Трол
Трол — суштество од нордиската митологија, кое ги инкарнира силите на природата или магијата и чија главна одлика е што е спротивен на луѓето и на боговите. Тролот честопати е исто суштество со јотуните, односни, « џинови » во нордиската митологија. Се појавува во Среден век, претставен во скандинавските легенди и верувања како натприродно суштество.
Трол кој медитира за годините, Теодор Кителсен, 1911. Национална норвешка библиотека. | |
Вид | Митологија, народен фолклор |
---|---|
Подвид | Јотун |
Слични суштества | Џин Орка |
Митологија | Нордиска митологија |
Земја | Скандинавија, Исланд |
Живеалиште | Мориња, планини, шуми |
Опасен за човекот и непријателски настроен, тролот се поврзува со природните сили непознати за човечката цивилизација, особено со морињата, планините и шумите. Дијаболизиран од страна на христијанството, верувањата во тролот се зачувале само во скандинавските преданија, сè до 19 век. Во денешни времиња, тролот се појавува како лик во фантастиката, во книжевни дела или во популарната култура. Модерниот архетип честопати го претставува како џин со огромна сила, наивен или злобен.
Троловите се најчестите суштества во скандинавските бајки и поприсутни од вилениците, џуџињата, вештерките и џиновите. Тие се опишани во разни големини и може да се огромни како џиновите или мали како џуџињата. Речиси секојпат се сметаат за суштества со ниска интелигенција (особено машките тролови), со голем нос, долги раце, влакнести и не многу убави (освен некои ретки женски тролови).
Во скандинавските бајки троловите главно се претвораат во камен при допир со сончева светлина, истиот аспект го усвојува и Толкин иако неговите тролови имаат доста поинаков физички аспект. Нивното живеалиште е во шумите и во планините и понекогаш киднапираат деца кои се принудени да живеат со нив. Некојпат крадат човечки деца а место нив на луѓето им ги оставаат своите деца (старо традиционално објаснување за деца родени со Даунов синдром). Децата во Шведска честопати биле заплашувани со тролови - еден од начините да се навикнат да ги четкаат своите заби било да им се каже да се ослободат од малите “забни тролови“ кои им прават дупки во забите.[1]
Потекло на поимот
уредиЗборот « трол» е позајмица од шведскиот или норвешкиот troll збор, кој и во двата јазика е со истото значење[3]. Терминот на исландски се пишува tröll , на дански trold.
Овие скандинавски термини се позајмени од старонордискиот (староисландскиот) јазик, појавувајќи се во старонордиската книжевност во средниот век и опишуваат ликови од митологијата, и според Свеинсон означуваат некој « кој ја поседува магијата или мрачните сили »[4]. Терминот е поврзан со старонордискиот глагол trylla што значи « збудалува, се доведува до огромен бес, се исполнува со лутина» или « претвора во трол, маѓепсува»[5].
Етимологијата на овие старонордиски термини е предмет на неколку лингвистички теории за истите да се поврзат со корени од прагерманскиот јазик или со индоевропските, но со ниту една теорија не постои консензус помеѓу специјалистите.
Од друга страна, во модерните скандинавски јазици зборовите troll и trylla постојат во коренот на бројни изрази, сите поврзани со магијата (добра или лоша) : troldom (дански), trolldom (шведски) што значи « волшебништво», trolderi (дански), trolleri (шведски), « магија, маѓепсаност», trollsk (шведски) « магично », troldmand (шведски) « волшебник», на дански : tryllekraft « магична моќ », tryllemiddel, trylleri « магија, волшепство »[6]… Во средновековниот германски се среќава сепак зборот trolle или trol « фантом, чудовиште, волшебник », и trüllen « лаже, мами ».
Нордиска митологија
уредиТерминот « трол » е споменат во нордиската митологија, односно во збирката митови од Северна Европа, особено оние од Скандинавија (југот на Норвешка, Шведска, Данска), северот на Германија а воедно и во Исланд, уште во 9 век. Овие митови потекнуваат од старата религија (паганството) на Викинзите, и биле народно верување до појавата на христијанството во 10-13 век. Според текстовите, тролот честопати се поврзува со јотунот, суштества кои ги симболизираат природните сили, понекогаш опишувани како « џинови » во нордиската митологија.
