Фаетон (претпоставена планета)

Фаетон (старогрчки: Φαέθων) била претпоставена планета и според Тициус-Бодевиот закон се претпоставувало дека постои помеѓу орбитите на Марс и Јупитер. Се сметало дека нејзиното уништување го предизвикало создавањето на астероидниот појас (сосе џуџестата планета Церера). Претпоставената планета името го добила по Фаетон, син на богот на сонцето Хелиос во грчката митологија, кој еден ден се обидел да ја вози сончевата кочија од татко му, но паднал и за малку ќе го уништел светот. Во минатото неговото име се користело и за самиот Јупитер.[1]

Фаетонска хипотеза

уреди
 
Sturz des Phaeton (Падот на Фаетон) од Јохан Мајкл Франц
 
Хајнрих Вилхелм Матеус Олберс, кој ја формулирал претпоставката за планетата Фаетон

Според претпоставениот Тициус-Бодев закон, се верувало дека постои планета помеѓу Марс и Јупитер. По дознавањето за редовната низа откриена од германскиот астроном и математичар Јохан Тициус (1729–1796), астрономот Јохан Боде поттикнал потрага по петтата планета за да се пополни јазот во низата. (1) Церера, најголемиот астероид во астероидниот појас (сега се смета за џуџеста планета), неверојатно е откриен во 1801 година од италијанецот Џузепе Пјаци и открил дека отприлика се совпаѓа со „испразнетото“ место во низата на Тициус, при што многумина помислиле дека тоа е „планетата што недостига“. Но, во 1802 година, астрономот Хајнрих Вилхелм Матеус Олберс го открил и го именувал астероидот (2) Палада, уште еден објект во приближно истата орбита на (1) Церера.

Олберс тврдел дека овие две откритија се остатоци од разорена планета која порано орбитирала околу Сонцето и предвидел дека ќе се пронајдат уште повеќе вакви остатоци. Откривањето на астероидот (3) Јуно од Карл Лудвиг Хардинг и (4) Веста од Олберс, ја поткрепиле неговата претпоставка.

Во 1823 година, германскиот лингвист и пензиониран учител Јохан Готлиб Радолф ја нарекол „Олберсовата уништена планета Фаетон, поврзувајќи ја планетата со грчките митови и легенди за Фаетон.[2] Слична идеја подоцна застапувал и Имануел Великовски, но тој сметал дека катастрофата се случила во поново време.[3] И покрај тоа што Радлоф прв ја именувал, руски автори од 20 век тврделе дека „претпоставената планета на Олберс останала без име век и половина. За да во 1949 година познатиот советски астроном Сергеј Владимирович Орлов ѝ го даде името Фаетон .“[4]

Во 1927 година, Франц Ксавер Куглер напишал кратка книга со наслов „Братоубиствената Битка меѓу Ѕвездите и Фаетон Виден како Историја на Природата“ (Sibyllinischer Sternkampf und Phaëthon in naturgeschichtlicher Beleuchtung) Главна идеја во книгата од Куглер е дека митот за Фаетон се потпира врз вистински настан: Преку користење на антички извори, Куглер тврдел дека Фаетон бил многу сјајно небесно тело кое се појавило околу 1500 година. п.н.е. и по кратко време потоа паднал на Земјата како дожд од големи метеорити, со што предизвикал катастрофални пожари и поплави во Африка и на други места

Претпоставките за создавањето на астероидниот појас како резултат на уништивањето на претпоставената петта планета денес заедно се нарекуваат „теорија на уништување“. Овие претпоставки наведуваат дека порано постоела планета во Сончевиот Систем која кружела во јазот помеѓу Марс и Јупитер, и бил уништена на еден од следниве претпоставени начини: 

  • скршнала преблиску до Јупитер и била здробена од неговата плимна сила
  • се судрила со друго големо небесно тело
  • била уништена од претпоставено кафеаво џуџе, ѕвезда придружник на Сонцето, позната како Немезис.
  • била распарчена од некоја внатрешна катастрофа

