Свети Димитрија Солунски

македонски маченик и светец
(Пренасочено од Свети Димитар Солунски)

Свети Димитрија Солунски — прочуен македонски маченик и светец од Солун, во почетокот на IV век. Во средновековието станал еден од најславните „воени“ светители, и често се поврзува со Св. Георгиј. Неговиот ден се празнува на 8 ноември (26 октомври по стариот календар), и уште е познат како Митровден.

Свети Димитрија Солунски
Мозаик од 12 век, насликан Свети Димитрија во катедралата Свети Михаил во Киев
Великомаченик
Роден(а) 270,
Починал(а) 306 (на 35–36 г.)
Почитуван(а) во православие
Римокатоличка црква
Главно светилиште Солун, Егејска Македонија
Слава 26 октомври
8 ноември
Обележја облечен како римски војник, обично носи копје, често седи на црвен коњ
Заштитништво празник на Солун, Егејска Македонија
празник на војниците
празник на Крстоносците, според Римокатоличката традиција

Живот

уреди

Најстарите записи за животот на Св. Димитрија доаѓаат од IX век, иако има слики за неговите чуда уште од VII век.

Овој славен и чудотворен светител се родил во Солун од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетни родители, Димитрија бил син единец, така што бил воспитан со големо внимание. Татко му бил војвода солунски и кога умрел, Димитрија бил поставен за војвода, наместо неговиот татко. Кога го поставил за војвода, царот Максимијан особено му препорачал да ги гони и истребува христијаните во Солун. Но, Димитрија не само што не го послушал царот туку напротив, јавно го проповедал христијанството во Солун. Кога слушнал за тоа, царот Максимијан многу се огорчил и еднаш, враќајќи се од војна, дошол во Солун за да ја испита оваа работа. Тој го повикал војводата Димитрија и го испитувал за верата. Димитрија, јавно пред царот, признал дека е христијанин и го изобличил идолопоклонството на Максимијан. Разјарен, царот го фрлил Димитрија во затвор.[1]

Знаејќи што го чека, Димитрија му го врачил сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отишол во затворот весел, зашто му претстоело страдање во името на Господ. Во затворот, нему му се јавил ангел и му рекол: „Мир на тебе, страдалецу Христов. Биди храбар!“ По неколку дена, царот испратил војници во затворот за да го убијат Димитрија. Војниците го нашле Димитрија во молитва и го избодиле со копјата. Неговото тело тајно го презеле христијаните и чесно го погребале. Преданието вели дека од неговото тело потекло исцелително миро, со коешто многу болни се излечиле. Наскоро, над моштите на Св. Димитрија била подигната малечка црква. Еднаш, некој илирски војник — Леонтиј, бил болен од неизлечлива болест — но со помош на моштите на Св. Димитрија и со молитва целосно оздравел. Од благодарност, тој му подигнал на Св. Димитрија многу поголема црква, а светителот му се јавил двапати.

Подоцна, кога царот Јулијан сакал да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот скокнале пламени искри и се чул глас: „Застанете и не гибајте!“ И така, моштите на Св. Димитрија останале засекогаш во Солун. Како заштитник на Солун, Св. Димитрија се јавувал многупати,спасувајќи го градот од големи неволји. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоиле и го присоединиле кон Русија во 1581 година.

Култот на Св. Димитрија се негува на целиот Балкански Полуостров, вклучувајќи ја и Македонија, каде голем број цркви се посветени токму на Св. Димитрија. Во 2010 година, Св. Димитрија бил прогласен за светец-заштитник на селото Зрновци, а во ноември 2014 година, на плоштадот во селото бил поставен негов споменик, направен од бронза, со височина од 2 м и со тежина од 250 кг.[2]

Св. Димитрија во народното творештво

уреди

Култот на Св. Димитрија е присутен и во народното творештво. На пример, во српската народна песна „Неблагодарни синови“, откако мајката ги израснала и ги оженила своите девет сина, ги слушнала како посакуваат да замине во шумата за да ја изедат ѕверовите. Но, кога отишла во шумата, ја сретнал Св. Димитрија, кој ѝ рекол да се врати дома, каде што видела необична глетка: синовите биле претворени во камења, а снаите во студени карпи. Така, светецот ги казнил синовите за нивниот лош однос кон мајка им.[3]

Наводи

уреди
  1. „Митровден ги собира најблиските дома“, Дневник, година XVIII, број 5612, сабота-недела, 8-9 ноември 2014, стр. 28.
  2. „Во Зрновци осветен споменик на свети Димитрија“,дело на вајарот Далибор Николовски-Дачо Дневник, година XVIII, број 5614, вторник, 11 ноември 2014, стр. 17.
  3. „Неблагодарни синови“, во: Народен лирске песме. Београд: Просвета, 1963, стр. 103-104.

Поврзано

уреди

Надворешни врски

уреди
  • „Св. вмч. Димитрија Солунски – Митровден“. Бигорски манастир.
  • „Свети великомаченик Димитриј“. Православна енциклопедија.