Инќар џамија (Дебар)

џамија во Македонија
(Пренасочено од Хунќар џамија (Дебар))

Инќар џамија е муслимански храм кој се наоѓа во Дебар, Македонија.

Инќар џамија
Џамија Фатих Султан Мехмед џамија
Основни податоци
МестоДебар, Македонија
Припадностсунитски ислам
Духовно-организациски статусактивна
ВодствоДебарско муфтиство
Архитектонски опис
Архитектонски типџамија
Завршен1467-68
Особености
Куполи1
Минариња1
Материјаликамен

Историја

уреди

Според натписот кој е поставен над влезот во џамијата, испишан со неправилно сулус писмо во пет реда, џамијата била изградена во периодот од 1467-68 година. Годината на нејзината обнова исто така е испишана како 1938 година.

Инќар џамија е изградена како задужбина на Мехмед II (1451-1481). Таа е сместена во простран двор со бројни постари гробови со надгробни нишани со богата декоративна обработка. Храмот претставува градба со правоаголна основа со димензии 12,70 х 9,38 метри покриена со кров на четири води. Како остаток од автентичната градба е харимот – молитвениот простор, каде старите ѕидови и формите на прозорите ја имаат зачувано својата оригинална форма и поставеност.

Во внатрешноста се наоѓа михработ – ниша со скромна сталактитна декорација. Минберот и махвилот биле подоцна доградени. Дрвениот таван бил веројатно обновен при поправките во 1941 година. Тремот, кој се наоѓа на северозападната страна, бил додаден со подоцнежните интервенции и обнови на објектот. Со истражувања е дефинирано дека тремот, носен на десет кружни столбови, е затворен веројатно при поправките на џамијата пред Втората светска војна, односно помеѓу столбовите биле поставени девет прозорски отвори и целиот трем е прекриен со истиот кров на џамијата.

Виткото минаре кое е сместено на југозападната страна од џамијата поставено на квадратен постамент доминира со својата висина ѝ го потенцира вертикалниот акцент на џамијата. Телото на минарето е многуаголно кое преку сталактитна декорација преминува во шерефето. Џамијата иако е со скромни архитектонски и декоративни елементи, таа претставува одраз на локалното градителство од втората половина на XV век каде доминираат чисти и прецизни форми.

Во дворот на Фатих Султан Мехмед џамија се наоѓа и турбето на Шабан-баба. Турбето е од типот на отворени турбиња со осумаголна основа. Многуаголни столбови кои го формираат турбето се меѓусебно поврзани со засвoдени лакови. Турбето било градено од добро обработени камени квадри што говори за значењето кое тоа го има односно значењето на личностите кои се во него погрeбани. Во турбето се сместени два гроба. Од натписот на едниот од нив дознаваме дека му припаѓа на Шабан-баба, но не и податок кога тоа е подигнато. Но, според стилските одлики било изградено кон XVIII или во почетокот на XIX век, време кога е подигнато турбето на Каплан-паша во Тирана, кое ги поседува истите стилско-архитектонски одлики. Постоењето на турбето како и начинот на градењето на минарето укажуваат на можно постоење на постар култен објект на ова место[1].

Наводи

уреди
  1. „Османлиски споменици“,Зоран Павлов (2008), стр. 35.

Надворешни врски

уреди