Американска трагедија
„Американска трагедија“ (англиски: An American Tragedy) — роман на американскиот писател Теодор Драјзер од 1925 година.
Содржина
уредиРоманот се состои од три книги.
Прва книга
уреди- Глава 1 — 3: Во Канзас Сити живее семејството Грифитс кое го сочинуваат сопругот Аса, сопругата Елвира и нивните четири деца. Родителите во својата куќа и по улиците одржуваат верски проповеди. Семејството е многу сиромашно, а децата се без редовно образование. Најстариот син Клајд е незадоволен и мечтае за подобар живот, но не знае што да преземе. Еден ден, неговата постара сестра Естер го напушта домот. Клајд почнува повремено да работи, а пресвртот во неговиот живот настапува кога се вработува во најотмениот хотел во градот. На тоа работно место, тој стекнува претстава за животот на богатите луѓе и остварува заработувачка која му овозможува малку поудобен живот.[1]
- Глава 4 — 14: Клајд почнува привремено да работи, а потоа се вработува во најлуксузниот хотел во градот. Таму, тој се запознава со светот на богатите, а самиот заработува доволно за да си дозволи поудобен живот. Исто така, тој оди на забави со колегите, а посетува и една јавна куќа каде што го има своето прво сексуално искуство. Во домот на еден свој колега, Клајд ја запознава убавата девојка Хортенс Бригс и веднаш се вљубува во неа, а таа го искористува, барајќи да ѝ купува ситни поклони. Во градот се враќа сестра му Естер, бремена и напуштена од своето момче. Мајка ѝ скришно изнајмува стан за Естер, но на своето семејство не му кажува ништо за тоа. Сепак, Клајд случајно ја открива тајната.[2]
- Глава 15 — 19: Хортенс има желба да купи скапа бунда и, злоупотребувајќи ја љубовта на Клајд, го наговара да ја плати бундата. Тој се согласува, а истовремено одбива да ѝ даде пари на мајка си за потребите на претстојното породување на Естер. Во една прилика, Клајд ја кани Хортенс на излет во околината на градот каде заминуваат со автомобил што го украло неко момче. На излетот се присутни уште неколку колеги на Клајд и неколку девојки, а Хортенс постојано флертува со возачот на автомобилот поради што доаѓа до кавга меѓу неа и Клајд. На враќање, возачот прегазува едно девојче и бега од местото на несреќата, но потоа се превртува автомобилот, патниците се здобиваат со полесни повреди, но успеваат навремено да побегнат пред да дојде полицијата.[3]
Втора книга
уреди- Глава 1 — 4: Семјуел Грифитс, е сопственик на фабрика за вратоврски во малото место Ликург, во државата Њујорк. Тој е еден од најугледните жители на градот и татко на три деца: ќерките Мира и Бела и синот Гилберт, кој работи во фабриката. Семјуел му е брат на Аса Грифитс, а во Ликург дошол пред околу 25 години по што ја отворил фабриката и постигнал голем финансиски успех. Тој само што пристигнал од Чикаго, каде престојувал на важна конференција на фабрикантите и на членовите на своето семејство им соопштува важна вест: таму се запознал со внукот Клајд Грифитс кому му понудил работа во фабриката. Сето тоа се случува три години по бегството на Клајд од Канзас Сити. Тој има 20 години, а по напуштањето на Канзас Сити, престојувал во неколку градови, работејќи разни привремени работи, а потоа доаѓа во Чикаго, каде работи како хотелски курир. Тој е многу сиромашен, но веќе е прилично зрел и решен да успее во животот. Неговото семејство се преселило во Денвер, каде се бави со мисионерска дејност и сè уште живее во голема беда. Еден ден, сосема случајно, Клајд дознава дека стрико му Семјуел Грифитс се наоѓа во хотелот во којшто работи и тој се запознава со него. Бидејќи му остава поволен впечаток, Семјуел Грифитс му нуди работа во својата фабрика и Клајд се сели во Ликург.[4]
- Глава 5 — 12: Веднаш по пристигнувањето, Клајд ја посетува фабриката каде го запознава братучедот Гилберт, кој не гледа со симпатија кон него, иако Клајд неверојатно личи на него. Клајд започнува да работи на непријатно и слабо платено работно место, а живее бедно во една изнајмена соба, сонувајќи дека стрико му ќе му даде можност да успее во животот. Клајд ја запознава девојката Рита со која има краткотрајна врска, но откако еднаш оди на гости кај стрико му, тој веднаш се повлекува од врската со Рита, плашејќи се дека со тоа ќе го наруши угледот на семејството Грифитс. По одредено време, Клајд е унапреден во работата и станува надзорник на многу девојки од кои неколку го привлекуваат, но тој е воздржан кон нив, свесен за обврската да го чува угледот на стрико му.[5]