Има многу конфузија во употребата на старонордиските термини jǫtunn, troll, þurs и risi, кои опишуваат различни суштества. Според Јакобсон терминот « трол » се користел во среден век за да опише разни суштества, како џин или планински човек, маѓесник, ненормално силна или грда личност, зол дух, фантом, паганско полубожество, демон итн.[7].
Според Еинар Олафур Свеинсон , значењето « џин » се појавува дури кон крајот на 11-12 век и дури оттогаш терминот трол станал синоним за јотун (односно, џин)[8]. Во Еда, се споменува богот Тор кој отишол на исток за да се бори со троловите. est allé à l'est pour combattre des trolls[9]. « Жените-тролови » односно « женските тролови » се споменати во сагите ; тие главно се опишани како џинови, но некогаш како волшебнички. « Полутроловите » исто така се споменати во исландските саги. На пример полутролот Торир, спомнат во Сага Гретис, или полутроловите со кои се борел Гретир Асмундарсон во Халмундовата песна[10].
Особености
уредиСпоред Свеинсон, не може прецизно да се опишат одликите на митолошкиот трол, бидејќи постојат многу варијации на описите согласно текстовите и епохите. Троловите опишани во фолклорот најчесто се опишувани како осамени битија, животински или монструозно грди, со “џиновска“ големина, жители на осамени планини, облечени во крзна или животински кожи.[11].
Верувањата и одликите на тролот се мошне различни зависно од епохите и скандинавските региони па тешко е да се даде некаков генерален опис на тролот. Значаен аспект на легендите е дека тролот ретко е опишан физички: легендите главно не се осврнуваат на изгледот на тролот и повеќе се фокусираат на неговите дејства и на споменувањето на неговата натприродност, односно, на неговата различност во однос на луѓето. Неговиот изглед понекогаш е идентичен со оној на луѓето. Висината на тролот ретко е спомената во легендите; сепак се чини дека тој е карактеристичен наследник на јотунот од постарата митологија. Модерната идеја за огромната или џиновска висина на тролот главно се должи на фикцијата на бајките и на илустрациите.
Легендарниот трол се дефинира главно по неговата врска со елементите на природата: морето, некои шуми, планини, карпи, односно, осамени места на кои е ретко присуството на луѓето. Тролот така станува симбол или инкарнација на природните сили, кон кои човекот чувствува стравопочит, бидејќи се опасни или непознати. Легендите го споменуваат често проблемот на средбата на луѓето со троловите, грабнувањето жени и деца од страна на тролот, начинот да се избегне средбата со него, да се победи или да се убие; особено, ранливоста на тролот соочен со огнот, грмотевиците и со сончевата светлина.
Скандинавски фолклор
уредиТролот во фолклорот е присутен во бројни легенди и народни верувања. Тие биле пренесувани од генерација во генерација, главно по устен пат (приказни, бајки, песни, ритуали). Овие легенди и верувања биле присутни главно во скандинавската култура и пренесувани во регионите на скандинавските јазици. Главно, во Норвешка, во Шведска, во Данска и некои региони на северот на Германија и во Исланд[12]. Тролот останал предмет на верување до појавата на христијанството. На почетокот на 20 век бројни легенди биле собрани од страна на истражувачите. По појавата на христијанството, тролот главно се смета за измислено суштество , односно фиктивен лик во книжевноста, научно-фантастични романи или филмови.
Традиции
уредиВо XIX и XX век, традицијата и дефиницијата на тролот во фолклорот доста се разликува од регион во регион низ Скандинавија. Хартман разликува две спротивни традиции: норвешка традиција на запад, и традицијата на исток (јужниот дел на Шведска, Данска) [13].
Норвешка традиција
уредиСпоред норвешката традиција, тролот е осамено суштество, големо и грдо - но сепак измислено, непостоечко, односно - фикција. Неговиот опис многу е сличен со џиновите, односно јотуните од нордиската митологија. Ваквиот трол бил лик на приказните, претставник на некое зло или демонска сила. Така, тој не бил предмет на народните верувања, според Хартман, спротивно од хулдрефолкот кој бил дел од народното верување во тоа време во Норвешка.
