Хипнос
Хипнос (грчки: Ὕπνος „сон“) во старогрчката митологија е бог или персонификација на сонот. Во римската митологија е Сомнус.
Хипнос Ὕπνος | |
---|---|
Сон | |
Живеалиште | Пештера; подземниот свет |
Симбол | булка, афион |
Сопружник | Паситеја |
Родители | Никта или Никта и Ереб |
Браќа/сестри | Немезида, Мом, Морос, Танат, Харон, Онеири, Хеспериди, Кери, Мојрите, Апата, Филота, Герас и Ерида |
Деца | Морфеј, Фобетор, Фантас |
Римски пандан | Сомнус |
Особености
уредиХипнос е прикажуван како убаво голо момче со крилја на главата, а понекогаш со брада. Често е прикажуван како човек кој спие на кревет од пердуви опкружен со црни пердиња. Морфеј, пак, се грижи бучавата да не го разбуди.
Митологија
уредиСпоред Хесиод и неговата Теогонија, Хипнос е син на Никта, брат близнак на Танат (смртта). Имено, кога титанот Крон го кастрирал својот татко Уран, и му ја презел власта, Никта многу се разлутила и од бес ги родила, по пат на партеногенеза близнаците Танат и Хипнос и другите нивни браќа и сестри: Мом (вината, критиката), Морос (судбината, проклетството), Харон, Онеирите (сништата), Хесперидите (вечерите), Керите (насилнaта смрт), Мојрите (судбината), Немезида (одмаздата), Апата (измамата), Филота (дружењето, нежноста), Герас (староста) и Ерида (караницата, раздорот). Според други автори (Хигинс), татко на овие деца бил Ереб.
Дворецот на Хипнос бил темна пештера во која Сонцето никогаш не сјаело. На влезот има афиони и други хипногени растенија.[1] Според некои варијанти на митовите, живеел во пештера под остров низ која течела реката Лета, реката на заборавот.
Негови деца или браќа се нештата што се јавуваат во сон (Онеирите), а во кралските соништа се јавуваат Морфеј, Фобетор и Фантас[2].
Ендимион
уредиЗевс го осудил Ендимион на вечен сон, но Хипнос му дал моќ да спие со отворени очи за да може да ја гледа својата сакана Селена. Според поетот Ликимниј, Хипнос се вљубил во младиот овчар Ендимион, па му го подарил вечниот сон за да може да се восхитува на неговата убавина.
Во медицината
уредиВо современата психоанализа се користи терминот хипноза (умствена состојба поттикната со хипнотичка индукција или сугестија)[3], збор што потекнува од името на овој бог; како и глаголот хипнотизира - наполно овладување со некого, потчинување некого на својата волја. Додека од латинскиот назив за овој бог, Сомнус, се употребува збор во негирана форма: инсомнија, со значење „состојба на несоница“[4].
Наводи
уреди- ↑ Хесиод, Теогонија
- ↑ Овидиј,Преобразби
- ↑ Дигитален речник на македонскиот јазик: хипноза
- ↑ Дигитален речник на македонскиот јазик: инсомнија
Надворешни врски
уреди„Хипнос“ на Ризницата ? |