СОУ „Цар Самоил“ - Ресен

(Пренасочено од СОУ "Цар Самоил" - Ресен)

„Цар Самоил“ — средно училиште во Ресен, Општина Ресен[1].

СОУ „Цар Самоил“ - Ресен

Податотека:Car samoil logo.jpg
Место
Општина: Ресен
Место: Ресен
Адреса: Ул. Кочо Рацин бр 48, Ресен
Основни информации
Директор: Славица Божиновска
Настава на: македонски, турски и албански
Контактни информации
Портал csamoil.edu.mk

Основање и развој

уреди

Првите почетоци на училиштето се во училишната зграда во ОУ „Гоце Делчев“ - Ресен на улица Мите Трпевски бр. 42 во централното градско подрачје. Името под кое работеше гимназијата е Стив Наумов. Објектот е изграден од цврст материјал во 1957 година. Тоа е објект составен од приземје и два ката. Од учебната 1978/79 година.

Училишниот центар за стручно образование на земјоделски кадри се интегрира со Гимназијата во Ресен, во Центар за средно образование Јосип Броз Тито со гимназиски и лозаро-овоштарски паралелки. Со интеграцијата, која се реализира во 1978 година, училишната зграда, економијата и дел од механизацијата, сопственост на Центарот, беа префрлени како основни средства на „Агроплод“.

Новата воспитно-образовна институција училишниот центар „Јосип Броз Тито“ доби нови простории – поранешната касарна, која за таа цел беше адаптирана за изведување на воспитно-образовниот процес. За изведување на практичната настава, Центарот доби и нова економија околу училишната зграда. „Агроплод“ како организација што ја користи економијата на поранешниот центар, се обврзува на постојните овоштаро-лозарски и идните паралелки да им овозможи да ги користат производните објекти за практична настава и други потреби. Училишниот центар во својот состав ги има следниве форми на стручно образование на земјоделски кадри:

  • Паралелки за стручно образование на земјоделци од овоштарско-градинарска насока, со траење од една година
  • Паралелки за квалификувани земјоделски работници од овоштарско-градинарска насока во траење од 2 години и
  • Паралелки за техничари од овоштарско-лозарската насока во траење од 4 четири години.

Треба да се одбележи дека учениците што го завршуваа двегодишното училиште,скоро сите го продолжуваа образованието за земјоделски техничари. Уписот на учениците се регулираше со конкурс. Вкупниот број на учениците во учебната 1981/82 година е 500, од кои овоштаро-лозари 167 и гимназијалци 337.

Обновување на училишното стопанство

уреди

Центарот имал сопствена економија со лозов насад од 425 пенушки со 17 различни видови грозје, вишнарник со 300 овошни дрвја и овоштарник со 100 дрвја јаболка и круши. За извршување на работите во економијата и за практична настава, Центарот располага со еден трактор, приклучна механизација и тоа: плугови, барни, сеалки, прскалки и друго.

Денес вкупната парцела која ја поседува училишната економија изнесува 13.5 ha во квалитетна почва од која последниве 3 години 12 ha се засејува со пченица, (врз основа на член 24 став 7 од Законот за земјоделско земјиште (Сл. Весник на Р. М. бр. 25/98 и 18/99) е склучен договор за закуп на земјоделски земјиште на време од 30 години), 1ha јаболков насад, 0,3 ha круша и слива, и 0,4 ha лозов насад во школскиот двор.

Од механизација има: трактор 539 Фергусон, трактор Ландини 85, приколка 3 тона, приколка 5 тона, атомизер 350л, ѓубрерастурач, сеалка, култиватор-дисков, култиватор со мотички-обичен, плуг-трибразден, електричен апарат за миење, атомизер 1000л, ѓубре растурач-италјански, тањирача-дисков култиватор, плуг-обичен двобразден.

Опремата се користи за обработка на земјоделските култури во Училишната економија, а е сместена во гаражи којшто се наоѓаат во училишниот двор.