- Глава 13 — 22: Во одделението со кое раководи Клајд се вработува нова девојка, Роберта Алден, која му се допаѓа на прв поглед, а и таа покажува симпатија кон него. Сепак, двајцата се однесуваат воздржано еден кон друг. Придржувајќи се кон забраната да се меша со сиромашните луѓе, Клајд е многу осамен и несреќен. За време на еден излет крај блиското езеро, тој случајно ја среќава Роберта и не можејќи да ги совлада своите чувства кон неа, ја кани на прошетка со чамец. Подоцна, Клајд ѝ закажува состанок и така започнува нивната тајна љубовна врска која двајцата ја кријат од околината поради разликата во нивната општествена положба. Меѓутоа, нивната врска набргу е откриена и Роберта е принудена да се пресели во друг стан. Тогаш, Клајд ја наговара да му дозволи да ја посетува, но Роберта одбива и тоа предизвикува краткотрајна кавга меѓу нив. Најпосле, Роберта попушта и целосно му се предава. Во тој период, Клајд конечно ги остварува своите љубовни стремежи, но истовремено нема никаква намера да се ожени со неа, зашто сонува да стане дел од високото општество.[6]
- Глава 23 — 33: Клајд сосема случајно ја среќава убавата и богата девојка Сондра Финчли, која уште при првата средба во домот на Семјуел Грифитс му оставила голем впечаток. Сондра покажува интерес кон Клајд, а за да му се одмазди на Гилберт Грифитс, со кого е во лоши односи, таа го воведува Клајд во друштвото на децата на богатите семејства од Ликург. Оттогаш се разгорува неговата страст кон Сондра и набргу по започнувањето на љубовната врска со Роберта и тој ја запоставува, редовно одејќи на забавите што ги организираат пријателите на Сондра. Дружејќи се со Клајд, таа постепено почнува да покажува интерес кон него. Клајд не сака да ги прослави божиќните празници со Роберта, која заминува во родниот дом, потиштена од сомнежот дека Клајд повеќе не ја сака. И Семјуел Грифитс дознава дека Клајд станал дел од високото општество и го кани на божиќен ручек. Во меѓувреме, Клајд сè повеќе се зближува со Сондра и станува целосно рамнодушен кон Роберта. Така, таа конечно сфаќа дека Клајд повеќе не ја сака и размислува да го напушти Ликург, но тогаш дознава дека е бремена.[7]
- Глава 34 — 47: Клајд е потресен од веста за бременоста на Роберта, зашто тој настан претставува опасност за сите негови планови. Затоа, тој набавува лек за прекинување на бременоста, но лекот не дава никакви резултати. Оттука, тој наоѓа лекар за кого се надева дека би извршил таен абортус, но тој одбива да ѝ помогне на очајната Роберта. Клајд е потполно збунет и исплашен, нема намера да се ожени со Роберта, но нема никаква идеја како би го решил проблемот. Во меѓувреме, тој продолжува да се гледа со Сондра, која целосно се вљубува во него. За да добие повеќе време за размислување, Клајд ја убедува Роберта да замине дома. За време на нејсиното отсуство, Клајд случајно чита во месниот весник за еден пар кој се удавил во некое од блиските езера. Тоа му дава идеја како би можел да се ослободи од Роберта и потоа постојано се бори со помислата да изврши убиство кое ќе му овозможи да ја освои СОндра и да стане дел од високото општество. Летото, тој ја посетува Сондра во блиското езерско летувалиште при што ѝ предлага да побегнат и тајно да се венчаат. Сондра, иако е вљубена во него, бара да почека до есента, кога ќе стане полнолетна. Во една прилика, со своето друштво, Клајд посетува едно подалечно осамено езеро кое му делува како идеално место за да се ослободи од Роберта. Откако Роберта се заканува дека ќе дојде во Ликург и ќе ја обелодени нивната тајна врска, Клајд ја убедува да се сретнат во соседнито град, а потоа да заминат некаде за да се венчаат. Притоа, цело време тој размислува за својот план и презема мерки на внимателност така што тој и Роберта патуваат одделно. Најпрвин, тие посетуваат едно езеро, но таму има многу посетители, па заминуваат кон подалечното езеро. Таму, патуваат по езерото со чамец, а Клајд ненамерно ја удира Роберта и го превртува чамецот, така што таа се дави. Ноќта, Клајд ја минува шумата пеш, движејќи се кон југ.[8]
Трета книга
