Традиционално знаење и вештина на изработка и свирење на кавал

Традиционално знаење и вештина на изработка и свирење кавал - кавалот е македонски народен дувачки инструмент[1] заедно со неговите звучно-естетски атрибути традиционално застапени на тлото на Република Македонија претставува нематеријално (духовно) значајно културно наследство[2] во Република Македонија.

Кавалот е древен музички инструмент чоијшто долг еволутивен процес физички и звучно-естетски има силно влијание на македонскиот музички фолклор, недвосмислено наметнувајќи се како негов препознатлив и автентичен белег. Традиција која трансгенерациски се пренесувала усно од колено на колено, од дедо на внук, од татко на син итн.

Изработката на народниот музички инструмент кавал, со сите наследени навики, вештини, знаења, нацрти, мерки итн., претставува процес на една затворена и многу раширена традиција, не само на населението кое живее на територијата на Република Македонија, туку многу пошироко, во светски рамки.

Потекло

уреди

Иако потеклото на овој древен музички инструмент не може со прецизност да се одреди, сепак многу етномузиколози сметаат дека неговото потекло треба да се бара далеку пред доаѓањето на Словените на Балканот, односно во културата на старите источни цивилизации. Сепак, сведоци сме, денес археологијата како научна дисциплина постојано доаѓа до нови сознанија, како за материјалното, така и за духовното културно наследство на овие простори.

Така, на територијата на Р Македонија последните 20 години пронајдени се неколку инструменти изработени од прочистена глина и кои датираат од неолитскиот период. Треба ли да веруваме дека сточарството и неговиот стожер овчарот, биле непознаница, за, веќе знаеме, високо развиените цивилизации, кои во минатото опстојувале на овие простори. Притоа и историјата нé учи дека човекот во сите времиња и места на неговиот физички опстој, покажува исклучителна способност од материјалите кои непосредно го опкружуваат и му се при рака, да изработи такви звучни предмети-инструменти од кои крајниот резултат ќе биде музика (пријатна или непријатна сеедно), истите со тек на време технолошки ќе ги надградува, или ќе конструира некој нов, посовршен, на кој ќе може да покаже и свое поголемо музичко умеење. Од тие причини, сметаме дека овој древен музички инструмент недвосмислено се наметнува како естетски препознатлив и звучно автентичен белег низ долгата историја на македонскиот музички фолклор.

Од тие причини, споредбените истражувања врзани за кавалот како традиционален музички инструмент, распространет и во соседните земји Бугарија, Албанија и Грција, иако повеќе или помалку се направени, треба да продолжат и понатаму. Низ етномузиколошки, поточно етноорганолошки анализи, треба да се воочат и посочат очигледните разлики во музичкиот израз, односно изразните елементи на живиот музички јазик, искажани низ изведувачката техника и автентичната боја на тонот (тембр), од една страна, и обемноста и оргиналноста на репертоарот од традиционални кавалски мелодии, кој е во најблиска корелација со литературниот јазик на нацијата, изразен најмногу низ живата вокална традиција од друга страна.

Историските податоци за потеклото  и првобитната форма на кавалот се  многу оскудни, па според тоа да се докажува или претпоставува точно кога и каде се појавува како музички инструмент, без издржани аргументи е непотребно. Недостигот од пишани сведоштва за актуелноста на кавалот во определен културен период, особено од подалечната историја на овие простори е сосема разбирлив проблем со кој се судруваат научните истражувања.

Во обидот македонската музика да се стави во нејзиниот историски контекст, уште од средината на XIX век многу автори се повикуваат на патеписната книжевност, која со својата каква-таква лесна пристапност и изобилие на детали од областа на културата, сама по себе претставува вреден извор на информации кои се однесуваат и на звучната застапеност на кавалот на овие простори.

Во еден ваков патопис од XIV век, византискиот историчар Никифор Григора (Nicephorus Gregoras) пишува:

“Голем е впечатокот на патниците од свирките, песните и игрите на населението на Струмица, затекнати за време на велигденските празници. Тука се слушале гајди, кавали, се играле ора кои се повторување и сменувале. Патниците во нив нашле сосема оригинална музика, ритам и танци (кореографија), кои немале ништо заедничко со ритмичките песни на старите Индуси и Фригијци. Тоа била пред сé свирка на овчарските и пударските кавали, иста како кај овчарчињата кога рано на пролет ги истерувале своите стада на планинските ливади и пасишта“.

