Свадбените обичаи во Македонија
Свадбените обичаи во Република Македонија се дел од традициската култура и некои од нивните елементи можеме да ги сретнеме и денес во современиот живот. Стапувањето во брак спаѓа во редот на трите клучни моменти во човековиот живот: раѓање – брак – смрт, а како овие три моменти се значајни за сите човечки култури, затоа и овие моменти сите култури ги обележуваат. Со свадбата доаѓа до промена на социјалниот статус неженет/женет или момче/маж, немажена/мажена или девојка/жена, а како секоја промена што е неизвесна, потребно е во неа обредно да се дејствува, па во таа смисла и свадбата е полна со обредни активности. Со изобилството на свадбени обичаи и обреди, се настојувало по магиски пат да и се обезбеди среќен брак на новата брачна двојка, да им се обезбеди благосостојба и плодност на младите во идниот брачен живот; зацврстување на врските на младите еден со друг, но и на нивните семејства, бидејќи меѓу нив доаѓа до сродување; да им го направат преминот во нивната нова состојба (оженет-омажена) што побезболен. Ова особено се однесувало на невестата, за која и обредните активности се значително помногубројни, бидејќи кај неа преминот се врши на две нивоа. Од една страна е социјалниот аспект, каде невестата го менува нејзиното живеалиште, а од друга страна нејзиниот полов премин, каде со девојчинскиот знак покажува дека веќе влегла во светот на жените.
Опис на свадбените обичаи во Република Македонија
уредиВо свадбените обичаи влегуваат комплекс од обреди, верувања, магиски постапки, табуи. Свадбените обичаи можат да се поделат на:
• Предсвадбени (тука би влегле обичаите што се поврзани со изборот на брачниот партнер, т.е. со стројникувањето, бидејќи во традициската македонска култура, изборот на брачен партнер се вршел преку стројник, свршувачката, посетувањата на семејствата или само дарувањата за време на определени празници, последното бањање и чешлање на невестата);
• Обичаи што се изведуваат на самата свадба (тука би биле на пример облекувањето на невестата во невестинското руво, бричење на зетот, одењето по невеста, пристигнување на сватовите кај невестата, деверисувањето, изведувањето на невестата, одењето на сватовите од кај невестата, пристигнувањето и пречекувањето на невестата во новата куќа, до сведувањето на младите). Поради бројната обредност што била присутна на самиот ден кога се прави свадбата, во рамките на предложениот елаборат, валоризацијата ќе се однесува на свадбените обичаи што се извршуваат на самиот ден на свадбата.
• Обичаи што се изведуваат после свадбата (тука би влегле обредите после првата брачна ноќ, носењето невестата на вода, блага ракија, првичето). Овие три групи грубо можат да бидат разгледани во Генеповата теорија на обредите на премин, со нејзината тричлена структура: сепарација, лиминалност, агрегација.
Како сепарационен период може да се определи обредниот комплекс пред самата свадба, лиминалниот период – на самиот ден на свадбата и агрегацискиот период – обредите после свадбата. Инаку и во сите овие периоди може да се изврши нивна внатрешна класификација. Карактеристиките на лиминалната фаза се:
- општествено безвремен период, затоа што го опфаќа интервалот меѓу два периода
- личноста е изложена на специјални правила и забрани во врска со храната, облеката и движењето воопшто. Во оваа фаза личноста е „загадена со светоста“, а бидејќи е во состојба на светост, таа е исто така опасна, а со тоа и „нечиста“.
- реверзибилност на статусот. Обично оние луѓе кои во социјалната структура заземаат ниски социјални статуси имаат обредна супериорност над оние со повисок статус. Во македонската традиционална култура жената имала прокламирана подредена положба, па во таа смисла и во самата свадба улогата на зетот е маргинализирана, а централно место има невестата.
Сите овие карактеристики се присутни во свадбените обреди. Општествено безвремениот период е изразен во фактот што невестата и зетот веќе не се припадници на нивните врсници, не се момче и девојка, но тие сè уште не се влезени во редот на одомените. Затоа во овој период тие се и во друга облека што ги нив ѓи издвојува.. Подложни се на разни забрани, на пример при бричењето на зетот влакната од брадата се собираат во крпа, кои потоа се истураат по вода или на некои други места, или пак се чуваат. Водата со која се бричел зетот или пак онаа со која се миела невестата да се фрла на специјални места (по вода, или на места каде што не може некој да „нагази“), или пак се чува за меѓусебно од неа да се напијат. Обредни однесувања при самото облекување: оставање на некој дел од момиската облека со цел невестата „да биде млада“. Движење на свадбената поворка по утврден пат, гледање на зетот од страна на невестата низ прстен; забраната невестата да се врти по напуштање на татковата куќа, при пристигнување на невестата во новата куќа, во дворот забрана да дојде во директен контакт со земјата, специјални правила на однесување кај прагот и огништето, итн.