Во 1953 година, советскиот астроном И. И. Путилин навел дека Фаетон била уништена поради центрифугални сили; му одредил пречник од приближно 6.880 километри и брзина на ротација од 2,6 часа. На крајот, планетата толку се искривила при што нејзините делови во близина на екваторот биле исфрлени во вселената. Испуштањето на гасови што биле складирани во внатрешноста на Фаетон предизвикало повеќекратни експлозии, испраќајќи материјал во вселената и формирајќи астероидни семејства. Но, неговата теорија не била општоприфатена. По две години, во 1955 година, астрономот К. Н. Савченко навел дека Церера, Палада, Јунона и Веста не се остатоците од Фаетон, туку се неговите месечини. Фаетон имал уште еден петти сателит, за кој се претпоставувало дека е со големина колку Церера, кој орбитирал во близина на Хиловата сфера на планетата, и затоа бил поподложен на гравитациски растројувања од Јупитер. Следствено на тоа, петтиот сателит се оттргнал од Фаетоновата орбита и ротирал околу Сонцето милиони години потоа, и одвреме навреме доаѓал многу блиску до Фаетон и за малку се промашувале; а овие блиски средби полека ја зголемувале неговата брзина. Откако оттргнатиот сателит повторно влегол во Хиловата сфера на Фаетон, тој со огромна брзина се судрил во планетата распарчувајќи ја; а Церера, Палада, Јунона и Веста почнале хелиоцентрично да ротираат. Преку симулации се покажало дека за тело со големина на Церера да може да го уништи Фаетон, тоа треба да се движи со брзина од скоро 20 километри во секунда.

Претпоставката за разорена планета е поддржана и од француско-италијанскиот математичар и астроном Џозеф-Луј Лагранж;[5] канадскиот геолог Реџиналд Дејли во 1943 година;[6] американските геохемичари Харисон Браун и Клер Патерсон;[7] Советските академици Константин Савченко, Александар Заварицки, Василиј Фесенков, Иван Путилин и Ото Шмит; британско-канадскиот астроном Мајкл Овенден;[8] и американскиот астроном Доналд Менцел.[9] Овенден предложил планетата да се нарече „Криптон“ по уништената планета од каде потекнува Супермен, и верувал дека бил гасовит џин со маса од околу 85 до 90 пати поголема од онаа на Земјата и обем речиси колку Сатурн.[8]

Денес, претпоставката за Фаетон е заменета со моделот на насобирачки диск.[10] Повеќето астрономи денес сметаат дека астероидите во главниот појас се остатоци од протопланетарниот диск од кој никогаш не се создала планета, и дека во ова подрачје здружувањето на протопланети во планета било оневозможено од нарушувачките гравитациски растројувања на Јупитер за време на периодот на создавање на Сончевиот Систем

Други претпоставки

уреди

Некои научници продолжуваат да тврдат дека планета слична на Фаетон постоела и била уништена .

Захарија Сичин навел дека сумерската божица Тиамат всушност е поврзана со планета уништена од самотна планета позната како Нибиру, по што се создале Земјата и астероидниот појас.[11] Тој уште од 1978 година тврдел дека во Сончевиот Систем не постојат девет планети (според тогашната официјална наука), туку има и десетта планета – Нибиру. Таа се движела низ вселената по развлечен пат и на секои 3.600 години поминувала низ Сончевиот Систем. Последниот пат кога Нибуру поминала низ Сончевиот Систем ја уништила планетата Фаетон. Од Фаетон настанал астероидниот појас затоа што огромната самотна планета имала толкава разорна моќ што сите планети со кои ќе се судрела ги претворала во прав.[12] Неговиот труд се смета за псевдонаука.[13]

Астрономот и автор Том Ван Фландерн сметал дека Фаетон (која ја нарекол „Планета V“, при што V е римска цифра за пет и не треба да се меша со другата претпоставена петта планета за која не се смета дека го создала астероидниот појас) експлодирала од некоја внатрешна причина. Во неговата „Хипотеза за Експлодираната Планета 2000“, тој ги наведува можните причини за експлозијата: јадрена реакција на ураниум во нејзиното јадро, промена на агрегатната состојба за време на ладењето на планетата по што се променила и густината; или преку постојана апсорпција на топлина во јадрото од гравитони. Ван Фландерн дури навел и дека Марс е можеби месечина на Планетата V, затоа што неговите кратери покажуваат дека бил изложен на бури од метеорити, а неговата густина е релативно помала во споредба со другите внатрешни планети.[14][15][16]

Во 1972 година, Сојузмултифилм студиото направило краток анимиран филм насловен Фаетон: Синот на сонцето (руски: Фаэтон - Сын Солнца), во режија на Василиј Ливанов, во кој астероидниот појас е прикажан како остатоци од планета. Во филмот исто така често се споменуваат древните астронаути.[17].

