Славица Г. Петровска

(Пренасочено од Славица Г.Петровска)

Славица Галиќ Петровска — македонска првенка на операта при Македонска опера и балет, магистер по соло пеење, концертна пејачка и професорка на Факултетот за музичка уметност - Скопје. Родена е во Призрен, Косово на 17.04.1959 година, а живее во Скопје од 1977 година.[1]

Славица Галиќ Петровска

Академска биографија

уреди

Славица дипломира на Факултетот за музичка уметност - Скопје, во класата на проф. Коста Трпков. Магистерските студии ги започнува во класата на примадона Радмила Бакочевиќ во Белград, а ги завршува во класата на проф. Милка Ефтимова во Скопје.
Во текот на студиите има повеќе солистички настапи на Средби на музичките академии во Белград (1981 г.), Средба на младите оперски надежи „Томче Грнчаровски“ во рамките на мајските оперски вечер во Скопје (1981-82 г.), „Подиум на младите“, a учествува и на конкурсот „П. И. Чајковски“ во Москва (1982 г.).
Веднаш по дипломирањето, на сцената на МОБ за првпат настапува во операта „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт во улогата на Барбарина и во „Орфеј“ од Глук во улогата на Амор.
Подоцна е ангажирана во Мариборскиот театар, кајшто ги реализира улогите на Блонда и Констанца во Моцартовата опера Грабнување од сарајот“ и улогата на Розина во операта „Севилскиот бербер“ од Росини.
Во 1986 година заминува на едногодишна специјализација во конзерваториумот Римски Корсаков во Санкт Петербург, кајшто изучува руска музика, вокална техника, педагошка работа и оперско пеење во класата на проф. Татјана Николаевна-Лаврова. Освен тоа, во Санкт Петербург одржува и солистички концерти.
За време на тој студиски престој, таа добива две улоги во театарот “Рубинштајн”: Виолета во операта “Травијата” и Розина во „Севилскиот бербер“. Истовремено, испратена е како претставник на „Рубинштајн“ во Каунас, Литванија.

Професионален ангажман

уреди

Врз основа на аудиционата претстава „Травијата“ од 1986 година, Славица Г. Петровска е во постојан ангажман во операта при МОБ. За кратко време го прифаќа и презентира севкупниот репертоар за својот фах: Адина во „Љубовниот напиток“ од Доницети, Хана Главари во „Веселата вдовица“ од Лехар, Кармина Бурана на Орф, Оскар во „Бал под маски“ на Верди, Неда во „Палјачи“ на Леонкавало, Мизета во „Боеми“ на Пучини, Џилда во „Риголето“ на Верди, Виолета во „Травијата“ на Верди, Лучија во „Лучија од Ламермур“ на Доницети, Серпина во „Слугинка господарка“ на Перголези, Антонида во „Иван Сусањин“ на Глинка, Дона Ана во „Дон Џовани“ на Моцарт, Розалинда во „Лилјакот“ на Штраус, Лио во „Турандот“ на Пучини.
Настапува и како концертна пејачка. Покрај многуте концертни солистички рецитали, ги има реализирано и „Концерт за колоратурен сопран и оркестар“' од Глиер, „Ескултате Јубилате“ од Моцарт, Деветта симфонија од Бетовен, Седма симфонија од Малер, Миса во Ц-дур од Моцарт, „Реквием“ од Верди, „Реквием“ од Моцарт, „Салве Реџина“ и „Стабат Матер“ од Перголези.
Има одржано голем број на солистички концерти, а го негува и камерното пеење. Членка е на камерното трио „Скопје“. Соработувала и со Македонска филхармонија.
Во 2002 година, станува уметничка директорка на Македонската опера при МОБ и таа должност ја извршува до 2005 година. За време на овој ангажман, Славица на сцената на МОБ ги поставува „Кармен“, „Набуко“, „Иван Сусањин“, „Посета на старата дама“, „Таен брак“, „Мадам Батерфлај“, „Тоска“, „Лилјакот“ и „Лидија од Македонија“.
Од 2007 година, Славица Г. Петровска е професорка по соло пеење на Факултетот за музичка уметност - Скопје.

Награди и признанија

уреди

„Славица со пријателите“

уреди

Славица Г. Петровска на 06.03.2002 година, го одржува јубилејниот концерт „Славица со пријателите“ со кој прослави 20-годишен јубилеј од својата уметничка дејност.

Други активности и ангажмани

уреди

Учесничка е на фестивали како Охридско лето, Скопско лето, Битолско лето, Рацинови средби, Гоцеви денови, Крушевска република, Струшки вечери на поезијата, итн.
За време на своите професионални ангажмани, гостува во сите поголеми музички центри, како Копенхаген, Нижни Новгород, Солун, Рим, Благоевград, Пловдив, Софија, Нови Сад, Белград, Риека, Осиек, Париз, Диселдорф, Дортмунд и други.

Наводи

уреди
  1. „Славица Петровска Галиќ – Национална опера и балет“ (англиски). Посетено на 2021-01-15.[мртва врска]