Во структурата на свадбените обичаи можат да се издвојат следните елементи:
-Обреди (на пример, бричење на зетот, канење на мртвите, одење по невеста, пречекување на сватовите, деверисување на невестата, кршење на сваќата, простување на невестата од својот род и дарување, венчавање, пристигнување на невестата во новата куќа, носење на невестата на огниште, гувеење, сведување на младите).
-Табуа – забрана на невестата да се врти кон татковата куќа при излегување од домот; при пристигнување во дворот во новата куќа забрана да стапне во директен контакт со земјата, забрана да се стапне на праг, забрана да се видат две невести на венчавање, итн.
- Верувања – верувања поврзани со доминацијата на брачните сопружници, верувања поврзани со бројот на децата, верувања во врска со натприродни суштества, верувања во врска со благосостојбата во бракот.
-Обреден простор – патеката по која се движи свадбената поворка, праг, огниште, вода.
-Обредно време – свадбата се изведува во текот на еден ден, времето кога се оди по невеста е пред пладне, а невестата го напушта домот во попладневните часови.
Обредното време е изразено и во свадбените песни, каде најчесто сонцето секогаш грее во зетовиот двор, додека во невестиниот надвиснале облаци или пак се задала магла; времето кога ја земаат невестата се споредува со заоѓањето на сонцето или огрејувањето на месечината; времето кога се оди по невестата се споредува со пролетно-летниот циклус (цутење на вишни и цреши, оформување класови на пченица), додека нејзиното земање со есенско-зимниот период (вишни и цреши обрани, пченицата ожнеана, темен превез пред нејзиното лице, надојдување на есенски поројни дождови, итн.). Обредното време можеме да го видиме и во фактот што во многу места во Македонија свадбите се правеле на определен ден од годината, на пр. Галичник – Петровден, с. Мешеишта (Охридско) – на Петковден – 9 Ноември, с. Рамне (Охридско) – 2 Август – Илинден; с. Пештани (Охридско) – Голема Богородица – 28 Август; или пак во есенско-зимскиот период. Строго бил забранет периодот за правење свадби за време на Божиќните и Велигденските пости. - Обредни предмети – леб или свеќа, вино и ракија, јаболко, бајракот, свадбеното дрвце во некои предели на Македонија (Тиквеш, Штипско, Кумановско, Скопско, Малешево и Пијанец, Кривопаланечко). - Обредни лица – невеста, зет, свекрва, свекор, девер, кум, кума, старосват, старосватица, побрати, побратимица, побратими, сватови, сваќи, наконче.
Посебни карактеристики на свадбените обичаи во Република Македонија
уредиПосебните карактеристики за свадбените обичаи се: - Спаѓа во редот на трите клучни моменти во човековиот живот, заедно со раѓањето и смртта.
- Со свадбените обичаи се настојувало по магиски пат да им се обезбеди успешен брак на младите, обезбедување бројно потомство што било една од основните функции на опстанокот на семејната и селската заедница. Во овој ред можеме да ги споменеме на пример обредите со фрлање житарици, бонбони и пари врз младите со цел да бидат плодни, давањето „наконче“ – мало дете на невестата со цел и таа да може да роди, истркалување мало дете, најчесто машко во постелата каде ќе спијат младите, итн.
-Успешноста во бракот се гледала и во односите на брачните сопружници кон осватените семејства. Ова во прв ред се однесувало на невестата, бидејќи живеењето во македонската традициска култура било патрилокално, односно младите по бракот живеат во семејството на мажот, т.е. свекорот. Затоа, многу обреди се посветени на меѓусебно прифаќање меѓу невестата и новото семејство, во прв ред со свекрвата, бидејќи со неа ќе ги имала и најголемите контакти. Во овој ред можат да се споменат обредите на меѓусебо бакнување меѓу невестата и свекрвата, при што со уста свекрвата ù давала на невестата пара или бонбона, пречекувањето на невестата од страна на свекрвата со леб или нешто благо, за да биле благи меѓусебно, водење на невестата на огниште од страна на свеквата, меѓусебното дарување, меѓусебно одврзување на скутините меѓу невестата и свекрвата, при што свекрвата настојувала побрзо да го одврзе нејзиниот скутник, и да ù го заврзе на невестата, бидејќи „свекрвата одродила, невестата требала да роди“.