Училишна Библиотека

уреди

Од своето основање Училиштето почнало да создава свој книжен фонд кој постетено се зголемувал и прераснал во библиотека. Библиотекарскиот фонд од година на година станувал се побогат( Стручна литература, списанија и белетристика). Библиотеката е сместена во посебна просторија и располага со библиотекарски инвентар, потреба за сместување на книжниот фонд.

Библиотеката е уредена по пример на градска библиотека со уредно водена картотека.

Во библиотеката има голем број на списанија и енциклопедии. Училиштето води грижа и за набавка на учебници од најнови изданија. Библиотеката денес располага со околу 6389 книги. Библиотеката располага со дела опфатени во материјалот по македонски јазик и литература, со стручни списанија и друга литература.

Може да се каже дека во прилично голем степен ги задоволува потребите на учениците и наставниот кадар.

Во последните години библиотеката се збогатува со потребниот книжевен фонд поради промената на воведување на нови лектири од страна на МОН.

Општествена културна дејност

уреди

Општествено културна дејност се развива со цел да се поттикнат врвни достигнувања во сите сфери на воспитно-образовната дејност и во пригодни моменти истите да се презентираат во општествената средина, со кое се дава придонес за поцелосна афирмација на училиштето и разивање на општествениот живот и подигање на општата култура на средината.

Општествено културна дејност се реализира во рамките на Училиштето и институциите на Општината.

Задачи на општествено-културната дејност се:

  • училиштето да се афирмира како културен и просветен центар на општествената средина,
  • да им се овозможи на учениците да ги запознаат јавните и културните инсититуции во општествената средина,
  • воспитно-образовните резултати во училиштето да бидат достапни за средината,
  • во текот на годината да бидат одбележани и со историски часови повеќе историски датуми.

Наставна практика

уреди

Во образованието на стручниот кадар, наставната практика е неразделен дел од теоретската настава по сите стручни предмети.

Теоретската и практичната настава се реализираат според наставни планови и програми.

Теоретската настава се изведува во кабинети. Таа се надополнува со вежби, кои се дел од неа. Во кабинетите се изведува со помош на нагледни средства: слики, модели, материјал за калемење и др.

Професионалната пракса се однесува на учениците од земјоделско ветеринарната струка од прва до трета година.

Професионалната пракса се реализира од септември до јуни и опфаќа берба на јаболка што се изведува во АД Агроплод. А во склоп на училишната економија професионалната пракса опфаќа подготовка на терен, прихранување на житни култури, хемиска зимска заштита во јаболковиот насад, пролетна обработка, одржување на лозовиот и овошниот насад, припрема за наводнување и наводнување на лозовиот и овошниот.

Најзначајни активности при реализација на феријалната практика главно се: нега на овошен и лозов насад, одржување и негување на истиот, посета на земјоделски аптеки, посета на организации со цел учениците теоретските знаења да ги поврзат со практична примена.

Учениците предводени од свои професори ја изведуваат практиката по години и во помали групи. Практиката трае од 10 до 20 работни денови. Феријалната практика се изведува во летниот период.

Учениците преку воспитно -образовниот процес се здобиваат со информации и вештини соодветни на конкретни и различни професии, со информации за раководење со ресурси и со информации тимска работа и вештини за постојаност, посветеност, делотворност, ефикасност и упорност во работењето. Работното место е активна средина на учење каде учениците учат преку работа, развивајќи вештини за исполнување на задачите и постојано унапредување на нивните способности. Со меѓусебната комуникација на училиштата, бизнис секторот и другите организации можат да се најдат подобри начини за инкорпорирање на работните концепти и технологии во курикулумот.  

Наставни програми од 1960 до 2010 година

уреди

Во рамките на Гимназијата „Стив Наумов“ во 1960 за првпат е отворена гимназиска паралелка која работи по наставна програма со општи гимназиски предмети. Со зголемувањето на бројот на ученици и паралелки, се дели на природно научна и општествено - јазична насока. Во рамките на овие насоки наставата се изведува по општообразовни предмети и по два предмет во прилог на насоката.

