Теодор Драјзер (англиски: Theodore Dreiser) — американски писател.

Фотографија од Теодор Драјзер

Животопис

уреди

Теодор Драјзер е роден во Терехот (Terre-Haute), во државата Индијана. е потомок на германски доселеници: неговиот татко (католик по вероисповед) се преселил во САД за да ја избегне воената обврска, а мајка му (припадничка на протестантската верска секта Менонити) потекнувала од словенско семејство од Пенсилванија. Неговото семејство било не само сиромашно, туку и неприфатено од соседите. Татко му, кого подоцна Теодор Драјзер го опишал како заостанат, се однесувал тирански кон своите деца, а како последица на тоа, некои од нив подоцна се препуштиле на неуреден и несреден живот. Од нив, само Пол Дресер имал успех, најпрвин како патувачки глумец, а потоа како писател и композитор на слатки, популарни песнички. Иако татко му се откажал од него, Пол Дресер финансиски ги помагал родителите, а на својот помлад брат Теодор му служел како пример за успешен човек. Подоцна, во своите дела, најмногу во „Празник во Индијана“ и во „Зора“, Драјзер отворено раскажувал за своето семејство и за младоста во која бил непознат и запоставен, но исполнет со копнеж кон раскошот и со надеж дека ќе успее во животот. За време на школувањето, тој сакал многу да чита книги, а кога бил во средното училиште, еден негов наставник го натерал да прими од него заем за едногодишен престој на Универзитетот во Индијана. Кога имал 16 години, неговото семејство се преселило во Чикаго, каде Драјзер работел разни ситни работи. На возраст од 21 година станал новинар, известувајќи од Чикаго, Сент Луис и неколку помали градови од Средниот Запад, а две години подоцна преминал во Њујорк кај брат му Пол Дресер. Исто така, Драјзер живеел некое време и кај неговата сестра, која побегнала од Чикаго во Њујорк со некој оженет човек. На почетокот на 20 век, Драјзер се занимавал со новинарство и си успех уредувал разни списанија.[1]

Творештво

уреди

Својот прв роман, „Сестрата Кери“, Драјзер го објавил во 1900 година, откако го привлекол вниманието на Френк Норис, лектор во една издавачка куќа. Книгата му била толку непријатна на еден член на издавачката куќа (или на неговата сопруга), што била објавена без никакво воодушевување и се продала во мал број примероци, иако наишла на малку подобар прием во Англија. Обесхрабрен од првичниот неуспех, Драјзер немал сила да ја продолжи работата на вториот роман кој веќе започнал да го пишува. Во следните десет години, тој бил почитуван од малубројните воодушевени приврзаници, но неговите дела речиси никој не ги читал. Меѓутоа, по излегувањето на романот „Џени Герхард“ во 1911 година, Х. Л. Менкен јавно истапил како бранител на Драјзер, препознавајќи го во романот новиот дух на американската книжевност. Следната година ја објавил книгата „Финансиер“, а потоа се појавила книгата „Патник во четириесеттата“ во која се опишува неговото патување низ Европа. Во 1914 година излегла книгата „Титан“, а следната година и романот „Гениј“ кое издавачот го повлекол од продажба по една година, поради заканата од Њујоршкото друштво за отстранување на пороците. Во тој период, Драјзер веќе станал познат американски романописец, иако и понатаму се соочувал со непријателскиот став на критиката и со неодобрувањето на читателите. Посветен на мудрото расудување, Драјзер не ја поседувал вештината на популарните раскажувачи, поради што не бил омилен кај публиката, меѓутоа тој недостаток многумина го сметаат за негова предност. Тој никому не му дозволил во негово име да ги решава прашањата кои се однесуваат на задачите и обврските на човечкиот род, иако ниту тој никогаш не го пронашол конечното решение. Напротив, целото негово размислување е проникнато со сомнеж, а единствениот закон во кој можат луѓето да веруваат е промената. Драјзер покажал дека промените доаѓаат од длабочините, од бескрајниот хаос, а некаде стои ситниот човек чија сила е целосно посветена на борбата за опстанок. Метежот на елементите, кој е толку очигледен во делата на Драјзер, доаѓа од судирите на неговите расположенија и од неговата свест која се труди точно да ги прикаже фактите на однесувањето и на карактерот. За него, простите приказни за простиот свет вредат исто како и кои да било други, а бидејќи во овој свет сите учења и идеали се веројатно лажни, најдобро е да се држи до поединецот. Ако поединецот е вистински, тогаш неговата повест може да има смисла за другите луѓе, ако е раскажана со целосна искреност.[2]

Теодор Драјзер излегол од рамките на типичниот англо-американски роман, обработувајќи теми кои се карактеристични за континентална Европа. Меѓутоа, во проширувањето на тематиката на американскиот роман, тој не се зафатил со обработка на помодниот европски свет, во стилот на Хенри Џејмс. Напротив, Драјзер останал верен на домашните теми при што може да се каже дека неговиот дух бил од селански тип во однос на темпераментот. Надарен со генијалност, отворен кон сите чувства и идеи, непопречен од навиките и предрасудите, тој се одликува со простодушниот селански поглед на светот, пишувајќи со природната отвореност на селаните и, исто како нив, бил збунет пред сложеноста. Драјзеровиот едноставен говор на разновидни теми бил во согласност со неговите книжевни принципи и доаѓал од неговата лична природа, зашто тој размислувал во едноставни поими и зборувал просто за префинетите и сложени теми, како што се моќта и богатството, љубовта и уметноста, кои го интересирале најмногу. Така, во романите „Финансиер“ и „Титан“, тој ја опишува повеста на големиот стопанственик Франк Купервуд, чиј лик е инспириран од магнатот Чарлс Т. Јеркис при што гради голем споменик создаден од факти кој, иако повремено е здодевен, без сомнение е многу убедлив и претставува најсилниот еп посветен на американскиот бизнис. Во „Сестрата Кери“ и во „Џени Герхард“ Драјзер пишува за љубовта однесувајќи се како слободен биолог кон моралноста. Во овие романи, љубовта е жива, експанзивна енергија која дејствува низ целото човечко ткиво и не го познава ни доброто и злото, водејќи постојана војна со човечките закони и правила кои настојуваат да ги спречат амативните нагони. За него, Џени Герхард не е морално ниска жена и во неа не гледа ништо порочно, а токму таквиот однос ја лутела американската публика.[3]