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди

Наводи

уреди
  1. Cicero, De Natura Deorum.
  2. Radlof, Johann Gottlieb (1823). Zertrümmerung der großen Planeten Hesperus und Phaeton, und darauf folgenden Zerstörungen und Ueberflutung auf der Erde. Berlin: G. Reimer. стр. 59.
  3. van der Sluijs, Marinus Anthony. „Johan Radlof: The father of planetary catastrophism“. Mythopedia.info. Посетено на 2017-03-21.
  4. Bronshten, V.A. (мај 1972). Origin of the Asteroids. Zemlya i Vselennaya. Посетено на 22 март 2017.
  5. Lagrange, J.L. (1814). Sur l'origine des comètes-Connaissance des temps pour l'an 1814. стр. 211.
  6. Dodd, Robert (1986). Thunderstones and Shooting Stars. Harvard U. Press. стр. 54.
  7. Brown, H.; Patterson, C. (1948). „The composition of meteoritic matter III“. J. Geol. 56: 85–111. doi:10.1086/625489.
  8. 8,0 8,1 Ovenden, M.W. (1972). „Bode's law and the missing planet“. Nature. 239: 508–509. doi:10.1038/239508a0.
  9. Menzel, Donald (1978). Guide des Etoiles et Planètes [A Field Guide to the Stars and Planets]. Les Guides du Naturaliste. Преведено од Egger, M.; Egger, F. (2me éd.. изд.). Paris: Delachaux et Nestlé; Houghton-Mifflin. стр. 315. Presque toutes ces petites planètes circulent entre les orbites de Mars et Jupiter. On admet qu'elles représentent les fragments dispersés d'une grande planète qui se serait désintégrée [inter alia]
  10. „Ask an Astrophysicist“. imagine.gsfc.nasa.gov.
  11. Sitchin, Zecharia (1990). „Chapter 2: It Came From Outer Space“. Genesis Revisited. New York: Avon Books. ISBN 978-0380761593.
  12. „ВИДЕО: За 10 дена земјата ќе се судри со 5 пати поголемата планета Нибиру!?“. zase.mk. Посетено на 2021-11-23.
  13. Carroll, Robert T. (1994–2009). „Zecharia Sitchin and The Earth Chronicles. The Skeptic's Dictionary. John Wiley & Sons. Посетено на 2016-02-05.
  14. Van Flandern, Tom C. (2000). „The Exploded Planet Hypothesis 2000“. Meta Research. Архивирано од изворникот на 2002-11-21.
  15. Van Flandern, Tom C. (2007). „The challenge of the exploded planet hypothesis“. International Journal of Astrobiology. 6 (3): 185–197. Bibcode:2007IJAsB...6..185V. doi:10.1017/S1473550407003758. ISSN 1473-5504.
  16. Van Flandern, Tom C. (1999). Dark Matter, Missing Planets, and New Comets: Paradoxes resolved, origins illuminated. North Atlantic Books. ISBN 9781556432682.
  17. Российская анимация в буквах и фигурах | Фильмы | «ФАЭТОН - СЫН СОЛНЦА»

Користени книги

уреди
  • Christy-Vitale, Joseph (2004). Watermark: The Disaster That Changed the World and Humanity 12,000 Years Ago. New York: Simon and Schuster.
  • Cole, Dandridge M.; Cox, Donald William (1964). Islands in Space: The Challenge of the Planetoids. Philadelphia: Chilton Books.
  • McSween, Harry Y. (2004). Meteorites and Their Parent Planets. Cambridge: Cambridge University Press.
  • Annals of the New York Academy of Sciences. New York Academy of Sciences., Records of meetings 1808–1916 in v. 11–27, p. 872.