Пролетите на Иван Галеб
„Пролетите на Иван Галеб“ (српскохрватски: Proljeća Ivana Galeba) — роман на хрватскиот и југословенски писател Владан Десница.
Содржина
уреди- 1-26 глава: Во 1936 година, остарениот виолинист Иван Галеб лежи во една болница во градот каде ја завршил гимназијата. За време на закрепнувањето, нему особено му помага младата убава болничарка која му посветува големо внимание. Додека закрепнува од операцијата на раката, тој ги запишува сеќавањата на своето детство и на животот во семејната куќа во едно мало приморско место. Татко му умрел уште кога тој бил бебе, така што воопшто не се сеќава на него. Оттука, детството и момчештвото ги минал заедно со бабата, дедото (сопственик на поморска агенција), двете тетки и стрикото. Исто така, тој се сеќава на разни случки од детството, како што се доаѓањето на една патувачка театарска група на која им се придружила и девојката со соседството која му се допаѓала; неколку месеци подоцна умрела и мајка му, а тој заминал во градот за да го продолжи образованието.[1]
- 27-36 глава: Од годините минати во градот, Иван се сеќава на првиот учител по виолина, како и на своите најдобри училишни другари. Потоа, тој се запишал на музичка академија во Италија, а последното лето што го поминал во родното место имал кратка љубовна врска со Алда, девојката од соседството. Меѓутоа, откако повторно се вратил во Италија, Алда извршиал самоубиство, а по некое време умрела баба му, додека дедо му претрпел мозочен удар, по што агенцијата на презеле роднините, а поради несреќниот случај со Алда, Иван не смеел да се врати во родното место.[2]
- 37-42 глава: Родниот крај го посетил дури многу години подоцна, кога го затекнал семејниот имот целосно пропаднат. Тогаш се сретнал со својот учител од детството, фра Анџело со кого разговарале за религијата и за животниот пат на Иван; во таа прилика, за последен пат го посетил гробот на мајка си. Откако му пропаднала музичката кариера, Иван нашол привремена работа како наставник по музика во едно мало место. Таму повторно ги сретнал двајцата свои најдобри другари од детството кои, биле многу изменети.[3]
- 43-49 глава: Еден ден, во болницата е примен на лекување едне славен генерал, кој во минатото извршувал многу високи државнички функции. Откако во весникот ќе ја прочита веста за смртта на еден поранешен славен глумец, Иван се сеќава на разговорите со него за театарот и за уметноста, воопшто. Подоцна дознава дека генералот е болен од рак и дека за него нема надеж, а тоа го поттикнува на размислување за власта и за државата. Во таа прилика, тој се присетува на разговорот со еден пропаднат човек и за неговата идеја да напише фантастичен роман за откривањето на лек за бесмртност.[4]
- 50-63 глава: Во продолжение, Иван се сеќава на сопругата Долорес и на ќерката Маја. Поголемиот дел од брачниот живот тој го минал во постајано патување и одделен од семејството, сè додека најпосле се здомиле во едно мало приморско место. Меѓутоа, еден ден, нивниот дом изгорел во пожар, а тие привремено се сместиле кај Петар, еден од најдобрите другари на Иван од детството. Три месеци подоцна, Иван и Долорес се разделиле. Потоа, некое време, тој живеел со Ерна, но и неа ја напуштил, иако таа несебично се грижела за него. Подоцна, Маја се разболела и, по долго лекување по разни санаториуми, умрела во едно мало место во Италија. По нејзината смрт, Иван скитал низ Италија, а потоа се вратил во родното место, каде ја посетил семејната куќа која тогаш веќе му имала друг сопственик.[5]
- 64-73 глава: Еден ден, во неговата болничка соба доаѓа студентот Радивој, претепан од полицијата поради учеството во демонстрациите против власта. Притоа, Иван дознава дека Радивој бил предаден од Иван, еден од неговите најдобри другари од детството, кој со помош на поткажувањето сакал да приграби дел од имотот на татко му на Радивој. Радивој ја напушта болницата, но по неколку дена го враќаат мртов, како последица на полициското мачење. Иван, пак, мора да оди на уште една операција, а во болницата се враќа уморен од животот и помирен со смртта. Сепак, наспроти привремените компликации, тој закрепнува, по што е отпуштен од болницата. По излегувањето, тој шета низ градот, размислувајќи за дотогашниот живот и за иднината.[6]
Осврт кон делото
уреди„Пролетите на Иван Галеб“ претставува првокласен роман кој го означува врвот во творештвото на Десница. Како и сите исповедни романи, и во овој најмногу привлекува главниот лик — Иван Галеб, полупропаднат, но ведар човек кој иам само едно цврсто убедување: дека вистината може да биде целосна само ако ѝ се додаде другата половина, онаа противречната, онаа во сенката. Тој не е сентиментален и не кука над сето она што исчезнало и не оди како Пруст „во потрага по изгубеното време“, туку неговиот ведар медитерански дух е способен да извлече нишка на ново искуство, а од деталиет да извлече крупни заклучоци за животот. И покрај сите несреќи, Иван Галеб не е несреќен, зашто главната вредност во животот е самиот живот, со сите болки и загуби.[7]
Романот е компониран во три плана: престојот на стариот и болен Иван Галеб во една провинциска болница, исечоци од неговиот живот и размислувања за својот и за туѓите животи. Сето тоа е направено многу функционално: кратките моменти во сегашноста се тивки, смирени, скицуозни и болнички; сеќавањата се искинати, впечатливи, самоволни и силни; размислувањата се лежерни, долговремени, малку разиграни, реминисцентни и патетични. Впрочем, тука демне замката во овој роман: да се сфати како збирка есеи за животот, како програмска книга со релативистичките ставови на авторот или како дискурзивно, интелигентно и малку конвенционално раскажување на разни теми со произволна примеса на автобиографски моменти? Меѓутоа, Иван Галеб не е ниту портпарол ниту алтер его на Десница, кој се дистанцира од својот книжевен лик и дава роман за една личност, за едно сфаќање на светот и за една интелектуална боја на епохата.[8]
Наводи
уреди- ↑ Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 13-92.
- ↑ Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 92-132.
- ↑ Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 132-162.
- ↑ Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 163-208.
- ↑ Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 208-254.
- ↑ Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 255-281.
- ↑ Борислав Михајловић, „Иван Галеб Владана Деснице“, во: Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 7-8.
- ↑ Борислав Михајловић, „Иван Галеб Владана Деснице“, во: Владан Десница, Прољећа Ивана Галеба. Просвета, Београд, 1968, стр. 9.