Симнички манастир

Симнички манастир — историски македонски православен манастирски комплекс сместен на еден километар северозападно од гостиварското село Симница. Денес останати се само рушевини, кои на археолошката карта на Македонија се означени како археолошко наоѓалиште под името Манастир.[1]

Симнички манастир
Цртеж на новиот манастир од 1930-тите
Информации
Други имињаСимнички манастир „Св. Симеон Столпник“
Манастир на:МПЦ
Основансреден век
Разрешен1943
ЕпархијаПолошко-кумановска епархија
Цркви„Св. Симеон Столпник“
Место
Местосело Симница, Општина Гостивар Македонија Македонија
Координати41°43′12″N 20°52′53″E / 41.72000° СГШ; 20.88139° ИГД / 41.72000; 20.88139
Видливи остатоциразрушен

Историја

уреди

За првичните податоци за овој манастир нема многу податоци. Според она што се знае, манастирот бил доста богат. Имал шума на падините на планината Буковиќ, ниви по долината на Симничка Река, додека големите манастирски кошници со пчели се наоѓале во самото село Симница и Орќуше. За бројната стока се грижеле самите монаси.[2]

Главниот манастирски собир се одржувал секоја година на 1 септември по стариот календар. Тогаш доаѓале многу луѓе од реоните на Горен Полог, Мавровско Поле, Горна Река и Кичевијата. Самите манастирски поворки биле долги и по илјада метри. Околу манастирот се наоѓале и неколку помали капели. Во XVIII или XIX век во тогашното македонско селото Симница, најпрво се населиле три албански семејства од Матија (Албанија) и со помош на други дојденци од Албанија ја нападнале Симница и големиот манастир. Тогаш сите калуѓери, освен еден, кој бил надвор од манастирот, биле убиени, игуменот на манастирот запален, а манастирот разорен.

Манастирот останал разрушен околу 200 години. Повремено на тоа место имало еден камен, на кој се молеле болни луѓе и неротки. Во периодот 1935 и 1936 година по силната иницијатива на вруточкиот свештеник Аркадиј Попоски, манастирот бил изграден повторно и во големи димензии. За време на копањето на темели биле пронајдени два крста (сребрен и железен), темели, огниште, парсар од полилеј, човечки коски и еден гроб од игумен. Новиот манастир веднаш почнал со организирање на новиот годишен собор. По возобновувањето, тој имал еден монах, послуга, шума и малку стока.

Напредувањето на манастирот било прекинато за време на Втората светска војна, поточно во 1943 година. Тогаш балистите на чело со Џемо Хаса, влегле во манастирот, кога калуѓерот и послугата биле заклани, а самата манастирска црква разрушена до темел. Целата стока била разграбана. Истото се случило и со градежниот материјал. Денес се познаваат само делови од манастирските ѕидови, а земјиштето околу манастирот е претворено во земјоделско земјиште од страна на месното население.[3]

Во почетокот на последните десет години од XX век постоела иницијативa за возобновување на манастирот од страна на МААК.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  2. Глас Полога, год. IV, бр. 145, 146
  3. Trifunovski, Jovan F. (1976). Polog (Etudes Anthropogeographiques) (1. изд.). Belgrad: Academie Serbe des Sciences et des Art.

Надворешни врски

уреди