Со верификациониот акт од 1985 година и промената во Училиштен Центар за Средно Образование „Јосип Броз Тито“ тогашниот Републички комитет за образование и физичка култура - Скопје воведе насоки кои беа во согласност со економските и политичките состојби во државата и општината. Истата година почнаа да работаат:

  • прехранбена насока - прехранбен техничар;
  • правна насока за правен техничар;
  • математичко – информатичка насока - информатичар;
  • економска насока – економист за книговодствено финансиска работа и економски техничар;
  • текстилна струка за конфекционер ;

Предметите во наставните програми се општообразовни и стручни во зависност од струката

Основањето на паралелките до периодот на 1992 година зависело од заинтересираноста за одредена струка.

Со нов Акт за верификација од 1992 година за гимназиско образование Министерството за образование и физичка култура – Скопје ги воведува општа и природно – математичка гимназија со предмети кои се изучуваат во двете насоки како општообразовни и предмети кои ги надополнуваа двете насоки.

Во учебната 2004/05 година започна настава по нова Верификација за гимназиско образование која функционира до денес во рамките на сегашното Средно општинско училиште „Цар Самоил.“.

Според оваа наставна програма во прва и во втора година сите ученици ги изучуваат истите општообразовни предмети, додека во трета и четврта се делат на подрачјата:

  • природно –математичко изборно подрачје и тоа:
1. комбинација А и
2. комбинација Б

По оваа програма покрај општообразовните се опфаќа и комбинација на изборни предмети со кои ученикот добива базични знаења за успех на Електротехничките, Машинските и Природно – математичките факултети, Медицински, Ветеринарен, Технолошки и др.

  • општествено – хуманистичките подрачја,
1. комбинација А и
2. комбинација Б

се наменети за ученици кои покажуваат афинитети кон Економски, Правен, одредени подрачја на Филозофски факултет.

  • Јазично – уметничкото подрачје , комбинациите А и Б

се појдовна основа за започнување на филозофските, Филолошките, Педагошките, како и факултетот за Драмска, Ликовна и Музичка уметност

Од формирањето на Земјоделското стручно училиште „Ј.Ј. Свештарот“ и спојувањето со гимназијата „Стив Наумов“ во 1977 г. се работеше по наставни програми за земјоделска струка - лозаро – овоштарска насока, сè до 2004 г. кога е верификувано за земјоделско – ветеринарна струка, профил земјоделски техничар.

Од учебната 2005/06 година Министерството за образование во согласност со потребите на општината и државата СОУ„ Цар Самоил“ го верификува за земјоделско – ветеринарна струка, профил – техничар за фармерско производство.

До 2008 година во Училиштето воспитно-образовната работа се изведуваше на македонски јазик и на кирилично писмо, a од учебната година 2008/2009 со одлука на МОН со воведувањето на задолжителното средно образование наставата во гимназиското образование се изведува и на турски и албански јазик.

Презентација на училиштето преку разни форми на натпревари

уреди

Во текот на своето постоење претставува пример во едукацијата на учениците,а преку додатната настава им се обезбедува систематска работа на надарените и талентираните ученици според поединечните интереси со што ги продлабочуваат своите знаења, ги развиваат нивните интелектуални способности.

Ваквата едуцираност тие ја презентираат на локални, регионални и републички натпревари како и на олимпијади. За тоа сведочат многубројни пехари, дипломи и признанија од континуираното учество на натпревари во различни рангови и дисциплини за освоени први втори и трети места, поединечно или екипно.

Голема е бројката на ученици – учесници во натпревари од постоењето на гимназијата па сè до ден денес. Нивните успеси не престанаа. И денес со гордост се сеќаваме на нивните успеси кои ги предлабочија во нивната професионална ориентираност при што општина Ресен се гордее и ќе се гордее со нив. Да ги спомнеме, проф. Доне Гершановски – редовен професор и декан на П.М.Ф. во Скопје, кој како гимназијалец редовно го освојуваше првото место на државните натпревари по физика во периодот на првите години од основањето на гимназијата. Д-р. Миланчо Марковски – освоено прво место на натпревари по биологија на ниво на некогашната федерација во 1977/78 г. за што сведочи неговата понатамошна успешност во доменот на медицината во кардиолошкиот центар „Филип Втори“ во Скопје.