Шведска и данска традиција
уредиДругата традиција за тролот глобално се протега низ централна и јужна Шведска и во Данска. Во оваа традиција, троловите биле предмет на народните верувања. ваквите тролови биле сметани за група на натприродни антропоморфни суштества (некојпат дури и со човечки лик) кои живееле во планините и шумите, честопати поврзувани со семејството на ватарите (vättar) - шведски, или она на хулдерфолк (huldrefolk) - норвешки. Понекогаш овие тролови биле сметани за народ кој живее во мир со луѓето, но најчесто, сепак, биле сметани за опасни и нечесни. Во оваа традиција, тролот честопати се сметал за суштество кое грабнува деца, налик на оние легенди кои постојат во келтскиот фолклор. Иако тролот се поврзувал со магијата и со натприродното, верувањето во него било поинакво од верувањето во волшебниците[14].
Традицијата на островите кај Шкотска
уредиНа Шетланд и на Оркниски Острови, северно од Шкотска, натприродните суштества опишани како trow (или trowe, drow) се слични на норвешките хулдерфолк и сугерираат на некакво можно заедничко потекло. Според Петер Нарваез, терминот « трол » можеби бил донесен од старите нордиски доселеници на овие острови и се користел за општо да се означат натприродни суштества, додека подоцна, неговото значење се свело само на џиновските суштества (јотун) од митологијата[15].
Во книжевноста
уредиТроловите освен во бајките, често се споменуваат и кај скандинавските писатели на 19 век. За нив пишувале норвешкиот писател Петер Кристен Асбјорнсен како и Финецот Захарија Топелиус во 19 век. Нивните тролови се огромни и моќни волшебници кои сакаат сурово да си подигруваат со човекот. Таква е и пиесата на познатиот норвешки драматург Хенрик Ибзен " Пер Гинт " од 1867. Во оваа пиеса тој својот јунак го соочува со троловите чиј крал е Старецот на планината. За да се ожени со ќерката на кралот мора да се откаже од својата човечка состојба, но пред да го стори тоа, побегнал. Ибзен се послужил со делата на Асбјорнсен и Јерген Мое за да прикаже на сцена ликови и ситуации од норвешкиот фолклор.
Во серијалот детски книги Мумини (на шведски: Mumintroll ) на шведско-финската писателка Туве Јансон, ликовите се семејство од дебелушкасти ликови инспирирани од бајките, со пријателски изглед, кои наместо на страшни тролови наликуваат на некакви нилски коњи.
Троловите се популаризираат откако биле споменати во романи како "Хобитот" од 1937 година на англискиот писател Џ. Р. Р. Толкин. Троловите кај Толкин се огромни (10 метри), зли, но наивни човекојадни суштества, посличен на огри отколку на скандинавските тролови. Толкиновите тролови се претвораат во камен кога се при допир со сончева светлина. Троловите се појавуваат повремено и во делото "Господарот на прстените".
Во светот на Хари Потер, фикција на познатата британска писателка Џ. К. Роулинг, троловите се џиновски чудовишта кои убиваат секој што ќе го сретнат.
Филмови
уредиОсвен во филмуваните верзии на книжевните дела на Толкин и на други писатели на фантастична литература, троловите се споменуваат и во: - во филмот Вилоу (Willow) (1988) на Рон Хауард троловите се непријателски суштества, влакнести и високи околу 1,5 м. Одат на четири нозе и имаат способност брзо да се движат, преку ѕидови или на дрвени мостови. - во фантастичниот норвешки филм Ловец на тролови (Trollhunter) (2010) на Андре Евредал, троловите се поделени на разни видови и живеат над 1000 години. Тие од страна на норвешката влада се третирани како „државна тајна“ која се обидува да го скрие постоењето на троловите и сака да ги уништи.
