Тане Стојчев Кљанџев[1], познат како Тане Горничевски, Тане Ѕолев и Тане Грозни[2][3] — македонски револуционер, војвода на Внатрешната македонско одринска револуционна организација во Леринско[4].

Тане Стојчев
Роден 1874
Горничево, Леринско, Егејска Македонија
Починал 1907
Чеган, Воденско, Егејска Македонија
Војводите Тане Стојчев (нај лево) и Ѕоле Стојчев (вториот од лево) со свои четници во Леринско

Животопис

уреди

Тане Стојчев е роден во леринското село Горничево (денес Кели, Грција). Во редовите на ВМОРО првостепено влегол како курир. Во терористичката група влегол заедно со Христо Иванов Мајсторчето од Лерин, Геле и Петре Попови од селото Трсје, Доре Минчев од Горничево, Ѕоле Стојчев од Баница и Дине Кљусов од Горно Врбени[5]. Во 1901 година, прогонуван од властите, пребегал во Софија. Во 1902 година Стојчев се приклучил во четата на полковникот Јанков и пристигнал во Леринско. По смртта на Георги Папанчев станал реонски војвода во Леринско.[6]

За време на Илинденското востание, Стојчев го раководел Леринскиот револуционерен реон, заедно со Лечо Настев и Алексо Џорлев.[7] Во неговата чета имало 250 лица вооружени со ловџиски пушки од марката „Гра“ и секири: 17 лица од Церово со војводата Стефан Гошев, 42 лица од Баница со Ѕоле Стојчев и Нацо Кочев, 25 лица од Горничево со Дине Ташеминов, 14 лица од Борешница со Атанас Попов, 13 лица од Росен, 50 лица од Воштарани со Минче и Русе Ангеловски, 30 лица од Пателе со Васил Каленџиев[8]. За време на почетокот на востанието тие ги прекинале телеграфските жици помеѓу Лерин, Суровичево и Воден, го нападнале турскиот аскер во Пателе, а се бранеле во Суровичево.

По востанието тој бил еден од малкуте војводи, кои останале во Македонија и придонеле за обновување на активностите на организацијата во Воденско и Леринско.[9]

На 11 март 1905 година соединетите чети на Тане Стојчев и Ѕоле Стојчев (Атеш паша) дале голем отпор кон османлиските војски и башибозук кај селото Жерви (денес Зерви, Егејска Македонија), во кои Турците дале многу жртви. Разбеснети од поразот, Турците го запалиле целото село Жерви, во кое од 45 куќи останале само 4, а 54 лица биле убиени. Тане Војвода загинал заедно со тројца четници во борба со османлиските војски на крајот на јуни 1907 година помеѓу селата Чеган (денес Агиос Анастасиос, Егејска Македонија) и Горничево.

Наводи

уреди
  1. Тзавелла, Христофор. Дневник на костурския войвода Лазар Киселинчев, София, 2003, стр.138.
  2. Псевдонимите на ВМРО, Ангел и Христо Узунови, Серија, „Архивата на Ангел Узунов“, Државен Архив на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 87
  3. Николов, Борис. ВМОРО - псевдоними и шифри 1893-1934, Звезди, 1999, стр.30, 95
  4. Марков, Георги Христов. „Хрупищко“, Хасково, 2002, стр. 134.
  5. Спомени на Георги Попхристов
  6. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, С. 2001, с. 78.
  7. Христо Силянов, Освободителните борби на Македония, Том I, стр.309]
  8. Спомени на Георги Попхристов
  9. Куманов, Милен. „Македония. Кратък исторически справочник“, София, 1993.