-Обреди усмерени кон зацврстување на врските на младите еден со друг – соединувачки обреди. Треба да се споменат: гледањето низ прстен, обредно јадење и пиење на младите, впрегнување на воловскиот јарем, итн. Во овој ред треба исто така да се земат и оние обреди, како и некои песни што ги пратат нив, во кои на некој начин се исмејуваат најчесто зетот, поретко невестата (на пр. кога се дојдени во невестината куќа, пред зетот поставувале голема лажица, а при секое зетово земање од јадењето му се приговарало дека тој бил гладен, или дека кај него дома не било приготвувано така вкусно како кај невестата, или пак невестата се исмејувала дека не била вредна итн. Во овој обреден комплекс можат да се насетат и елементи на агрегација меѓу две личности (маж-жена) и меѓу две семејства. Ова е еден вид учење, дека успешен брак е можен само со целосно прифаќање на двете личности и двете семејства, односно и во случај кога ќе се случуваат лоши работи, и тие да се прифаќаат како нормални, дури и добри. Се смета дека обредниот комплекс каде е присутно исмејувањето, има за цел да создаде цврсто семејство.
-Настојувањето невестата да биде добра домаќинка можеме да го видиме преку обредите на поставување трпеза од страна на невестата, собирањето на дрвата расфрлани пред невестата, потпалувањето на огништето и удирањето од неговите вериги, носењето кај ноќвите и симболичното замесуање од страна на невестата. Во свадбените обичаи како покарактеристични можат да се издвојат:
-целата Мариовска свадба;
-канење непознат на свадба, за кој обред сметам дека го изразува силното народно верување во епифанија на предците;
-кршење погача (пупче, буле) на прагот од куќата од машко и женско дете;
-бајрактарот во с. Јабланица – Струшко (ментално заостанат, сакат или некој сиромав човек), во кого може да се видат траги од териоморфно божество што поседува посебна моќ;
-одложување консумацијата на бракот во првата брачна ноќ (с. Љубаништа, Пештани – Охридско, Струшки Дримкол, Леринско);
-канење на мртвите – се сретнува во Брсјачката етнографска целина, кај Мијаците и во Тиквеш (со нивни специфики). За силното верување во важноста на мртвите да учествуваат во најзначајните моменти од животот на заедницата, сведоштво е присуството на овој обред во најново време;
-обредите младите да се напијат вода од онаа со која што се капеле;
-обредот „поминување под јарем“ се извршувал при воведување на невестата и зетот во куќата;
-„кушање“ – протнување на невестата и зетот под расчекорените нозе на свекрвата или најстарата жена во селото (Мариово, Кумановско).Овој обред се толкува во светлото на повторно раѓање на младите во нова состојба, но, истовремено на нив им се пренесува и моќта и тие да можат да раѓаат и да создаваат.
-свадбено дрвце – се сретнува во Источна и Североисточна Македонија (Тиквеш, Штипско, Кумановско, Скопско, Малешево и Пијанец, Кривопаланечко), познато како „градец“, кое исто така се сретнува и кај некои јужнословенски народи (Срби, Бугари).
Нематеријално културно наследство
уредиСо одлука на Владата на Република Македонија, свадбените обичаи во Република Македонија, како нематеријално културно наследство од особено значење е со режим на заштита од прв степен.
Литература
уреди- Задрожињска, Ана 1994: Семејни обреди. Споредбена монографија на полските села Пјентки и Твароги и македонското село Јабланица. Музеј на Македонија, Археолошки, Етнолошки и Историски, Скопје; Катедра по етнологија и културолошка антропологија, Варшава, Скопје.
- Иванова, Радост 1984: Българската фолклорна сварба. БАН, Институт за фолклор, София.
- Jovanović, Bojan 1993: Magija srpskih obreda. Svetovi, Novi Sad.
- Карановић, Зоја 1993: „Свадбени ритуал као поступак санкционисања и потчињавања моћи жене“, во: Гласник Етнографског института, САНУ, књ. XLII, Београд, стр. 15*26.
