БИКРА (англиски: Banking Industry Country Risk Assessment, BICRA) е методологија на агенцијата „Стандард и Пурс“ за пресметка на кредитниот рејтинг на банките. Таа претставува макроанализа на економскиот и на индустрискиот ризик на земјата во која се наоѓа банката, а понатаму се анализираат детерминантите специфични за самата банка, како што се: позицијата на банката во деловната околина, капиталот на банката и големината на приходите, големината на ризикот, изворите на финансирање и ликвидноста.[1]

Опис на методологијата

уреди

Методологијата БИКРА разликува 10 нивоа на кредитен рејтинг (од 1 до 10), со тоа што првото ниво се однесува на банките со најниско ниво на ризик, додека банките што се наоѓаат на нивото 10 се проценети со највисок ризик. Анализите се засновани на временски хоризонт од три до пет години. Методологијата е составена од две главни целини - економски и индустриски ризик. Притоа, таа се потпира врз шест групи фактори што влијаат врз нивото на економскиот и на индустрискиот ризик за земјата во која се наоѓа испитуваната банка. За секој фактор се испитува нивото на ризик, за кое во зависност од неговата големина се доделуваат бодови. Колку што е поголем ризикот, поголем е бројот на бодови што ѝ се доделуваат на банката што се испитува. Резултатите што се добиени со користење на методологијата БИКРА, за економскиот и за индустрискиот ризик за земјата во која се наоѓа испитуваната банка, понатаму претставуваат основа за формирање на самостојниот рејтинг на банката.[1]

Економски ризик

уреди

Економскиот ризик на банкарскиот сектор зависи од структурата и од стабилноста на економијата на државата во која се наоѓа, флексибилноста на макроекономската политика, потенцијалните нерамнотежи на економијата, како и од кредитниот ризик на населението и стопанството во земјата. Индустрискиот ризик е детерминиран од квалитетот и од ефикасноста на банкарските регулативни тела и од нивниот успех во пронаоѓање слабости на банкарскиот сектор за време на финансиски кризи. Во оваа дефиниција се земени предвид и големината и стабилноста на изворите на надворешна помош, како и влијанието на државата и на централната банка во работењето на банката што се анализира. Висината на економскиот и на индустрискиот ризик во една држава зависи од шест фактори, кои се делат на 22 потфактори. Бодовите што се добиваат од анализа на трите фактори (економска еластичност и стабилност и кредитниот ризик на економијата) го одредуваат нивото на економскиот ризик на банкарскиот сектор. Исто така, збирот на бодовите од анализите на институционалната рамка, динамика на конкурентноста и од системот за финансирање го одредува нивото на индустрискиот ризик. Секој фактор е оценет на бројчена скала од еден (многу низок ризик) до шест (екстремно висок ризик). Оценувањето се врши врз основа на резултатите добиени од анализа на секој фактор и потфактор. Последното ниво, со кое се означува високо ниво на ризик, многу ретко се доделува, земајќи предвид дека тоа укажува на постоење големи недостатоци. Вкупниот број бодови за економскиот и за индустрискиот ризик кореспондира со соодветни бодови на скала со 10 нивоа, каде првото ниво означува најнизок ризик, а последното ниво означува постоење на екстремно висок ризик.[1]

Методологијата БИКРА ги анализира економската еластичност, дисбалансот и кредитниот ризик на економијата со цел да го добие нивото на економскиот ризик. Работната околина - економијата, индустријата и политиката на државата, исто така, може да имаат големо влијание врз динамиката на кредитирање на банката. Со анализа на секој од овие фактори се проценува кредитниот рејтинг на државата во која се наоѓа банката која се анализира. Економската еластичност ги проценува стабилноста на економијата и нејзината издржливост во случај на негативни надворешни шокови. Првичната процена на економската еластичност се состои од анализа на истите три фактори од кои зависи одредувањето на економскиот ризик на една држава, односно зависи од висината на доходот, можностите за развој и економскиот диверзитет и нестабилност. Во продолжение, вака добиените резултати се разликуваат за една категорија (повисока или пониска), во зависност од тоа дали БДП по глава на жител на државата е соодветен показател за економската структура и стабилност. За земјите во кои доминира нафтената индустрија и во кои постои високо ниво на инфлација, првичното ниво за издржливоста на економијата се намалува за едно ниво.[1]

