Училиште за безбожништво

„Училиште за безбожништво“ (српски: Школа безбожништва) — збирка раскази на српскиот писател Александар Тишма од 1978 година. За неа авторот ја добил Андриќевата награда.

Содржина

уреди

Збирката содржи четири раскази.

Шнек

уреди

Шнек, службеник во едно осигурително друштво во Белград, се буди со силна главоболка во еден хотел во Лозница, каде престојува поради работа. Изутрината, болката му минува без да земе лек, а потоа, тој нема никакви главоболки во следните два месеца, што е необично за него. Тој одржува љубовна врска со вдовицата Љиљана Калајиќ, а две години од почетокот на врската нему му се појавува истата нервна болест од која умрел поранешниот сопруг на Љиљана. Пред Втората светска војна, Шнек живеел во Нови Сад, каде работел како адвокат, а бил оженет со еврејската убавица Хенриета која постојано го изневерувала. Кога започнала војната, тој и сопругата биле одведени во логор, но Хенриета му станала љубовница на управникот на логорот. Еден ден, поради нејзиното лажно сведочење, тој бил префрлен во логорот во Белград, но Шнек успеал да побегне. Потоа, користејќи туѓо име, тој се криел во разни места низ Србија, кон крајот на војната им се придружил на партизаните, а по ослободувањето се доселил во Белград. Со текот на времето, неговата нервна болест напредува и тој решава да се ожени со Љиљана. На денот на свадбата, Шнек повторно добива остра главоболка која утредента ненадејно му исчезнува. Тогаш, Шнек сфаќа дека целиот живот му минал безуспешно трудејќи се да биде некој друг: за време на војната се криел зад туѓите документи, а за време на врската со Љиљана се обидувал да се поистовети со нејзиниот покоен сопруг. Во тој миг, Шнек за првпат во животот се чувствува близок со поранешната сопруга Хенриета.[1]

Училиште за безбожништво

уреди

За време на Втората светска војна, Дулич, низок иследник во унгарската контраразузнавачка служба, го сослушува момчето Душан Остојин, кој е уапсен поради пишување комунистички пароли. Притоа, Дулич цело време мисли на болниот син кој се наоѓа во тешка состојба, борејќи се за живот. Дулич сурово го измачува Остојин, но никако не може да изнуди признание. Откако момчето паѓа во бесознание како последица на измачувањето, Дулич дознава дека друг затвореник признал сè и дека Остојин повеќе не е важен за истрагата. Бесен поради неуспехот да го натера затвореникот да признае, Дулич продолжува уште посилно да го мачи Остојин, кој умира. Тогаш, Дулич доживува голем страв од божјата казна, помислувајќи дека неговиот син ќе умре поради неговиот ѕверски однос кон затвореникот. Исплашен, тој сака да изврши самоубиство, но во последен миг се јавува дома и дознава дека синот ненадејно оздравел. Тогаш, Дулич сфаќа дека не постои бог.[2]

Најлошата ноќ

уреди

Еден човек ја минува ноќта буден, очекувајќи го денот кога тој, сопругата и ќерката треба да бидат одведени во концентрационен логор. Тој знае дека тоа значи сигурна смрт за нив, па ноќта ја минува преиспитувајќи се како е најдобро да постапи: дали да се помири со судбината, дали да ги разбуди блиските и заедно да се обидат да побегнат или пак да ги убие жената и ќерката и така да ги спаси од страдањето што неизбежно ги очекува во логорот. Така размислувајќи доаѓа утрото, а тој нема сила ги убие своите најблиски.[3]

Стан

уреди

Бранко Чаковиќ е поранешен партизан, кој по завршувањето на војната активно учестувал во колективизацијата, потоа работел како финансиски инспектор, но поради недоволното образование подоцна е преместен на ново, здодевно работно место. Тој живее во мал стан, заедно со сопругата, болната ќерка Јасна и синот Милан. Тој е во лоши односи со сопругата и не е задоволен од децата. Поради болеста на Јасна, сопругата посакува нов стан и Бранко е принуден да го замоли градоначалникот за услуга, иако тоа е во спротивност со неговите принципи. Градоначалникот веднаш му нуди нов стан во периферијата на градот. Градоначалникот веднаш му нуди нов стан во периферијата на градот, но сопругата на Бранко е против, па тој потворно го моли градоначалникот, кој му нуди нов стан во центарот на градот. Меѓутоа, Бранко дознава дека тој стан ѝ припаѓа на професорката Вилма Синдхолц која му помогнала во младоста кога тој бил избркан од гимназијата. Бранко ја посетува професорката со намера да ја убеди да му го отстапи станот, но таа одбива да се исели, а него го гризе совеста поради тоа што и тој учествува во непријатностите што ѝ се случуваат на професорката. Сепак, по некое време, професорката мора присилно да го напушти станот и да се пресели во малиот стан на едне брачен пар, кој пак треба да се всели во станот на Бранко. На денот на преселбата, Бранко оди во станот на професорката со намера да ѝ дозволи да остане во станот, меѓутоа милицаецот не ја пушта да влезе внатре.[4]

Осврт кон делото

уреди

Иако расказите во збирката се разликуваат по темата, сепак тие се меѓусебно поврзани. Во првиот расказ, со примена на пиранделовска атмосфера и бергмановски аналитички дух, се отлсикува еден брачен живот во чија позадина лежи воената траума. Вториот расказ претставува анатомски приказ на внатрешниот живот на еден професионален мачител, а истовремено претставува одговор на сфаќањето за нероманескноста на таквиот лик. Третиот расказ претставува еден вид инверзија на вообичаената книжевна постака: започнува во стилот на егзактна расправа, а постепено се претвора во приказ на животната трагедија. Последниот расказ ја опишува неуспешната борба за задржување на моралната чистота, со изразена иронија кон етичката строгост на главниот лик и постапките кои мора да ги направи тој. Заедничка црта на сите раскази е способноста на Тишма за суптилно набљудување на духовните случувања кои се пресудни за судбинските дилеми и определби на нашето време.[5]

Наводи

уреди
  1. Aleksandar Tišma. Škola bezbožništva. Beograd: Nolit, 1978, стр. 9-39.
  2. Aleksandar Tišma. Škola bezbožništva. Beograd: Nolit, 1978, стр. 43-88.
  3. Aleksandar Tišma. Škola bezbožništva. Beograd: Nolit, 1978, стр. 91-110.
  4. Aleksandar Tišma. Škola bezbožništva. Beograd: Nolit, 1978, стр. 113-174.
  5. Aleksandar Tišma. Škola bezbožništva. Beograd: Nolit, 1978.