Ламбе Барандовски[мртва врска]- републички првак по физика и учесник на Олимпијада во Сотбери – Канада, кој исто е асистент на П.М.Ф. во Скопје. Во 1970 година освоени се први места на Републички натпревари по физика од Ташовски Георги, Нелко Поп – Гошевски и Кирчо Кунгуловски, кои подоцна се упатени во Загреб на натпревар од истата област на Државно ниво.

Тука мора да го споменеме Александар Блажевски кој има учествувано на околу 25 натпревари на регионално, национално и меѓународно ниво од областа на математиката, физиката и информатиката, при што на сите има постигнато забележителен успех. Од натпреварите на национално ниво најмногу се истакнува неговата победа (поделена со струмичанецот Наско Караманов со ист број на бодови) на Првата Македонска Математичка Олимпијада во 1994 година во Скопје и победата од областа информатика на Смотрата на младите истражувачи во 1995 година во Кочани, со играта „Олимписки кругови“ која доби максимални 100 бода од жирито. На меѓународно ниво има освоено три бронзени медали на Меѓународните Математички Олимпијади во Истанбул (1993), Хонгконг (1994) и Торонто (1995)..

Во СОУ „Цар Самоил“- Ресен континуирано работаат како Слободни и Проектни активности Драмската , Рецитаторската и Новинарската секција –Училиштен весник, кои редовно го претставуваат нашето училиште со подготвени програми за потребите во училиштето, во соработка со локалната самоуправа како и претставување на училиштето надвор од општината т.е. учество на регионални и републички смотри и натпревари.

Драмската секција покрај постојаното учество за училишни потреби - Патрон празник и разни други манифестации има учествувано на Регионалните аматерски смотри „Струга Април 1974год.“ Со драмскиот текст „Чорбаџи Теодос“ и добиена Бронзена плакета ,исто така има учествувано и на Драмските смотри во Кочани каде што ученичката Весна Гавриловска се претстави со Моно драмата Дилбер Стана. Исто така драмската секција беше вклучена во републичкиот проект за СИДА во Битола што се одвиваше во два циклуси каде што освои II-место.

Литературно- Рецитаторската секција рецитаторите исто така редовно учествуваат на сите манифестации што се одржуваат во училиштето како и на сите државни празници вклучени со локалната самоуправа. Да споменеме и тоа дека редовно учествуваат и на Државниот натпревар кој се одржува во месец Мај секоја година.

Истакнати личности, поранешни ученици на училиштето

уреди

Земјоделското училиште - перспективи и можности

уреди

Промените во општествениот, политичкиот и стопанскиот систем, налагаат перманентни промени во сите сфери на работата и секојдневното живеење. Во смисла на ова имајќи го предвид значењето на образованието како клучен фактор за економскиот, културниот и социјалниот развој и неговата улога на генератор на промени, се утврдени потребите за реорганизација на содржините на образовниот систем, особено на средното стручно образование.

Пред секое училиште треба да се постават основите на воспитно – образовниот систем, односно процес првенствено да се изврши анализа на состојбите во училиштето. При тоа треба да се утврдат неговите јаки и слаби страни, да се изврши избор на солиден и компетентен наставен кадар како и можностите и заканите од средината за да се одговори на современото живеење и творење.

Земајки ја предвид потребата од постојано осовременување на воспитно образовниот процес во склад со современите европски и светски тенденции како што се: висок квалитет на школски кадар, рационализација на целиот образовен систем, како и целосна оспособеност на учениците за директно вклучување во процесот на производство.

Самото училиште се наоѓа во процес на постојано приклучување, прилагодување и усовршување на наставните планови и програми, односно во процес на усовршување и организација на образовната технологија во образовниот процес. Креативноста на наставниот кадар на училиштето со неговиот потенцијал овозможува и придонесува кај учениците да се изгради морална и стручна граѓанска свест.