Сепак, научните интерпретации, поточно, основата на теоретските истражувања и анализи на општата музичка култура на македонскиот народ, најмногу се потпираат врз постоечките фолклорни, топографски и етнографски материјални докази. Всушност, науката токму врз основа на таквите истражувања на фактите (вистинското постоење на некои работи, поими, појави, особини, настани, својства итн.) ги темели своите ставови за предметот кој го опсервира, во случајот, традиционалниот музички инструмент кавал.

Ако се земе во предвид дека кавалот како архаичен овчарски музички инструмент уште од најдалечното минато практично се користел да побуди чувство на задоволство (како поединечно, така и колективно), смиреност, духовност, во тој случај едно од најстарите сведоштва за актуелноста на кавалот на македонското тло датира од 1191 година, а го наоѓаме на оштетената фреска “Раѓањето Христово“, која се наоѓа во Црквата “Св. Ѓорѓи” во с. Кубриново, Преспанско, на која е прикажан овчар со кавал. Понатаму, на дрворезот во Манастир “Св. Јован Бигорски”, во долината на Радика 1830- 35 година, во Црквата Св. “Климент Охридски” на композицијата “Страшен суд”, која датира од XIII век..

Опис на доброто

уреди

Македонскиот кавал ѝ припаѓа на групата самоправски музички инструменти кои служат пред сé за лична, индивидуална употреба.

Неговата изработка претставува навистина бавен и макотрпен процес кој бара големо трпение, прецизност и концетрација, се разбира и квалитетен материјал (дрво) кој ќе се употреби за таа намена.[3] Кавалот по конструкција (изградена целина) е изработен во еден дел (едноделен) и како традиционален музички инструмент ѝ припаѓа на групата аерофони инструменти од типот на надолжно-странични свирки (флејти).

Во суштина тој претставува дрвена цилиндрична цевка со должина која се движи од 670-835 мм. Внатрешните димензии по целата цилиндрична должина (звучното тело) на кавалот се движат од 14-18 мм, додека димензиите на надворешната површина од 16-20 мм.

Должината на кавалот и неговата цилиндрична структура, исто како и кај другите инструменти од групата на надолжни флејти кои во примитивните средини се изработувале од дрво, трска, бамбус или животински коски, има фалусна симболика и магиско-обредно значење, кое традиционално се поврзува со плодноста, раѓањето и обновувањето на животот.

Гледано од технички, односно звучно-функционален аспект, на инструментот се моделирани 12 перфораци, од кои 8 се мелодиските отвори: седум на предната страна и осмиот на задната страна на инструментот и 4 отвори кои се од резонатен (акустичен) карактер.

Во традиционалната инструментална практика на тлото на Република Македонија примена наоѓаат три основни вида на кавали кои се одликуваат со различни звучни  особености: длабоки, средни и високи.

Таквата генерална поделба е условена пред сé од должината на звучното тело на кавалот.

Димензиите по основ на должината на инструментот се движат од 670 до 835 мм:

  • Длабок кавал 790 мм (h-246.2 Hz, ха-штим) - 835 мм (ais-233.5 Hz, бе-штим)
  • Средeн  кавал 730 - 742 мм (c-261.7 Hz, це-штим).
  • Висок кавал  670 мм (d-293.5 Hz, де-штим) - 710 мм (cis-277.0 Hz, цис-шт).

Кавалот е отворен од двете страни, изделкан од едно јасеново парче и орнаментиран низ целата должина. Горниот крај на кавалот е малку стеснет и со остар раб. Овој инструмент има 7 дупки за прстите на лицето и една за палецот на опачината. Дупките се рамномерно распоредени (со 2 см раздалеченост), со тоа што шестата дупка е отприлика при средината на инструментот.

