Раички манастир

манастир во Македонија
(Пренасочено од Свети Ѓорѓи Победоносец)

Раички манастир (понекогаш и како Рајчки манастир или Рајчички манастир) — преродбенички манастир во дебарското село Рајчица.[1] Прогласен е за споменик на културата на Македонија.

Раички манастир
Поглед на манастирот
Информации
Целосно имеМанастир „Св. Ѓорѓи Победоносец“
Манастир на:МПЦ - ОА
ОснованXIV век
Посветен наСвети Ѓорѓи
ЕпархијаДебарско-кичевска
ЦрквиЦрква „Св. Ѓорѓи
Личности
Основач (и)Арсениј Бигорски
Место
Местос. Рајчица, Општина Дебар Македонија Македонија
Координати41°30′53″N 20°32′56″E / 41.51472° СГШ; 20.54889° ИГД / 41.51472; 20.54889
Видливи остатоци1 црква, конаци, помошни објекти
Отворен за јавностада
Други информацииДебарско-реканска парохија

Тој претставува женски манастир и е метох на Бигорскиот манастир. Овој манастир се претпоставува дека е основан во почетокот на XIV век, како метох на Бигорскиот манастир. Сепак точната година на изградба на манастирските конаци и црква е 1835 година во времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник.

Местоположба

уреди

Манастирот во селото Рајчица се наоѓа во непосредна близина на градот Дебар, оддалечен на само 2 километри од центарот на градот.[2]

Историја

уреди

Во минатото, метохот на Свети Ѓорѓи функционирал како стопански дел на Бигорскиот манастир. Бил мошне богат и поседувал големи манастирски имоти, ниви и лозја. Овде се произведувале многу производи за потребите на Бигорскиот манастир. Низ годините, неколку пати бил напаѓан и рушен, но сепак грижата на игумените на Бигорската обител постојано го обновувала и одржувала овој метох. Најзаслужен ктитор, одговорен за неговата обнова е игумен Арсениј, под чие раководство била подигната денешната црква во 1835 година, а изградена врз темели на уште постара црква од XVI век.[3]

До 2000 година, од некогашниот метох на Бигорскиот манастир, опстојувала само црквата „Св. Ѓорѓи“, како и стопански згради во урнатини, кои се користеле за сместување сено.[2]

Со помош на самата Дебарско-кичевска епархија и големата финансиска помош на благородни организации, фондови и несебична помош на православните христијани од сите краишта од Македонија и надвор од неа, манастирот добил нови конаци, камбанарија и други помошни објекти. Во 2001 година се извршило осветување на новите објекти и започнал монашки живот.[2]

Градби во манастирот

уреди

Од манастирскиот комплекс до денес се сочувани: манастирската црква, конаци и други помошни објекти.

Црква „Св. Ѓорѓи“ - Рајчица

уреди

Црквата била подигната во 1835 година, а била осветена во 1836 година.[2]

Параклис „Св. Григориј Палама, Нектариј Битолски и Јован Кукузел“ - Рајчица

уреди

Параклисот посветен на Григориј Палама, Нектариј Битолски и Јован Кукузел е од поново време. Осветен е во 2006 година.[4] Во него се чуваат мошти на патронот Свети Јован Кукузел.

Стопанство

уреди

Сестринството на манастирот негува редок занает, кој им е главно занимање на сестрите, а тоа е изработката на епископски митри. Досега имаат изработено богослужбени одежди на многу епископи и патријарси, меѓу кои и Вселенскиот патријарх. Освен ова, сестрите се вклучени и во изработката на икони, на светогорски темјан, а од неодамна активно работат и во разрешувањето на проблеми на посебни социјални случаи, особено кај младите.[3]

Круни кои ги имаат изработени монахињите од манастирот ги носат владиците во Америка, Русија, Африка, Германија, Полска, Чешка, Бугарија, Србија, но најмногу во Грчката православна црква. Она по што се разликуваат нашите митри е раскошниот византиски стил на изработка.[5]

При изработката на митрите е вклучено целото сестринство и тоа е главен извор на егзистенција во манастирот. Имаат изработени над 1.600 митри.[5]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Ḱornakov, Dimitar. (1991). Makedonski manastiri. Skopje: Matica makedonska. ISBN 9989-48-558-5. OCLC 469935586.
  3. 3,0 3,1 „Метох Свети Георгиј Победоносец“. bigorski.org.mk. 2016-12-18. Посетено на 2023-01-14.
  4. Осветување на манастирскиот Параклис во манастирот „Свети Георгиј“ – с. Рајчица
  5. 5,0 5,1 „МОНАХИЊИТЕ ОД МАНАСТИРОТ „СВЕТИ ЃОРЃИ" ВО РАЈЧИЦА ИЗРАБОТУВААТ УНИКАТНИ МИТРИ ЗА ЕПИСКОПИ И ВЛАДИЦИ ОД ЦЕЛ СВЕТ“. Сакам Да Кажам. 2021-07-04. Посетено на 2023-01-14.

Надворешни врски

уреди