Галерија
уреди-
«Трол» — цртеж на Теодор Кителсен
-
Зграда во вид на трол во Вермланд, Шведска
-
Тролот го пребројува своето богатство
-
Сообраќаен знак «Внимание, тролови!» пред кривина на патот RV63, познат како «Тролова скала». Норвешка.
-
Трол краде крава.
Надворешни врски
уреди- Тролови, огри и џинови во илустрација на нордиските народни приказни Архивирано на 25 септември 2013 г., изложба на стари илустрации (2004, Библиотека Сент-Женевјев)
- (англиски) Илустрации и приказни за тролови Архивирано на 23 февруари 2015 г.
Библиографија
уреди- Ármann Jakobsson (2006). "The Good, the Bad and the Ugly: Bárðar saga and Its Giants" in The Fantastic in Old Norse/Icelandic Literature, pp. 54–62. Available online at dur.ac.uk (archived version from March 4, 2007)
- Ármann Jakobsson (2008). "The Trollish Acts of Þorgrímr the Witch: The Meanings of Troll and Ergi in Medieval Iceland" in Saga-Book 32 (2008), 39–68.
- Kvideland, Reimund. Sehmsdorf, Henning K. (editors) (2010). Scandinavian Folk Belief and Legend. University of Minnesota Press. ISBN 978-0-8166-1967-2
- Lindow, John (1978). Swedish Folktales and Legends. University of California Press. ISBN 0-520-03520-8
- Lindow, John (2007). "Narrative Worlds, Human Environments, and Poets: The Case of Bragi" as published in Andrén, Anders. Jennbert, Kristina. Raudvere, Catharina. Old Norse Religion in Long-Term Perspectives. Nordic Academic Press. ISBN 978-91-89116-81-8 (google book)
- MacCulloch, John Arnott (1930). Eddic Mythology, The Mythology of All Races In Thirteen volumes, Vol. II. Cooper Square Publishers. PDF version online - [2]
- Narváez, Peter (1997). The Good People: New Fairylore Essays (The pages referenced are from a paper by Alan Bruford entitled "Trolls, Hillfolk, Finns, and Picts: The Identity of the Good Neighbors in Orkney and Shetland"). University Press of Kentucky. ISBN 978-0-8131-0939-8
- Orchard, Andy (1997). Dictionary of Norse Myth and Legend. Cassell. ISBN 0-304-34520-2
- Simek, Rudolf (2007) translated by Angela Hall. Dictionary of Northern Mythology. D.S. Brewer ISBN 0-85991-513-1
- Thorpe, Benjamin (1851). Northern Mythology, Compromising the Principal Traditions and Superstitions of Scandinavia, North Germany, and the Netherlands: Compiled from Original and Other Sources. In three Volumes. Scandinavian Popular Traditions and Superstitions, Volume 2. Lumley.
Наводи
уреди- ↑ „архивски примерок“. Архивирано од изворникот на 2013-11-20. Посетено на 2013-12-16.
- ↑ Белешка : Староскандинавскиот на запад (старонордиски, црвено) бил мошне близок до скандинавскиот на исток (портокалово).
- ↑ http://www.cnrtl.fr/definition/troll
- ↑ Sveinsson
- ↑ (англиски) Terence H. Wilbur, « Troll, an etymological note », Scandinavian Studies, 30, n° 3, 1958, pp. 137-139 [1]
- ↑ "Wilbur"
- ↑ Armann Jakobsson (2008)
- ↑ Sveinsson p. 164
- ↑ MacCulloch, 286"
- ↑ MacCulloch, 1930, стр. 285-287
- ↑ Sveinsson, 165
- ↑ За разлика на пример од виленикот,старите преданија за тролот се чини се отсутни во англосаксонскиот фолклор. Според Асплунд, 2005, во 19 век тролот се спомнува само во книжевноста (бајки) во регионите на Финска каде населението зборува шведски јазик.
- ↑ Asplund. 8, Hartmann
- ↑ Asplund p. 8-
- ↑ Peter Narváez (1997), The Good People: New Fairylore Essays, «Trolls, Hillfolk, Finns, and Picts: The Identity of the Good Neighbors in Orkney and Shetland »). University Press of Kentucky. ISBN 978-0-8131-0939-8. P. 118 .