При свирење, кавалот се држи со двете раце под агол од околу 45° во однос на телото, со тоа што четири прста од едната рака работат со долните купки, а со горните три дупки и задната палечна дука работи другата. Устата покрива ~3⁄4од крајот на кавалот.

Промената на притисокот при дување во него го менува и висината на звукот. Зависно од клучот (тоналитетот), кавалот може да биде во повисок регистар (C, C#), среден регистар (D, H) или низок регистар (A, B).

Кавалот може да свири 21⁄5октави од хроматичната скала. Звукот му е топол, меланхоличен и пријатен.

Додека во минатото ова бил овчарски инструмент, денеска се користи во народни песни и ора како дел од ансамбл или соло. Кавалот често се свири во парови.

Првиот кавалџија (или водач) го води другиот (полагач), со тоа што кавалот е во истиот клуч, обично понизок, како C, C#, D, иако се користат и други клучеви. Калибарот на кавалот е 16мм, но постојат и кавали со калибар од 17mm кои се препорачуваат на поискусни кавалџии. Кавалот обично стои на дрвен држач (арбија), кој го штити од искривување и ја чува внатрешноста замастена.

Посебни карактеристики

уреди

За застапеноста на кавалот во народните умотворби и индивидуалното книжевно творештво во Република Македонија, истражувањата покажале дека тој е еден од најопеаните  народни музички инструменти. Високо изградениот  естески  израз на народните умотворби и уметничката зрелост на националниот литературен јазик, на инзвонредно описен и суптилен начин, како ретко друг инструмент, кавалот најмногу го толкуваат по два основа:

  • 1. неговите звучни вредности
  • 2. естетско - декоративните вредности.

Звучните вредности што ги поседува македонскиот кавал, изразени преку карактерната топла и меланхолична боја на тонот,[4] кај слушателот предизвикуваат чувства на радост, тага, копнеж по родното огниште и духовната слобода, носталгија по широките планиски простори во родниот крај итн. Ќе наведеме неколку примери:

Во кавал песна пееше”, ”Овчар по брег оди, сиво стадо паси, сиво стадо паси, с’меден кавал свири, с’меден кавал свири, с’кавал разговара, с’кавал разговара на мома говори…”.

Естетско-декоративните особености на македонскиот кавал се исто така многу опеани во народните умотворби. Познато е дека појавата на симболизмот во фолклорното творештво воопшто, претставува препознтлива и употребна своина на една културно развиена заедница. Таа креира свои карактеристични шари и бои, употребувајќи ги за украсување на сето она што ја опкружува во сеокојдневието и ја прави препознатлива како етникум. Еве неколку примери кои се однесуваат на орнаментиката на македонскиот кавал:

Да си зема писан кавал да посвире милно, жално, милно, жално дури тажно”. ”...ој ти вие арамији пуштете ми десна рака, подајте ми шарен кафал, да зеам да засвирам, тогај бело стадо ќе киниса”.

Украсните елементи во везовите на машката и особено женската традиционална облека, ткаенините и плетивата за потребите на домаќинството,

претставуваат огромен материјално-културен инвентар на народната декоративна уметност на македонскиот народ.

На тој начин колоритот на националниот идентитет автентично се прнесувал од генерација на генерација, а орнаментиката присутна на чорапите и ткаените изработки како скутини, појаси и други елементи од традиционалната носија, изразена низ разновидни геометриски композитни решенија дадени од традиционалната селска жена, без да ги познава сложените правила на геометријата, во полна виталност се одржала до денешни дни, а како таква, на многу суптилен начин се одразила и врз препознатливата орнаментика на македонскиот кавал, кој изработувачот соодветно го украсува на начин и во зависност од неговата функција во секојдневната културно-звучна, односно употребна функција.

Треба да се напомене дека во народните умотворби често пати е опеан и самиот процес на иработка на кавалот. Еве еден таков пример:

“...пушти мене змијо, дома да си ида, мојте девет брата, сé кавали правјат, ама с’тех не свират, мене жива жаљат….”.

