„Зази во метрото“ (француски: Zazie dans le métro) - роман на францускиот писател Ремон Кено од 1959 година. Врз основа на романот, една година подоцна е снимен истоимениот филм во режија на Луј Мал.[1]

Содржина уреди

Романот се состои од 19 глави:

  • I-VII глава: На железничката станица, Габриел ја чека внуката Зази која доаѓа во посета на Париз. Таа има голема желба да се вози во метрото, но тоа не работи поради штрајк. Зази е многу палава девојка која ја запрепастува околината со својот непристоен говор. Утредента, Зази скришно излегува надвор со намера да прошета низ градот. Сопственикот на блиското бистро, Турандо, се обидува да ја врати назад, но Зази предизвикува скандал, обвинувајќи го дека сака да ја принуди на сексуален однос така што Турандо е пруниден да побегне. Во градот, Зази запознава непознат човек, кој ѝ купува фармерки и ја чести ручек. Во разговорот со него, таа ја измислува приказната дека нејзината мајка го убила татко ѝ, зашто тој се обидел да ја силува. Тогаш, таа ги грабнува фармерките и бега, но човекот веднаш ја фаќа и пред насобраните луѓе ја обвинува за кражба. Човекот ја враќа Зази во станот на Габриел кого го обвинува дека е хомосексуалец и дека ја принудува Зази на проституција. Зази ја користи приликата и пак успева да ги украде фармерките, а Габриел го исфрла човекот надвор. Набргу, тие пак се среќаваат во бистрото на Турандо и таму Габриел се онесвестува. Потоа, Габриел го напушта бистрото, а непознатиот човек води бесмислен разговор со чевларот Гриду.[2]
  • VIII-XI глава: Габриел, Зази и таксистот Чарли одат во разглед на Ајфеловата кула каде Зази му поставува незгодни прашања на Чарли и тој си заминува. Околу Габриел се собира група туристи кои, воодушевени од него, го земаат со себе, одејќи во посета на Сен-Шапел. На Зази не ѝ се допаѓа идејата и таа го присилува Габриел да избегаат од туристичкиот автобус. Зази упорно го прашува Габриел дали е хомосексуалец и така го предизвикуваат вниманието на една госпоѓа (вдовицата Муак), која им се приклучува. Меѓутоа, туристите го пронаоѓаат Габриел и повторно го земаат со себе. Зази, госпоѓата Муак и еден полицаец (Трускајон) влегуваат во случаен автомобил и одат во Сен-Шапел за да го спасат Габриел, зашто госпоѓата мисли дека тој е киднапиран. Меѓутоа, тие го наоѓаат Габриел во добро расположение, задоволен поради тоа што успеал да ги привлече туристите.[3]
  • XII-XIX глава: Госпоѓата Муак и Трускајон закажуваат љубовен состанок, но додека тој оди дома за да се пресоблече, таа ја среќава Зази и двете влегуваат во едно бистро каде го наоѓаат Габриел со туристите. Во меѓувреме, таксистот Чарли ѝ предлага брак на Мадлен, келнерката во бистрото на Турандо, а таа ја прифаќа понудата. За да прослават, Габриел ги кани Мадлен, Чарли, Турандо и Гриду да го посетат ноќниот бар каде настапува тој. Во барот веќе се наоѓаат Габриел, Зази и туристите, а пријателите на Габриел откриваат дека станува збор за најпознатиот бар за хомосексуалци во Париз. За тоа време, во станот на Габриел влегува непознат човек, а во него Марселина го препознава човекот кој Габриел го исфрли од станот. Во разговорот со неа, тој соопштува дека има повеќе лица, т.е. дека го игра и полицаецот Трускајон. Тој сака да ја освои Марселина, но таа искористува една прилика за да побегне од станот. Трускајон чека пред барот од каде излегува Габриел со друштвото и со задоволните туристи кои го гледале неговиот настап. Дури тогаш, Габриел и неговите пријатели го препознаваат Трускајон, а кога Габриел сака да се пресмета со него пристигаат двајца полицајци, а потоа доаѓаат повеќе полицајци, кои ги приведуваат Трускајон и двајцата полицајци. Габриел и пријателите одат на вечера во еден локал каде Гриду и госпоѓата Муак започнуваат тепачка која набргу се претвора во општа тепачка со келнерите. Поради тоа, локалот е опколен од специјалната полиција која ја убива госпоѓата Муак, а во локалот влегува Трускајон, кој се претставува под трето име. Во тој миг, Габриел и пријателите се спуштаат со лифт во подрумот на локалот, а оттаму, непознат човек ги води низ тунели и ходници до париското метро. Изутрината, мајка ѝ на Зази оди на железничката станица, каде еден човек (кого таа го нарекува Марсел) ја носи онесвестената Зази. Така, Зази и мајка ѝ се качуваат во возот и го напуштаат Париз.[4]

Осврт кон делото уреди

„Зази во метрото“ претставува еден вид урнек во кој се застапени сите Кеноови стилски, философски и јазични одлики: испреплетеноста на баналното и лажно-возвишеното, скептицизмот и човекољубието, колквијалниот говор полн со вулгарности и фонетскиот начин на пишување. Романот изобилува со јазичен хумор и во него ригорозно и до крајни консеквенци се разработени Кеноовите тези за реформата на јазикот и фонтескито начин на пишување. Меѓутоа, големата популарност на романот се должи на неговата атмосфера, сплетот на реалните и иреалните околности кои тешко можат да се разграничат едни од други, сликовитоста на описот на париските предградија и ликовите чие однесување потсетува на првите денови од немиот филм.[5]

Наводи уреди

  1. HRT, Zazie dans le metro, francuski film - Ciklus Louisa Mallea (пристапено на 23.1.2020)
  2. Rejmon Keno, Caca u metrou (drugo izdanje). Beograd: BIGZ, 1992, стр. 5-87.
  3. Rejmon Keno, Caca u metrou (drugo izdanje). Beograd: BIGZ, 1992, стр. 89-135.
  4. Rejmon Keno, Caca u metrou (drugo izdanje). Beograd: BIGZ, 1992, стр. 137-212.
  5. „Beleška o piscu“, во: Rejmon Keno, Caca u metrou (drugo izdanje). Beograd: BIGZ, 1992, стр. 213.