При анализата на економската нерамнотежа / нестабилност, методологијата БИКРА анализира различни фактори во фазата на експанзија и во фазата на водење рестриктивна монетарна политика. Големината на кредитниот ризик што е присутен во економијата се анализира преку кредитниот ризик во банкарскиот сектор, и тоа, во однос на изложеноста кон домаќинствата, фирмите и државата. За да се процени неговата големина се анализираат следниве потфактори: капацитет за задолжување на приватниот сектор; стандарди за позајмување; кредитен стрес на земјата во која се наоѓа анализираната банка.[1]

Индустриски ризик

уреди

Критериумите за евалуација на индустрискиот ризик се поделени во три категории:[1]

  • Институционална рамка. Анализата на институционалната рамка се заснова врз анализата на три потфактори, и тоа: банкарската регулација и супервизија; залагање на регулативните тела за супервизија и транспарентноста на владеењето на државата.
  • Конкурентна динамика. Конкурентната динамика како фактор ги испитува структурните импликации на конкурентната околина што влијае врз работењето на една банка, која е дел од банкарската индустрија. Конкурентната динамика на банкарската индустрија зависи од: подготвеноста за преземање ризик, стабилноста на индустријата и пазарните нарушувања. Почетната вредност за конкурентната динамика зависи од подготвеноста на банкарскиот сектор за преземање ризик, нивото на стабилност на индустријата и големината и сериозноста на пазарните нарушувања. Апетитот за преземање ризик се анализира преку профитабилноста на банкарскиот сектор во споредба со други сектори во економијата, како и други индикатори. По добиените резултати, се додаваат вредностите добиени од анализата за стабилноста на индустријата и пазарните нарушувања. Вредноста за конкурентната динамика се влошува за една категорија доколку банкарската индустрија се процени како умерено нестабилна, односно се влошува за две категории доколку е нестабилна. Максималното намалување на почетната вредност на конкурентната динамика може да биде најмногу до две категории. При анализата на банкарските системи се разликуваат три категории: умерено стабилни, умерено нестабилни и нестабилни. Првичниот резултат за ризикот и конкурентната динамика останува непроменет доколку банкарската индустрија е оценета како умерено стабилна. Тој се намалува за една категорија доколку индустријата е умерено нестабилна, односно две нивоа доколку е нестабилна. Најпосле, ако за банкарскиот сектор е проценето дека нема никакво присуство на нарушувања, првичната оцена за висината на ризикот во индустријата останува непроменета. За разлика од тоа, доколку постои нарушување, тогаш нивото на ризик се зголемува за еден степен.
  • Финансирање на системот. Анализите на ризикот на системот на финансирање се фокусираат на проценување на релативната стабилност на изворите на финансирање на банкарскиот сектор и на пристапот до алтернативни извори на финансии. Со цел правилно испитување на системите за финансирање на еден банкарски сектор, се користат следниве детерминанти: големина на депозитите во споредба со одобрените кредити, надворешните извори на финансирање, средствата на банката (што не се кредити), нивото на задолженост на домашните пазари и улогата на државата.