Од гледиште на културно-естетско вреднување, според критериумите на историјата на уметноста и нејзиниот уметничко- критички приод кон културното наследство, епитетите оргиналност, автентична старина итн. во потполност му прилегаат на кавалот, еден од најомилените музички инструменти на Mакедонецот кој до денес ја задржал својата оргинална намена: солистички инструмент, но и звучна придружба на традиционалните песнопојни и ороводни мелодии.

Нематеријално културно наследство

уреди

Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 јули 2019 година, донесе Одлука во која „Традиционалното знаење и вештини на изработка и свирење на кавал“ се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.

Литература

уреди
  • Кличкова В. 1958. 1960. Народни музички инструменти у Македонији. Рад V конгреса СФРЈ. Зајечар-Неготин. Београд.
  • Линин А. 1986. Народните музички инструменти во Македонија: 71-75. Македонска книга.  Скопје.
  • Линин А. 1963, sv. 8. Tradicionalna praksa u narodnoj instrumentalnoj muzici Makedonije. Narodno stvaralaštvo - folklor, Savez UF Jugoslavije. uk br. 89. str. 519-529. Sarajevo.
  • Линин А. 1968. Muzički instrumenti makedonskih slovena. Zvuk, 1955, br.89.
  • Levič Dragoslav. 1974, Muzički instrumenti na srednjovekovnimfreskama srbije imakedonije. Zvuk. 1955. br. 3.
  • Leake. W.M. 1835. Travels in Northern Greece Vol. I. Amsterdam: A M. Hakkert.
  • Манолов И. 1987. Традиционалната инструментална музика од югозападна България - Пирински край: 21. Издател›ство “Музика”. София.
  • Marcuse, S. 1964. Musical Instruments: A Comprehensive Dictionary. Garden City, New York: Doubleday & Co.
  • Mazaraki, T. 1965. “Some Notes on Greek Shepherd Flutes,” Bulletin De L’Institute de Musique (tome) XIII.
  • Прашанов Т. 1974. Начална школа за кавал, III издание, Държавно издателство” Наука и изкуство”, София.
  • Picken, L. 1975. Folk Musical Instruments of Turkey. London: Oxford U. Press.
  • Сагаев Д. 1972. Музикални инструменти, Наука и изкуство, София.
  •  Sachs, C. 1964. Real - Lecsikon der musikinstrumente: 206. New York.
  • Simonovski M. 1961. Muzička terminologija u makedonskim narodnim umotvorinama.br. 51.  Zvuk br. 3. 1933.
  • Simonovski M. 1961. Nazivi za muzičke instrumente. Zvuk. br. 51. Beograd.
  • Sokoli, R. 1966. Veglat muzikore te popullit Shqiptar. Tirane
  •  Spencer, E. 1851. Travels in European Turkey. London: Colburn & Co.
  • Tammer, Anthony and Zora Tammer. 1981. Macedonian Folk Songs. Vallejo, California: Anthony and Zora Tammer.
  • Tanyildiz, A. 1990. Honamli Yцrьkleri Isparta, Turkey: Tokoglu ofset.
  • Тодоров, М. 1973. Б›лгарски народни музикални инструменти: 43-59, 14-147. Наука и искуство. София.
  • Тодевски К. 1970, Кавал у Македонији, Дипломсдки рад, Музичка академија Београд.
  • Traerup, B. 1970. East Macedonian folk songs, contemporary traditional material from Maleševo, Pijanec and the Razlog. District Acta Ethnomusicologica Denica (no. 2): 158-190. Academisk Forlag Copenhagen.
  • Holi Dusan.1965. sv. 13 i 14.   Odnosi instrumentalnog i vokalnog izrazavanja u narodnoj muzici. Narodno stvaralaštvo - Folklor, 1962.
  • Џимревски Б. 1976. Претставите на музичките инструменти на фреските и дрворезите во Македонија. Македонски фолклор, бр. 17, стр. 151-165, Скопје.
