Хаџи Мурат (роман)

Хаџи Мурат (руски: Хаджи-Мурат) е новела од Лав Толстој пишувана од 1896 до 1904 година, а објавена постхумно во 1912 година. Главниот протагонист е Хаџи Мурат, командант на аварските бунтовници, кој поради лична одмазда склучува сојуз со Русите против кои претходно се борел.[1]

Хаџи Мурат
Куќата на принцот Семјон Воронцов, илустрација од Јуџин Лансереј
АвторЛав Толстој
Изворен насловХаджи-Мурат
ЗемјаРусија
Јазикруски
Жанристориски роман, воена хроника
ИздавачРуски гласник (серијал)
Издадена
1912 (скратена верзија) 1917 (целосна верзија) (постхумно)
МедиумПечатено (тврди корици)
Страници192
ISBN978-1-84749-179-4

Инспирација

уреди

Толстој го пишува делото во нарушено здравје, а според подоцнежните писма пишувањето на ова дело му дало краток и последен момент на енергичност. Додека авторот се борел со неминовната смрт, со долготрајни медитации успева да ја заврши книгата, иако немал намера да ја објави, туку се грижел само да ја доврши. Отпорот на главниот лик е главна тематика во новелата, но можат да се сретнат и многу други идеи, како детерминизмот; што е повторување на идејата од „Војна и мир. Многу повоочлива тематика е борбата меѓу христијанска Русија и муслиманскиот Кавкаски Имамат, традиционалната борба на западот против истокот - тематика од руската историја и многу други раскази и романи.

Делото има сличности со делото на Александар ПушкинКапетановата ќерка затоа што е реалистичко дело засновано на вистински луѓе и настани и има сличен тек, иако главните ликови немаат ист крај. Толстој користел материјали од руските архиви, вклучувајќи го и досието за животот на Хаџи Мурат.

Историски контекст

уреди

Толстој, приказната ја сместува на Кавкаските планини во средината на 19 век во Русија. Во тоа време, руската војска сакала да ги освои овие предели, борејќи се против чеченско-дагестанската војска. Делото „Хаџи Мурат“ е поврзано и личните искуства на Толстој во армијата. Во 1851 г., му напишал на брат му: „Ако сакаш да ми кажеш новост... можеш да речеш дека извесен Хаџи Мурат пред неколку дена се предал на Руската Влада. Тој беше главниот јунак и најбестрашен во цела Чеченија, но беше натеран да го направи ова лошо дело“.[2]

Во книгата се опишуваат случките од кавкаската и руската борба во која беа вклучени и Толстој и Хаџи Мурат. Иако е пишувана по педесетина години откако настаните се случиле, Толстој успешно ја отсликува руската цивилизација на времето. Ги прикажува разликите помеѓу бирократското трулење и здравиот страствен живот на еден планинец.[3]

Содржина

уреди

Во предговорот, нараторот нѐ воведува во приказната со коментар за прегазениот, но сѐ уште жив магарешки трн во полето (симболика за главниот лик), по што почнува да ја раскажува приказната за Хаџи Мурат, славен и прочуен сепаратистички герилец кој ќе се скара со својот командант и ќе застане на руска страна, со надеж дека така ќе си го спаси семејството. Неговото семејството е заробено од Имамот Шамил - Аварски водач кој ги грабнал мајката, двете сопруги и петте деца на Хаџи Мурат. Мурат сака да се одмазди и за смртта на другите членови од неговото семејство. На почетокот од приказната Мурат со двајца соборци бегаат од Шамил (командантот на кавкаските сепаратисти), кој војува со русите. Се засолнуваат во куќата на Садо, лојален другар на Мурат. Мештаните дознаваат за тоа и го бркаат од селото.

Неговиот поручник стапува во контакт со Русите, кои му ветуваат дека ќе го пречекаат Мурат. Доаѓа во тврдината Воздвиженскаја за да им се приклучи на руските сили, со надеж дека ќе ја добие нивната поддршка за да го собори Шамил и да го спаси своето семејство. Пред да пристигне, Петруха Авдеев, млад руски војник, умира во локалната воена болница откако бил застрелан.во пресметка со чеченски и дагестански планинци крај тврдината. Толстој посветува едно поглавје за Петруха: без деца, доброволно се пријавил како регрут наместо брат му кој имал свое семејство. Таткото на Петруха се кае за ова, зошто Петруха бил работлив за разлика од брат му.

Во Воздвиженскаја, Мурат се спријателува со принцот Семјон Воронцов, син на кралскиот намесник, неговата сопруга Марија и син му, и добива благонаклоност од војниците стационирани таму. Восхитени од силата и славата, уживаат во неговото друштво, а Воронцови му подаруваат часовник. По пет дена откако дошол Мурат, пристигнува аѓутантот Михаил Лорис-Меликов со наредба да ја запише приказната на Мурат. Така читателот дознава дел од неговиот живот: роден е во селото Целмес и уште како мал бил во контакт со месните ханови затоа што мајка му била дадилка-доилка кај кралското семејство. Кога имал 15 години, во селото дошле муридисти и повикале на света војна (газават) против Русија. Мурат прво одбил, но откако му објасниле како ќе се води, колебливо прифатил. Шамил тогаш бил поручник кај муслиманите кои се бореле против Русите. Гамзат (нивниот водач) го напаѓа Хунзах (главниот град на Аварското Ханство) и ги убива проруските ханови, со што ја презема контролата врз овој дел од Дагестан. Колењето на хановите ги врти Хаџи и брат му против Гамзат, и тие успеваат да го намамат и убијат, а неговите следбеници успеваат да избегаат. Сепак. во обидот е убиен братот на Мурат, додека Шамил го заменува на Гамзат како водач на муслиманите. Шамил го повикува Мурат да им се приклучи во борбата против русите, но Мурат одбива бидејќи крвта на неговиот брат и хановите е на дланките од Шамил.

