Серава

река во Македонија
(Пренасочено од Радишка Река)

Серава — река во Македонија, која тече во селото и населбата Радишани и се влева во Вардар од неговата лева страна, во Скопје.

Серава
Реката Серава во месноста Лопушани, во непосредната близина на Радишани
Местоположба
Физички особености
УстиеВардар
 • надм. вис.
243 м
Должина21 км
Особености на сливот
Серава во рамките на Скопје
извор
утока
Изворот и утоката на Серава во рамките на Град Скопје и околината

Течение

уреди
 
Мовче на Серава, 1950-ти.

Реката Серава настанува со составувањето на повеќе помали речни текови како Љубанска Река, Побушка Река, Турчевска Река, Мала Река и Љуботенска Река во подножјето на планината Скопска Црна Гора на нејзиното југозападно било[1]. Во своите записи од 1896, Ѓорче Петров, исто така, дал опис на течението на реката Серава која настанува од 3 рекички: Љубанската, Побошката и Јазирската, наречени така според имињата на селата кај кои излегуваат од Скопска Црна Гора[2]. Околу тие села во вид на подгорја на Црна Гора се издигнуваат широки ридови во височина од околу еден час од подножјето до билото и тие ридови се разделени еден од друг со долишта низ кои протекуваат споменатите рекички[2]. Највидна од нив е Љубанската, која се образува од браздите Вуча Рупа, Црнокаменичка[2]. Љубанскиот поток на ¼ час под с.Љубанци во себе ја прима Јазирската Река која во летно време речиси пресушува, уште ¼ час подолу ја прима Бродечката Река која е еднаква и слична на неа во секој однос, а 10 минути над с.Радишани таа се соединува со Побошка Река и тече надолу под името Радишка Река[2]. Оттука таа се спушта надолу низ с.Бутел и полето преку неопределено корито и во самиот град Скопје се влева во Вардар[2]. Таа извирајќи од Скопска Црна Гора, влегува во Скопје во неговиот северен крај и го пресекува во должина од север кон југ[2]. Бидејќи надолу во полето коритото на Серава било со насипи и доста е високо, селаните и граѓаните лесно ја растурале водата, поради што во градот таа е речиси безводна[2]. Во денешно време, по повеќе хидромелиоративни и градежни зафати, реката Серева има малку променето течение особено во долниот и дел од средниот тек. Протекува низ долот во селото Радишани, а оттаму течејќи низ регулирано соѕидано корито минува покрај Бутел, Шуто Оризари и се влева во реката Вардар кај Момин Поток. Во минатото реката Серава течела и минувала низ самиот град Скопје делејќи го неговото централно градско јадро (стариот дел со маалата Топаана, Чаир, Гази Баба и Старата скопска чаршија) на два дела, влевајќи се во Вардар во близината на денешната зграда на МАНУ. Во втората половина на XX век по Скопскиот земјотрес од 1963 година, коритото на реката Серава низ градот Скопје било покриено и пополочено оставајќи преку подземни канали дел од водата и денес да се влева на истото место кај зградата на МАНУ. Во тоа време, долното течение на реката на потегот од населбата Бутел вештачки е пренасочено кон северозапад низ Визбеговското Поле во долината на Момин Поток[1].

Хидрографски и водостопански одлики

уреди

Извира како повеќе водотеци под врвот Пупљак на Скопска Црна Гора на надморска височина од 1.270, а во Вардар се влева во Скопје на надм. височина од 243 м [3]. Должината на реката Серава изнесува е 21 километар, а сливното подрачје зафаќа површина од 67 км2 и има пад од 1.027 м, односно 49‰[3]. Водостопански реката Серава се искористува само во своето изворишно подрачје и горно течение. Имено, како што запишал македонскиот револуционер Ѓорче Петров на крајот на XIX век дека во своите горни теченија по Црна Гора, потоците коишто ја составуваат оваа рекичка, како и на сите други црногорски потоци, работат многу воденици[2], така и денес по течението на изворишните челенки на Серава, постојат и работат неколку воденици. Покрај тоа водите во горното течение се користат и за поливање на градинарските насади во бавчите во Радишани, Љубанци, а на места од нејзината вода се напојува и добиток. За водите на Серава во Скопје, Ѓорче Петров запишал дека се нечисти и мрсни, бидејќи во неа ги фрлале нечистотиите од поголемиот дел на градот поради што водата ѝ е мрсна[2]. Серава била зло за Скопје, бидејќи таа носела таква смрдеа што во куќите блиску до неа едноставно не можело да се седи летно време[2]. Познатиот валија Ахмет Ејуп-паша се обидел да ѝ го прокопа коритото, да ја покрие одгоре и да отвори улица по неа, но набрзо го преместиле, а ако тоа се остварело, Серава ќе стане многу корисна зашто ќе претставува природен и многуводен канал којшто ќе го пресекува градот во должина[2]. По големиот Скопски земјотрес 1963 тоа е остварено, нејзиното корито низ градот е покриено и пополочено и таа денес е всушност главна канализациона артерија на северниот дел на градот од левиот брег на Вардар.

Именување

уреди

Во горното течение реката е позната и под името Радишанска[4] или Радишка Река. Под името Серава таа е позната само во градот Скопје[2]. Опишувајќи го Скопје, Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 запишал дека освен Вардар, низ Скопје протекува суводолицата Серава, a тоа име го среќавал и во другите градови на тогашниот Скопски санџак, при што насекаде така ги нарекувале суводолините, чијашто вода се слева од браздите на градот[2].

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 „Одмаздата на Серава - „Вест". Архивирано од изворникот на 2013-10-23. Посетено на 2012-04-04.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 Петров, Ѓорче (1896). превод: Марио Шаревски (уред.). Материјали по изучувањето на Македонија (2016. изд.). Скопје: Единствена Македонија. стр. 191–192. ISBN 978-608-245-113-8.
  3. 3,0 3,1 „Риболовна основа за „Слив на Вардар - Средно течение" за период 2011 - 2016. Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. стр. 3“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04. Посетено на 2013-03-10.
  4. Трифуноски Јован. „Сеоска насеља Скопске котлине - развитак села, порекло становништво и привредне одлике“. Петти дел. Скопје, 1964 г. стр. 8

Надворешни врски

уреди