  • Џимревски Б. 1978. Музичките инструменти во патеписната литература од времето на турскиот период на Балканот и нивните траги денес. Мaкедонски фолклор бр. 21-22, стр. 301-319, Скопје
  • Џимревски   Б. 1996. Гајдата   во  Македонија,  Инструмент-инструменталист-музика.  Докторска дисертација, Институт за фолклор “ Марко Цепенков”, Скопје.
  • Атанасов, Вергили. 1977.  Систематика  на  Бугарските Народни  Мусикални  Инструменти. Софиа: Издателство На Бугарската Академија На Науките.
  • Brömse, Peter. 1937. Flцten, Schalmeien und Sackpfeifen Sűdslawiens. Brunn: R.M. Rohrer. Prag- Leipsig-Wien.
  • Васиљевић М. 1953. Југословенски музички фолклор II - Македонија, Просвета, Београд.
  • Gojković A. 1994. Muzički instrumenti, mitovi i legende, simbolike i funkcije, Beograd.
  • Даутовски Д. “Тамбурата во Македонија”, ДДКЈУ, 2011, Скопје.
  • Devič D. 1971. sv. 37-38. Svrljiška “cevara” i njena limotrofna tipičnost. Narodno stvaralašnost – Folklor. 1962.
  • Devič D. 1974. Muzičkim instrumenti na srednevekovnim freskama Srbije i Makedonije, Zvuk, br. 3, str. 52-75, Sarajevo.
  • Драгански. С. 1985. Кавалът свири говори. Издателство “Христо Г. Данов”. Пловдив.
  • Джуджев, С. 1975, Българска народна  музика, Том  втори, Издателство “Музика”, София.
  • Fermor, P. L. 1962 . “The Black Departers.” Atlantic Monthly (Vol. 6).
  • Giliam, L. 1961. The Dayton C. Miller Flute Collection: A Checklist of Instruments. Washington: Library of Congress.
  • Gojković, A. 1989. Narodni muzicki instrumenti. 110-111. Vuk Karadžić.
  • Gojković, A. 1994. Muzicki instrumenti, mitovi i legende, simbolika i funkcija. Beograd.
  • Gramatnikovski, V. 1984. “Pravci na Nomadskite i Polunomadskite Dviženja vo Makedonija,” in Mihailo Apostolski, ed., Prirodni i Socio-Geogravski Karakteristiki na Zonite na Nomadskite i Polunomadskite StoÅarski Dviženja vo Makedonija. Skopje: Makedonska Akademija Na Naukite i Umetnostite.
  • Hadjimanov, V. 1960 “Instruments Folkloriques en Macedoine-’Kavalis.’” Journal of the International Folk Music Council (Vol. 12).
  • Hadjimikalis, A. 1957. Sarakatsanoi. Athens.
  • Hobhouse, J.C. 1813. A Journey through Albania and other Provinces of Turkey in Europe and Asia to Constantinople During the Years 1809 and 1810. London: James Cawthorn.
  • Hoeg, C. 1925. Les Saracatsans, Une Tribu Nomade Greque. Paris.
  • Campbell, J. K. 1964. Honour, Family and Patronage. New York: Oxford U. Prees.
  • Захариева С.1987 Свирачът във фолклорната култура. София.
  • Kavadias, G. 1964. Pasteurs-Nomades Mediterraneens: Les Saracatsans de Grece. Paris: Gauthier-Villars.
  • Качулев И. 1965. Б›лгарски духовни двугласни народни музикални инструменти - гаѝди и двояанки. Известия на института за музик, кн. VII. София.
  • Kodaly, Z. 1956. Die Ungarishe Folkmusic. Budapest: Corvina.
  • Kulisich, S. 1966. Traditions and Folklore in Yugoslavia. Belgrad: “Jugoslavija.
  • Kuk D. 1959. “Jezik Muzike”, Nolit, Beograd.
  • Кличкова В. 1958. Зурлаџиско-гајдаџиски занат у Прилепу. Народно стваралаштво, Београд.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. „Кавал“. Википедија. 2023-11-17.
  2. „Нематеријално културно наследство“. Википедија. 2023-10-03.
  3. Милован Дачев. Изработувач на оригинални Македонски кавали., Посетено на 2023-11-26
  4. Минјатура за машки кавал- Биг Бенд и соло кавал А .Димовски -, Посетено на 2023-11-26

Надворешни врски

уреди