Училиштето преку наставниот кадар ги согледува потребите од континуирани промени кои се императив на времето и водат кон комплетна грижа за развојот на учениците во личности кои го прифаќаат моделот на доживотно учење и кои можат да одговорат на барањата од современото општество. Мора да се нагласи дека земјоделската струка при СОУ Цар Самоил – Ресен, заедно со другите научно наставни институции, придонесува за зајакнување на општествената позиција на земјоделството, посебно на овоштарството, односно на јаболковото производство и се вклучува во релевантните процеси за градење на добра, сигурна и стабилна иднина на сите граѓани во нашата општина како водечки регион на јаболковото прозводство во нашата земја. Со својата позитивна улога ќе се докаже дека промените и предизвиците на новиот милениум ќе се разрешат само со прогресивен и сериозен третман на земјоделството.

Структура и организација на работата на училиштето

уреди
  • Основање услови за зголемување на бројот на ученици преку издржана уписна политика.
  • Обезбедување на финансиски средства за проширување на активностите во школото.
  • Изградување на механизам и инструмент за соработка меѓу соодветни стручни средни училишта и високо образовни институции од ист или сличен профил.

Осовременување на наставниот процес и учењето

уреди
  • Осовременување на училишните програми согласно со потребите на пазарната економија
  • Развивање на меѓународни училишни програми и унапредување на средното образование во европски димензии
  • Проучување на системот на пазарна економија

Ученици

уреди
  • Развивање на интерес кон учењето
  • Развивање на однос меѓу учениците и наставниците, заедницата и живоната средина
  • Обезбедување на квалитетна настава со вреднување на наставните програми и планови преку вклучување на учениците во тој процес

Човечки ресурси и нивно вклучување во процесот на образование

уреди
  • Потреба од подобро искористување на човечките ресурси преку реорганизирање на административните служби и модернизација на управувањето со училиштето
  • Основање на можности за стручно и научно усовршување на наставниот кадар во земјата и странство

Земјоделското училиште во 21 век

уреди

Стратегија и развој

уреди

Реформските стратегии во воспитно образовната сфера се движат во насока учениците од земјоделската струка да станат активни носители во едукациско еколошките процеси, односно секогаш да се надградуваат со нови знаења од областа на земјоделството.

Учењето е доживотен когнитивен и психо-моторен процес. Земјоделската струка од СОУ Цар Самоил – Ресен во својата програмска проекција треба и натаму да работи на доградба и надградба на новите наставни дисциплини за остварување на својата стратешка цел и да одговори на предизвиците на новото време.

А тоа значи редовно следење на новите светски трендови во обработката на земјата, правилно одгледување на растителните организми како и квалитетна обработка на земјоделските производи.

СОУ Цар Самоил – Ресен преку земјоделската струка е ориентирано кон развивање и унапредување на знаењата од областа на земјоделството и кон зајакнување и подигање на свеста за заштита и промена на животната средина.

Квалитетното образование е основен двигател на економскиот и општествениот развој во целина. Само преку позитивни измени на средното земјоделско образование, ќе се добијат експерти од земјоделската област и ќе се обезбеди рамноправност со европските земји. Успешен образовен систем постојано ја зголемува заинтересираноста за природните науки.

Во текот на 50 годишно постоење, земјоделската струка даваше полн придонес во подобрување на општествената заедница, остварувајки ја својата мисија фокусирна кон зјакнување на образованието со квалитетен наставен кадар и научни истражувања во областа на природните науки. Оваа мисија училиштето се грижи и понатаму да ја одржува и развива.

Поединечни раководители-директори на училиштето

уреди

од 1960 до 2013 година

Со Училиштето, од основањето до денес, раководи одговорно-раководно лице со функција директор. Поради недостигот од податоци за одредени временски периоди, останува можноста некои раководни лица само да се спомнат по име и презиме, без некои конкретни податоци. Во периодот од 1949 г. до 1952 г. функцијата на директор во опитната станица ја извршува Златан Кочовски. Од 1953 г. до 1957 г. директор е Тодор Бамјански. Драголуб Цветковиќ од 1958 г. до 1962 г. е директор на земјоделското училиште “Јосиф Јосифовски Свештарот“.