Десет години по објавуавњето на „Гениј“, Драјзер не објавил ниту еден роман, но продолжил да пишува други дела. Негвоите две драми, „Театарски игри за природното и за натприродното“ (1916) и „Лончаревата рака“ (1918) едвај биле прикажани на театарските сцени, зашто неговите мрачни теми и тешкото изложување на материјата претставувале голема тешкотија за режисерите. Во 1918 година се појавила и збирката „Слободни и други раскази“. По патувањето низ Европа, Драјзер ја поминал Индијана со автомобил, што резултирало во книгата „Празник во Индијана“ (1916), запоставено дело кое има вредност како драгоцен приказ на родниот крај на Драјзер. Во 1919 година ја објавил книгата „Дванаесетмината“ во која ги опишал карактерите на 12 личности кои добро ги познавал. Во „Книгата на таинственоста и ужасот и чудата на животот“ (1920), Драјзер се обидел да ја изложи својата општа филозофија, но тоа не го направил успешно, зашто тој не поседува способност за аргументирање и ја губи силата штом почне да мудрува. Својот автобиографски извештај го продолжил во книгата „Книга за мене“ (1922) во кое ги опишува годините кога работел како новинар, додека во „Бојата на големиот град“ (1923) ги опишал првите години на својот живот во Њујорк. Во тој период, од година во година, издавачката куќа го најавувала неговиот следен роман „Бедем“, но тој бил објавен дури по неговата смрт, а тогаш, во 1925 година се појавило неговото ремек-дело „Американска трагедија“ кое му донело голем успех. По ова дело, Драјзер никогаш повеќе не објавил уште еден роман, туку само ги собрал своите раскази кои се појавиле во збирките „Синџири“ (1927) и „Галерија на жени“ (1928) кои не се одликуваат со некоја голема вредност. Потоа, тој се вратил на автобиографските теми и го започнал делото „Мојата историја“, замислено во четири книги, но се појавила само првата книга, „Зора“ (1931), а следната година го објавил делото „Трагичната Америка“ во кое пишува за внатрешните прилики во САД.[4]

Драјзер е најистакнатиот претставник на натурализмот во САД и еден од најголемите американски писатели, воопшто. Сепак, за него се воделе бурни дебати, а најчесто бил обвинуван дека пишува грубо за непријатни личности. Делумно, тие критики произлегуваат оттаму што во американскито роман тој ги внесол темите и ставовите кои биле целосно туѓи на американската книжевна традиција и токму тоа претставувало навреда за критиката и за публиката. Пред него, сите американски романописци им биле верни на основните англо-американски животни принципи.[5] Драјзер ги научил своите земјаци да бидат толерантни кон сето она што може да се прикаже во романот. ПО него дошле нови генерации писатели кои биле повешти и поодлучни од него, но сепак, тој останува забележан како поглавар на својата школа. Неспретноста на неговиот стил, повремената претерана зборливост и честите нерелевантности не можат да го поматат она што е најдобро во неговото творештво: големиот дух што бдее над светот кого длабоко го сака. Навистина, понекогаш, тој не е способен да ги воочи некои нежни карактерни нијанси, неговото совесно кажување на простите вистини понекогаш страда од одбивањето да повлече строга линија меѓу доброто и злото, или меѓу убавото и грдото, или мудрото и будалестото. Земено во целост, тој добива исто толку колку што и губи поради широчината на своето космичко филозофирање, но неговото размислување за ситните души сепак им дава одредено достоинство и оттаму произлегува возвишената визија која ја збогатува неговата тешка нарација.[6]

Библиографија

уреди

Поважни дела на Теодор Драјзер се:

  • Сестрата Кери (1900)
  • Џени Герхард (1911)
  • Финансиер (1912)
  • Патник во четириесеттата (1913)
  • Титан (1914)
  • Гениј (1915)
  • Театарски игри за природното и за натприродното (1916)
  • Празник во Индијана (1916)
  • Лончаревата рака (1918)
  • Слободни и други раскази (1918)
  • Дванаесетмината (1919)
  • Книгата на таинственоста и ужасот и чудата на животот (1920)
  • Книга за мене (1922)
  • Бојата на големиот град (1923)
  • Американска трагедија (1925)
  • Синџири (1927
  • Галерија на жени (1928)
  • Зора (1931)
  • Трагичната Америка (1932)
  • Стоик (1948)
  • Бедем

Наводи

уреди
  1. Карл ван Дорен, во: Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. VII-X.
  2. Карл ван Дорен, во: Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. VII-XII.
  3. Карл ван Дорен, во: Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. XII-XIV.
  4. Карл ван Дорен, во: Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. XVI-XIX.
  5. Карл ван Дорен, во: Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. VII.
  6. Карл ван Дорен, во: Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. XIX-XX.