уреди- Глава 1 — 8: Вработените во одморалиштето на езерото ја известуваат полицијата во блиското место за исчезнувањето на младиот пар. Истрагата ја води јавниот обвинител Орвил Месон, кој зема искази од сведоците кои ги пронашле чамецот и трупот на удавената девојка. Од повеќе сведоци, обвинителот дознава за придружникот на девојката — непознато младо, угледно момче. Притоа, како сведоците така и обвинителот веднаш помислуваат дека станува збор за убиство, а не за несреќен случај. Месон го известува семејството на Роберта, дознава за нејзината врска со Клајд и веднаш оди во Ликург, каде врши претрес во неговиот стан. Таму, Месон пронаоѓа бројни докази кои ги потврдуваат љубовната врска меѓу Клајд и Роберта и нејзината бременост така што тој организира потера по Клајд кој е осомничен за убиството. По случката на езерото, Клајд бега ноќе низ шумата, но налетува на тројца луѓе. Потоа, тој пристига во едно излетничко место, а оттаму патувањето го продолжуав со брод до местото каде се сместени Сондра и нејзиното друштво. Сондра е среќна поради повторната средба со него, но Клајд е нервозен и исплашен поради смртта на Роберта и можните последици. Тој заминува со друштвото на излет, но во меѓувреме полицијата тргнува во потера по него, набргу го пронаоѓа и го апси.[9]
- Глава 9 — 19: Клајд признава за врската со Роберта и за посетата на езерото, но не го признава убиството. Тој е ставен во притвор, а потоа го носат на местото на настанот, каде истражителите откриваат дополнителни докази, но исто така подметнуваат и лажни докази. Во меѓувреме, сите весници пишуваат за убиството така што веста пристига и до семејството Грифитс. Сондра, пак, му кажува сѐ на татко си, по што нејзиното семејство заминува на одмор за да го избегне скандалот. Поради политички причини, адвокатите Белкнап и Џепсон прифаќаат да му бидат бранители на Клајд, кој соработува со нив, а тие го советуваат и охрабруваат. Притоа, тие ја планираат одбраната врз приказната дека Клајд бил збунет и растревожен, но сепак во последен миг се сожалил на Роберта и сакал да се ожени со неа, односно дека нејзиното давење е случајност, а не убиство. Во меѓувреме, семејството на Клајд во Денвер дознава од весниците за неговото апсење.[10]
- Глава 19 — 26: Судењето почнува во октомври, а за него владее голем интерес кај месното население. Во судската сала е присутно и семејството на Роберта, што уште повеќе ги зголемува нервозата и стравот на Клајд. Почнува испитувањето на сведоците чии искази се неповолни за Клајд. Потоа, негвоите бранители го повикуваат Клајд да даде исказ и тој опширно раскажува за своето минато, за доаѓањето во Ликург, за врската со Роберта и за нивното последно патување. Притоа, тој цело време го кажува онака како што го подучиле неговите адвокати. Најпосле, него го испрашува обвинителот Месон, кој се труди да ја докаже неговата вина. Поротата, која уште пред да почне судењето е непријателски расположена кон Клајд, едногласно го прогласува за виновен.[11]
- Глава 27 — 34: За да го заштити своето семејство од скандалот, Семјуел Грифитс одбива да даде пари за повторно судење на Клајд. Дознавајќи за неповолниот исход од судењето, неговата мајка е црвсто решена да му помогне, се вработува како дописник на еден денверски весник и го посетува Клајд во затворот, а нејзиното патување го финансира весникот. Таа присуствува на изрекувањето на пресудата со која Клајд е прогласен за виновен за убиство со умисла и осуден на смртна казна. Потоа, тој е префрлен во друг затвор каде го чека повторувањето на судењето или извршувањето на казната. Мајка му држи јавни предавања и така прибира дел од парите потребни за да се поднесе жалба до апелацијата, но откако добива писмо дека сопругот Аса е болен, таа мора да се врати во Денвер. Така, минува времето, а Клајд е осамен и исплашен од сознанието дека набрзо ќе умре. По наговор на мајка му, него го посетува свештеникот Макмилан, кој често навраќа во затворот со намера да го убеди Клајд низ молитва да го најде спасот на својата душа. Еден ден, Клајд добива пимсо од Сондра. Најпосле, Клајд му ја кажува вистината на Макмилан, кој така дознава дека, сепак, Клајд е виновен пред законот и пред бога. Апелацијата ја потврдува смртната казна и Макмилан му ја пренесува страшната вест на Клајд. Три недели подоцна, Макмилан и мајка му на Клајд го молат новиот гувернер на државата Њујорк да ја промени пресудата, но без успех. Непосредно пред смртта, предводен од Макмилан, Клајд постојано ја чита Библијата и се моли, но сепак не може да се ослободи од стравот, а освен тоа, не може да ја сфати својата вина. По наговор на Макмилан, тој пишува изјава до светот во која ги повикува младите луѓе да живеат во согласност со христијанските начела, но до последниот миг самиот тој не е убеден дека го пронашол мирот во бога. Едно февруарско утро, Клајд е погубен, а на извршувањето на смртната казна присуствува Макмилан, кој е силно потресен од глетката.[12]