Комбинирање на добиените резултатите

уреди

Резултатите за големината на економскиот и на индустрискиот ризик на една земја се користат како основа за проценување на кредитната способност на банка што е активна во таа земја. Притоа, релативната кредитна способност на сите банкарски системи се рангира почнувајќи од категоријата A, како најнеризична, па сѐ до категоријата B- како најризична. Големината на самостојните кредитни рејтинзи се добива со приспособување на јадрото за самостојниот кредитен рејтинг, т.е. со додавање одредени предности и слабости карактеристични за банката што се испитува. Приспособувања, освен во случаи кога се очекува испитуваната банка да прими огромна помош од државата, со цел да се спречи нејзино пропаѓање, се врши и кога за ликвидноста на банката што се испитува се добива средно или слабо ниво. По добивање на почетниот самостоен кредитен рејтинг за банките се испитуваат следниве четири детерминанти: бизнис-позиција, големина на капиталот и профитот, големина на ризикот и изворите на финансирање и ликвидноста. По проценувањето на секоја од детерминантите, почетната вредност за самостојните кредитни рејтинзи може да се намали или зголеми или да остане непроменета, соодветно на резултатите од анализите. Добиениот резултат е самостојниот кредитен рејтинг на банката и претставува првиот чекор за добивање на целосната оцена за нејзината кредитна способност. За банка со просечно работење, самостојниот кредитен рејтинг се наоѓа во категоријата BBB или A. Само банките со специфични предности се оценуваат со една или повеќе категории над категоријата на нејзиниот самостоен рејтинг.[1]

Табела 1: Формирање самостоен кредитен рејтинг со комбинирање на економскиот и на индустрискиот ризик[1]

Категорија на ризик Комбинација на економскиот ризик (ЕР) и индустрискиот ризик (ИР)
A ИР1 со ЕР1, ИР1 со ЕР2, ИР2 со ЕР1
A- ИР1 со ЕР3, ИР2 со ЕР2, ИР2 со ЕР3, ИР3 со ЕР1, ИР3 со ЕР2
BBB+ ИР1 со ЕР4, ИР1 со ЕР5, ИР2 со ЕР4, ИР3 со ЕР3, ИР3 со ЕР4, ИР4 со ЕР1, ИР4 со ЕР2, ИР4 со ЕР3, ИР5 со ЕР1
BBB ИР1 со ЕР6, ИР2 со ЕР5, ИР2 со ЕР6, ИР3 со ЕР5, ИР4 со ЕР4, ИР4 со ЕР5, ИР5 со ЕР2, ИР5 со ЕР3, ИР5 со ЕР4, ИР6 со ЕР1, ИР6 со ЕР2
BBB- ИР2 со ЕР7, ИР3 со ЕР6, ИР3 со ЕР7, ИР4 со ЕР6, ИР5 со ЕР5, ИР5 со ЕР6, ИР6 со ЕР3, ИР6 со ЕР4, ИР‚ со ЕР5, ИР7 со ЕР2, ИР7 со ЕР3
BB+ ИР3 со ЕР8, ИР4 со ЕР7, ИР5 со ЕР7, ИР6 со ЕР6, ИР7 со ЕР4, ИР7 со ЕР5, ИР8 со ЕР3
BB ИР4 со ЕР8, ИР4 со ЕР9, ИР5 со ЕР8, ИР6 со ЕР7, ИР6 со ЕР8, ИР 7 со ЕР6, ИР7 со ЕР7, ИР8 со ЕР4, ИР8 со ЕР5, ИР8 со ЕР6, ИР9 со ЕР4
BB- ИР5 со ЕР9, ИР6 со ЕР9, ИР7 со ЕР8, ИР8 со ЕР7, ИР8 со ЕР8, ИР9 со ЕР5, ИР9 со ЕР6
B+ ИР5 со ЕР10, ИР6 со ЕР10, ИР7 со ЕР9, ИР7 со ЕР10, ИР8 со ЕР9, ИР9 со ЕР7, ИР9 со ЕР8, ИР9 со ЕР9, ИР10 со ЕР5, ИР10 со ЕР6, ИР10 со ЕР7
B ИР8 со ЕР10, ИР9 со ЕР10, ИР10 со ЕР8, ИР10 со ЕР9
B- ИР10 со ЕР10

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 1,5 1,6 1,7 Standard & Poor's (2011), Banking Industry Country Risk Assessment Methodology and Assumptions.