Штом Мурат им се придружил на русите, свесни за неговата позиција и способност преговарање, го сметаат за совршена алатка за да го фатат Шамил. Сепак, воениот министер Чершинов ги уништува плановите на Воронцов, Тој вика дека по наредба на царот, а под сомнение дека е шпион, Мурат не смее да ја напушта тврдината. Следува опис на рускиот цар Николај I, претставувјќи го како летаргичен и огорчен; опишувајќи ја неговата самобендисаност и горделивост, како и презирот кон жените, шурата Фредерик Вилијам IV од Прусија и руските студенти.

Царот наредува да се нападнат планинците, а Мурат останува во тврдината. Во меѓувреме, мајката на Мурат, сопругата и неговиот најстар син Јусуф, кои Шамил ги држи во заробеништво, се преместени на друго место. Согледувајќи си ја состојбата (ниту русите му веруваат да се бори со своја војска против Шамил, ниту може да се врати кај Шамил затоа што ќе биде убиен), Хаџи Мурат одлучува да избега од тврдината и да собере луѓе за да си го спаси семејството.

Приказната продолжува со пристигнување на група војници во тврдината кои ја носат отсечената глава на Мурат. Марија Димитријевна - придружничка на еден од офицерите и пријателка на Мурат - ја презира суровоста на луѓето во војна, нарекувајќи ги „касапи“. Војниците ја раскажуваат приказната за смртта на Мурат. Избегал од тврдината откако се отарасил од руската придружба со помош на пет негови поручници. По бегството, наишле на мочуриште кое не можеле да го поминат и до наредното утро се кријат меѓу грмушките. Некој старец им кажал на русите каде се наоѓаат, и Карганов (командантот на тврдината) со своите војници и некои козаци го опколуваат местото. Хаџи Мурат со дружината се утврдуваат и даваат отпор на војниците, јуначки загинувајќи. Откако му ја испоубиле дружината, Хаџи истрчал на отворен оган, и покрај тоа што бил ранет и со платно ги преврзал смртоносните рани на телото. По испукувањето на последниот куршум, во мислите му навираат случки од животот, а војниците мислат дека е мртов; се исправа за последната борба, но паѓа мртов. Руските војници во сласта на победата го обезглавуваат. Славејчињата, кои престанале да пеат за време на битката, одново ја започнуваат својата песна, а нараторот приказната ја завршува со потсетување на читателот за магарешкиот трн од почетокот на новелата.

Тематика

уреди

Хаџи Мурат е поразличен од другите дела од Толстој приближно напишани во исто време. Во Ѓавол (1889), Кројцеровата соната (1890), „Отец Сергеј“ (1898), „Воскресение (1899), „Стопанот и работникот“ (1895) и Фалсификуван купон (1905), акцентот се става на човечкиот морал и должности, што не е случај со Хаџи Мурат. Толстој во делата обично ги тера протагонистите да поминат низ фаза на „прочистување“, каде што учат за етичките идеали. Хаџи Мурат е посебно дело од Толстој, затоа што го нема тоа во неа. Наместо тоа, во староста Толстој се враќа да пишува за спомените од младоста. Хаџи Мурат е приказна сочинета од негативни тематики, што е несвојствено за Толстој. Ја отсликува негативната страна на човекот кој се сомнева дека има и најмала добрина во кој било човек.[4] Ребека Рут Гулд го опишува Хаџи Мурат заедно со другите списи на Толстој за Кавказот, како „етнографски фусноти кои го информираат читателот за историјата, јазиците и обичаите на непријателите на Русија“.[5]

Поврзано

уреди

Библиографија на Лав Толстој

Наводи

уреди
  1. Pevear, Richard; Volokhonsky, Larissa (2010-03-18). „Tolstoy's Stories“. HuffPost (англиски). Посетено на 2019-11-10.
  2. Wheeler, Edward Jewitt, and Frank Crane. Current Opinion. Vol. LII. New York: Current Literature, 1912. Print.
  3. Woodward, James B.. “Tolstoy's "hadji Murat": The Evolution of Its Theme and Structure”. The Modern Language Review 68.4 (1973): 870–882. Web…
  4. HEIER, EDMUND. “Hadji Murat in the Light of Tolstoy's Moral and Aesthetic Theories”.Canadian Slavonic Papers 21.3 (1979): 324–335. Web...
  5. Gould, Rebecca Ruth. "Topographies of Anticolonialism: The Ecopoetical Sublime in the Caucasus from Tolstoy to Mamakaev" Comparative Literature Studies, Vol. 50, No. 1, p. 92