозаик „Чудото на Св. Ѓорѓи" со димензии од 1,7 со 0,9 метар, кој е дело на македонскиот академски сликар од Вевчани , Никола Угриновски.[5]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 „Ограбена црквата "Свети Ѓорѓи"“. Вест. 16 октомври 2008. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-05-01.
- ↑ 2,0 2,1 „Откорнати бакарни олуци од "Свети Ѓорѓи"“. Вест. 17 мај 2008. Архивирано од изворникот на 2016-03-04. Посетено на 2010-05-01.
- ↑ „Кој го премачка македонското знаме?“. Утрински Весник. 18 мај 2007. Посетено на 2010-05-01.[мртва врска]
- ↑ „Близу до Волковија има урнатини од стар манастир, кој се викал Св. вмч. Георгиј...“. Македонска нација. 2011-07-06. Посетено на 2011-08-05.
- ↑ „НИКОЛА УГРИНОСКИ, АКАДЕМСКИ СЛИКАР -Го враќа мозаикот во црквите“. Дневник. Посетено на 2011-09-11.[мртва врска]
„Црква „Св. Ѓорѓи“ - Волковија“ на Ризницата ? |
Оваа статија за црква или сличен христијански објект е никулец. Можете да помогнете со тоа што ќе ја проширите. |