- Китевски, Марко 1986: „Промените и континуитетот во свадбените обичаи од Дебарца (Охридско), во: Зборник од XXXI Конгрес на Сојузот на здружение на фолклористи на Југославија, Радовиш, 1984, СЗФЈ, ЗФМ, стр. 379*383.
- Кличкова, Вера & Георгиева, Милица 1965: „Свадбените обичаи од с. Галичник – Дебарско“, во: Гласник на Етнолошкиот музеј, кн. 2, Скопје, стр. 95*187.
- Колевски, Петар 1981: „Свадбените обичаи во Мала Преспа“, во: Фолклорот и етнологијата на Битола и Битолско“. МАНУ, ДНУ – Битола, УНК „Илинденски денови“ – Битола, Битола, стр. 387*405.
- Левинтон, А.Г. 1982: „Нека општа питања изучавања свадбеног обреда“, во: Расковник, часопис за књижевност и културу, Београд, год. IX, бр. 31, мај, 95*102.
- Павловић, М. Јеремија 1928: Малешево и Малешевци. Етнолошка испитивања. Београд.
- Петреска, Весна 1998: „Некои посмртни елементи во свадбениот обред“, во: Balcanoslavica, 22*24, Скопје, стр. 115*134.
- Петреска, Весна 2000: „Семејниот обреден комплекс во Куманово и Кумановско“, во: Фолклорот во Куманово и Кумановско. Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, Куманово, 315*398.
- Петреска, Весна 2000: „Просторот во свадбените обреди“, во: Македонски фолклор, год. XXVIII, бр. 55, Скопје, стр. 103*116.
- Петреска, Весна 2002: Свадбата како обред на премин кај Македонците од брсјачката етнографска целина. Институт за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, Посебни изданија, кн. 43, Скопје.
- Петреска, Весна 2006: „Медијаторите во обредите од животниот циклус“, во: Спектар, Списание на Институто за македонска литература, год. 24, бр. 47, Скопје, стр. 153*173.
- Петреска, Весна 2008: Етнографија на современиот семеен живот во македонското семејство. Традициски и нови културни модели во обредноста и семејниот живот. Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Посебни изданија, кн. 70, Скопје.
- „Промените и континуитетот во свадбените обичаи“, Зборник од XXXI Конгрес на Сојузот на здружение на фолклористи на Југославија, Радовиш, 1984, СЗФЈ, ЗФМ, стр. 305*459.
- Ристески, Милан 1961, 1962: Селска свадба I*V, Стремеж, Списание за литературни, културни и општествени прашања, год. VII, VIII, Скопје.
- „Свадба некад и данас“, во: XXVIII Конгрес Савеза удружења фолклориста Југославије, Зборник радова, Сутоморе, 1981, стр. 105*184.
- „Свадбените обреди, игри и песни кај народите на Балканот“. Материјали од II Меѓународен Симпозиум за балкански фолклор, Охрид, 7 и 8 јули 1971, Македонски фолклор, год.V, бр. 9*10, Ско пје, 1972, стр. 9*210.
- „Семејните обреди (обичаи), игри и песни на балканските народи“. Материјали од VII Меѓународен Симпозиум за балкански фолклор, Охрид 7 и 8 јули 1981, Македонски фолклор, год. XV, бр. 29*30, Скопје, 1982, стр. 13*130.
- Тановић, Стефан 1927: Српски народни обичаји у Ђевђелиској Кази. СКА, СЕЗ, књ. 40, Друго одељење Живот и обичаји народни, књ. 16, Београд*Земун.
- Turner, Victor 1969: Ritual Process. London.
- Тэрнер, Виктор 1983: Символ и ритуал. Издателство „Наука“, Москва.
- Филиповић, Миленко 1939: Обичаји и веровања у Скопској Котлини. СКА; СЕЗ, књ. LIV, Друго одељење Живот и обичаји народни, књ. 24, Београд.
- Хаџи*Пецева, Марика 1981: „Обичаи околу склопување брак во Прилепско*Битолско Поле“, во: Фолклорот и етнологијата во Битола и Битолско. МАНУ, ДНУ – Битола, УНК „Илинденски денови“ – Битола, Битола, стр. 581*596.
- Van*Gennep, Arnold 1981: Rites de passage. Picard, Paris.
Надворешни врски
уреди- македонски-свадбени-обичаи Архивирано на 17 ноември 2023 г.
- Свадбени обичаи
- Галичка свадба