- Спомен: Еден летен ден, на главната улица во центарот на Сан Франциско се појавува група од петмина — двајца постари луѓе, две жени и едно дете. На улицата, тие пеат псалми и на минувачите им делат верски материјал, а потоа се враќаат во својата мисија. Бабата му дава пари на внукот Расел за да купи костени, мислејќи дека не треба да биде премногу да го ограничува во животот.[13]
За делото
уредиПриказната во романот е заснована врз вистинското судење на Честер Гилет за убиството на Греј Браун во 1906 година. Меѓутоа, Драјзер толку го проширил и воздигнал тој настан, што малата трагедија што се случила во областа Херкајмер добила национално значење. Притоа, во романот, Драјзер се враќа во детството на главниот лик, кој во тоа време е невино дете со вообичаени амбиции, но неговите родители се припрости луѓе, така што нема кој да му каже како да ги оствари своите желби. Подоцна, во младоста, тој не наоѓа никаков потстрек во себеси, не го интересира никаква работа, а бидејќи нема определен карактер, приликите го водат ваму-таму. Тој чувствува неодреден стремеж за раскошниот живот, кој му е недостапен и поради тоа му е уште попривлечен. Традиционалните американски идеи за демократската еднаквост и за вредностите на простиот народ имаат помало дејство врз него отколку огромниот притисок на модерните огласи кои постојано повторуваат дека човекот мора да има ова или она за да биде среќен. Нему никој не му кажува што треба да биде, туку секој му зборува за тоа што треба да има. По средбата со богатиот стрико, главниот лик во романот живее поделен во себе, соочен со два света кои ги симболизираат две девојки: едната е сиромашна работничка, а другата ќерка на индустријалец. Најпосле, убиството кое го чини не е резултат на еден лош момент, ниту на долго и злосторничко планирање, туку целиот негов живот го подготвува за тој грозен и глупав чин. Во тој поглед, Драјзер докажува дека целата Америка го условила и го упатила животот на неговиот книжевен јунак. Цивилизацијата која воопшто не му помогнала да се бори против своите слабости, наеднаш се врти против него штом тој поткленува под товарот на слабостите и го казнува исто толку страшно како кога слободно би избрал да го изврши убиството. Неговата казна е повеќекратна и страшна како што е и историјата на неговото злосторство. Оттука, романот се однесува не само на еден трагичен поединец, туку на цела една цивилизација. Опишувајќи го главниот лик како млад човек кого приликите го направиле таков каков што е и конечно го упропастиле, Драјзер се трудел да ги посочи сите тие прилики приложувајќи огромна документација на своето време. Ниту едно американско злосторство не било испитано толку внимателно во поглед на рамките на неговата сцена, споредните ликови и постапките. Меѓутоа, никаде во романот, Драјзер не кажува ниту збор за тоа дали главниот лик ја заслужува казната или не. Тој нема никаква мера за таквата казна, туку настојува само да ги проследи промените кои едно добродушно момче за неколку години го довеле до таква свирепост. Романот доживеал голем успех кај публиката, а подоцна бил претворен и во театарска претстава и пренесен на филмското палтно, иако самиот Драјзер негодувал против баналната филмска верзија на неговото дело.[14]
Наводи
уреди- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 3-24.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 24-107.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 107-147.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 148-180.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 180-248.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 249-309.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 310-383.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 383-506.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 507-568.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 569-645.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 645-762.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 762-835.
- ↑ Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. 835-839.
- ↑ Карл ван Дорен, во: Теодор Драјзер, Америчка трагедија. Београд: Просвета, 1955, стр. XVII-XIX.