Илија Думовски , роден 15.05.1922 г. во с. Јанковец, Ресенско. Земјоделско – шумарски факултет завршува во Скопје и работи како професор по земјоделски предмети во училиштето. Од 1962 г. до 1970 г. ја обавува функцијата директор на Училиштето.

Нико Наумовски, роден 1932 г. во Ресен. Заваршил земјоделско-шумарски факултет во Скопје во Училиштето работи како професор по земјоделски предмети. Функцијата директор на Училиштето ја обавува од 1970 г. до 1974 г.

Симо Крушаровски, роден 15.03.1936 г. во с. Подмочани, Ресенско. Завршува земјоделско-шумарски факултет во Скопје и изведува настава по земјоделски предмети во Уилиштето. Од 1974 г. до септември 1977 г. ја обавувал функцијата директор на Училиштето.

Никола Василевски, Роден 02.06.1935 г. во с. Избишта, Ресенско. Завршил Филозовски факуштет во Скопје. На 01.09.1960 г. се основа гимназијата “Стив Наумов“ а Никола Василевски започнува да ја обавува функцијата директор. Негова заслуга е припојувањето на нижото Земјоделско училиште, кое постоеше одвоено. На оваа функција е до 31.06.1964 г. Тој е творец и основоположник на Ресенската керамичка колонија која успешно ја водел дваесет години.

Трајан Пецалевски, роден 21.01.1936 г. во с.Сопотско, Ресенско. Завршува ПМФ и се стекна со звањето дипломиан професор по географија. Во училиштето работи како професор по георафија а функцијата директор ја извршува од 31.06.1964 г. до 01.09.1972 г.

Лилјана Лабачевска, родена 10.01.1937 г. во Скопје. Завршува ПМФ во Скопје и се стекнува со звањето дипломиран професор хемија. Во училиштето работи и изведува настава по предметот хемија а функцијата директор на Училиштето ја обавува од 01.09.1972 г. до 13.04.1982 г. За време на нејзиното директорување во 1977г. училиштето го менува името во “Јосип Броз Тито“.

Јован Таневски, роден 13.051940 г. с. Лавци, Ресенско. ПМФ завршува во Скопје и се стекнува со звањето дипломиран професор по математика. На двапати е директор на Училиштето и тоа: 1982 г. до 1998 г. и од 2001 г. до 2003 г. За време на неговиот прв мандат во 1993 г. Училиштето го менува името во “Цар Самоил“.

Митко Јаневски, роден 25.09.1953 г. с. Езерани, Ресенско. Дипломира во САД, Њујорк на факултетот Хобарт и се стекна со звањето дипломиран психолог, а потоа завршува и на Филолошкиот факултет во Скопје и 1982 г. се стекна со звањето дипломиран професор по англиски јазик и литература. Во училиштето изведува настава по предметот аглиски јазик а функцијата директор на Училиштето ја обавува од 1999 г. до 2003 г.

Славица Божинова, родена на 31.01.1967 г. во Ресен. Дипломирала на ПМФ во Скопје и се стекнала со звање дипломиран професор по биологија. Во училиштето работи и изведува настава по предметот биологија. На местото директор на Училиштето е од 2003 г. до 2009 г. Во овој период училиштето е вклучено во следните проекти: SEA, BET – 4 , E – school, Темпус, Модернизација на образование, Трговија со луѓе (ИОМ), Органско производство, Компјутер за секој ученик, Подигање на овошен насад, Проект за развој на предприемништво, Изградба на спортска сала и МААСП.

Зоран Тански,роден на 16.06.1968 г. во Ресен. Дипломира на Филозофскиот факултет во Скопје и се стекана со звањето дипломиран професор по историја. Во училиштето е вработен од 1999 г. и изведува настава по предметот историја. На функцијата директор е од 01.09.2009 г до јануари 2012. Во овој период училиштето е вклучено во проектот ЦГИ со поддршка од ОБСЕ.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди
  • Мрежно место на училиштето, csamoil.edu.mk Архивирано на 14 март 2016 г.
  • Портал за основните и средните училишта во Македонија, schools.edu.mk Архивирано на 16 октомври 2011 г.
  • Официјално мрежно место на Министерството за образование и наука, mon.gov.mk