Танат (митологија)
Танат (Таната, Танатос) (грчки: Θάνατος, во старогрчката митологија е бог и персонификација на смртта,[1] од θνῄσκω - „да умре, умира“[2]). Танат е олицетворение на ненасилната смрт, неговиот допир е нежен, ист како на брат му Хипнос (сонот). Тој е помала фигура во старогрчката митологија, кој се посочува, но ретко се појавува како личност.
Танат Θάνατος | |
---|---|
Танат како крилесто и со меч вооружено момче, мермерна скулптура од Храмот на Артемида во Ефес, 325-300 г. п. н. е. | |
Смрт | |
Живеалиште | Подземјето |
Симбол | Тета (буква), афион, пеперуга, меч, превртен факел |
Родители | Никта или Никта и Ереб |
Браќа/сестри | Немезида, Мом, Морос, Хипнос, Харон, Онеири, Хеспериди, Кери, Мојрите, Апата, Филота, Герас и Ерида |
Римски пандан | Морс |
Негов еквивалент во римската митологија е Морс.
Особености
уредиВо раните митолошки прикажувања, Танат бил моќно илустриран, вооружен со меч, со бушава брада и бесно лице. Неговото доаѓање го прателе Болката и Тагата. Подоцна е прикажуван на поубав начин, како прекрасно младо момче, а на римските саркофази често се среќава како дете со крилја, сличен на Ерос. Тогаш, Танат бил претставуван како млад човек со црни крилја и свртен надолу, полуизгаснат факел. Често е во друштво со својот брат близнак Хипнос. Имал срце од железо, и често носи пеперуга.
Во митологијата и уметноста
уредиСпоред Хесиод и неговата Теогонија, Танат е син на Никта, брат близнак на Хипнос (сонот). Имено, кога титанот Крон го кастрирал својот татко Уран, и му ја презел власта, Никта многу се разлутила и од бес ги родила, по пат на партеногенеза близнаците Танат и Хипнос и другите нивни браќа и сестри: Мом (вината, критиката), Морос (судбината, проклетството), Харон, Онеирите (сништата), Хесперидите (вечерите), Керите (насилнaта смрт), Мојрите (судбината), Немезида (одмаздата), Апата (измамата), Филота (дружењето, нежноста), Герас (староста) и Ерида (караницата, раздорот). Според Хигинс, нивни татко бил Ереб.
Танат, како бог на смртта не знаел за сочувство и сомилост. Кога ќе дошол денот на смртта (определен од Судбината), тој долетувал, ја земал душата и му ја предавал на Ад.
Во митовите само двапати луѓето го изиграле Танат: Херакле го совладал и му ја земал душата на Алкестида, жената на Адмет; и Сизиф, кој го врзал и ставил во железно буре или во подрум. Зевс му наредил на Арес да го ослободи Танат, зашто луѓето престанале да им принесуваат жртви на боговите; или според друга варијанта, разлутениот Арес сам го ослободил зашто луѓето престанале да умираат на боиштата.
По заповед на Зевс, Хипнпс и Танат го однеле телото на Сарпедон (јунак од Тројанската војна кој се борел од страната на Тројанците) од боиштето.
Психологија и медицина
уредиСпоред Фројд, луѓето имаат нагон за живот ерос и нагон за смрт, танат (така го нарекле неговите следбеници). Тој смртен нагон ги тера луѓето да се впуштаат во ризични и деструктивни ситуации и чинови, кои би можеле да доведат до смрт; во потрага по адреналин, насилство, и други ризични ситуации. Многу научници го сметаат психоаналитичкото објаснување за контроверзно.
Танатофобија е страв од работи кои се поврзани со смртта или смртноста, како на пример, гробишта, мртовец и сл., а нејзин подвид е некрофобија, страв од мртовци. Танатологија, како академска и научна гранка ја проучува смртта на живите суштества, особено на луѓето, нејзините последици и ритуали.
Литература
уредиНаводи
уредиНадворешни врски
уреди„Танат“ на Ризницата ? |