Пеце Недановски (р. 12 јули 1963, Ресен) — македонски економист и универзитетски професор.

Пеце Недановски
Роден 12 јули 1963
Ресен, Македонија
Националност Македонец
Занимање професор

Животопис

уреди

Пеце Недановски е роден во Ресен на 12 јули 1963 година. Основно и средно образование, со континуирано одличен успех, завршил во родното место. За покажаниот успех и за остварените резултати во текот на школувањето, честопати бил наградуван. На Економскиот факултет во Скопје дипломирал во 1988 година. Во текот на студирањето постигнал одлични резултати, а пројавил и забележителна активност во студентските организации и тела, како: претседател на студентската организација на Економски факултет, студент-продекан на Економски факултет, член на Претседателството на студентската организација при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” и др. Последипломските студии од областа на Економскиот развој со методи на економска анализа ги завршил со одличен успех на Економскиот факултет во Скопје во 1996 година. Во 1997 година, како стипендист на ОЕЦД, со одличен успех ги завршил и своите втори последипломски студии од областа на применетата економија на Институтот за напредни изучувања во Виена. Стручното усовршување го продолжил со работа на својата докторска дисертација, која ја одбранил на Економскиот факултет во Скопје во 2003 година. Веднаш по дипломирањето се вработил на Економскиот факултет во Скопје, каде на првиот циклус (додипломски студии) ги предавал предметите Применета економија и Еколошки менаџмент. Освен тоа, на Економски факултет предавал и на последипломските студии по Управување во јавниот сектор (каде во исто време ја вршел функцијата секретар на студиумот). На Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” – Скопје (УКИМ) бил ангажиран на последипломските студии по Здравствен менаџмент и фарамакоекономија каде го раководел модулот по Фармакоекономија, а како наставник изведувал настава и испити на четири дисциплини. На Филозофскиот факултет при УКИМ бил ангажиран на втор циклус (последипломски студии) по Меѓународни односи, како и на трет циклус (докторски студии) по Меѓународни односи и менаџирање конфликти. На Градежниот факултет при УКИМ предава на студиската програма од втор циклус (последипломски студии) по Катастар – Менаџмент со недвижности. Во исто време ангажиран е и на Интердисциплинарните студии по инженерство на животна средина и ресурси на Машинскиот факултет при УКИМ. Во досегашниот период, Недановски објавил преку 60 научни и стручни трудови и статии, во домашни и меѓународни списанија и публикации. Се јавува како соавтор на еден учебник и автор на 3 студии. Учествувал на околу 70-на домашни и меѓународни научни советувања, конференции и семинари, а како истражувач или раководител, учествувал во 40-на домашни и меѓународни проекти. Негова првенствена научна област на интерес е применетата економија (трансформација на економските системи, економска политика), потоа применетата микроекономија (проблем на загадување на животната средина, економија на здравствена заштита), регионалниот развој, невработеноста, проблемот на сиромаштија, итн. Недановски покажал забележителна активност и ангажирање во телата и органите на Економскиот факултет и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Во периодот 2005-2008 година ја врши функцијата Продекан за настава на Економскиот факултет, а во периодот 2008-2012 година бил Проректор за финансии, инвестиции и развој на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Научноистражувачка дејност

уреди

Недановски пројавил значителна стручна активност и надвор од Факултетот, односно Универзитетот. Така, во периодот 1999/2001 година бил редовен член на Советот на министерот за животна средина, а во текот на 2001/2002 година бил член на Управниот комитет за подготовка на Стратегијата за намалување на сиромаштијата во Република Македонија, при Министерството за финансии. Во 1999 година бил избран за секретар, а од јуни 2005 година ја врши функцијата претседател на Сојузот на економисти на Македонија. Во периодот 2007-2011 година ја врши функцијата заменик-член на Одборот на гувернери на Здружението на економски универзитети на Југоисточна Европа - АСЕЦУ, со седиште во Солун, Грција. Освен тоа, од јануари 2008 година е член на Надзорниот одбор на УНИ Банка А.Д. Скопје, а од 2008-2011 година членува како неизвршен директор во Одборот на директори на бизнис-инкубаторот Ѕоутх Ентрепренеурсхип Сервице - ЅЕС, Скопје. Активно ги владее англискиот и францускиот јазик. Тоа му овозможило реализација на бројни стручни усовршувања и студиски престои во странство, од кои позначајни се престоите во: Гренобл и Париз (Франција), Виена (Австрија), Барселона (Шпанија), Будимпешта и Косег (Унгарија), Нагоја и Јокаичи (Јапонија), Софија (Бугарија), Стокхолм, (Шведска), Белфаст (Северна Ирска), Орландо (САД), Даблин и Лимерик (Р. Ирска), Брисел и Брухе (Белгија), Ротердам (Холандија), Оксфорд и Лондон (Англија), Линебург (Германија) итн.