Гениј (Теодор Драјзер)
„Гениј“ (англиски: The Genius) — роман на американскиот писател Теодор Драјзер од 1915 година.
Содржина
уредиОсврт кон делото
уредиСпоред кажувањата, меѓу своите дела Драјзер особено го истакнувал романот „Гениј“, кој претставува тешка, матна и силна повест со малку убавина. Неговата пристрасност може да се објасне со силната наклонетост кон уметничкиот живот во кој се движи главниот лик во романот Јуџин Витла. Тој е човек под опсесија, со голема волја за богатство, за љубов, за уметноста, а сите нив Драјзер ги замислил како форми на органска енергија кои немаат никаква друга цел, освен самоостварувањето. Таквото сфаќање било сосема ново за американската читателска публика во 1915 година, која ја сметала уметноста како облик на воспитување со прости морални цели. И покрај безобѕирното однесување на Витла, Драјзер гледа со очигледна симпатија кон Витлиниот груб апетит за животот, за промените и за раскошот, апетит кој не е попречен од правилата кои вообичаено се пропишани за ситните луѓе. Ако таквиот човек помине лошо во животот, според Драјзер, вината повеќе лежи во светот отколку во самиот човек, а светот кој ги осакатува таквите луѓе го губи богатството на личностите и достигнувањата кои тие би ги оствариле, ако би биле слободни. Во ликот на Витла, Драјзер не дал добар пример на гениј и поради тоа во насловот на романот зборот гениј е напишан во наводници. Витла е опишан како надарен сликар, но без убедливи докази, иако за кратко време станал познат илустратор. Всушност, и во другите романи на Драјзер се среќаваат уметници кои не покажуваат ниту едно од својствата што им се припишуваат. Оттука, во делото не се среќава ниту една префинета анализа на таинственото однесување на генијалниот човек. Во тој поглед, Драјзеровите уметници едвај може да се наречат личности, туку тие повеќе се прогонети суштества, а чудото се крие во скриената енергија која ги придвижува нивните постапки. Космичкиот филозоф во Драјзер ги гледа почетокот и крајот на процесот подобро отколку што романописецот ги согледува неговите методи. Истовремено, селанецот во Драјзер, иако знае дека светот на уметноста е голем и убав, за него зборува користејќи неспретни и невозможни изрази.[1]
Наводи
уреди- ↑ Карл ван Дорен, во: Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. XV-XVI.