Инфографика

(Пренасочено од Податопис)

Инфографика или податопис – нагледно претставување на информации, податоци или знаење. Таквата графика се користи кога е потребно комплексните информации да се објаснат брзо и јасно, на пример во знаците, мапите, новинарството, техничкото пишување и образованието. Исто така опсежно ја користат како алатка информатичките стручњаци, математичарите и статистичарите за да го олеснат процесот на развој на концептуална информација.

Карта на Вашингтонското метро

Историја

уреди

Во текот на предисторијата, нашите предци ги создале првите инфографики: слики во пештерите и подоцна карти. Првите почетоци на карти датираат многу пред записите, познат е примерот на картата Чаталхојук од 7500 година пр.н.е. Подоцна почнале да се користат симболи за означување на стоката и залихите. Индијанците од Средна Америка со слики ги прикажувале патувањата на претходните генерации. Тие слики денес за нас се многу имагинарни, а се мисли дека се користеле прераскажување и памтење на случките.

Во 1626 година Кристофер Шајнер ја објавил „Rosa Ursina sive Sol“ во која се дадени разновидни графики за астрономските истражувања на Сонцето. Шајнер употребувал разни серии слики за објаснување на ротацијата на Сонцето.

Во 1786 година, Вилијам Плејфер ги објавил првите податочни графови во својата книга „The Commercial and Political Atlas“. Книгата е полна со статистички податоци кои ја прикажуваат економијата на Англија во 18 век со помош на разни шеми и хистограми.

Џејмс Џозеф Силвестер го вовел поимот „граф“ во 1878 година и објавил низа дијаграми кои ги прикажувале односите меѓу хемиските врски и математичките закони. Тоа биле и првите математички графови.

Развој на визуелниот јазик во 20 век

уреди

Во 1936 година Ото Нојрат вовел систем пиктографи за кој имал намера да функционира како меѓународен визуелен јазик.

Во 1972 година на олимпијадата во Минхен, Германецот Отл Ајхер вовел низа пиктограми кои се покажале исклучително успешни и популарни, а сеприсутната "stick figure" почнала повеќе да се користи на јавните натписи.

 

Во 1972 година исто така била лансирана сондата Пионир 10 со „Pioneer Plaque“ т.е. плакета. На плакетата била нацртана инфографика, некој вид меѓуѕвездена порака во шише, дизајнирана од страна на Карл Саган и Френк Дрејк. Пораката е единствена по тоа што била наменета да биде разбирлива вонземни битија кои не делат заеднички јазик со луѓето. Прикажува слика на човек и жена кои стојат пред поедноставена силуета на сонда за да би се дало чувство на размер.

Преглед на подрачјата на користење

уреди

Денес инфографиката не опкружува во медиумите, во објавените дела, како книжевни така и научни, во патниот сообраќај и сите видови прирачници. Графиката ја претставува информацијата која инаку би била непрегледна само во текстуален облик. Претставува визуелна кратенка за секојдневните дејства и случки. Печатени, инфографиките најчесто претставуваат време, мапи, планови на градови, планови на настани и статистички податоци.

Некои книги скоро во целост се направени со инфографики, како книгата на Дејвид Меколеј The Way Things Work. Иако претежно се користи во книгите за деца, инфографиката е многу честа во научната литература каде илустрира физички системи, особено оние кои може да се фотографираат (дијаграми, слики на микроскопски или субмикроскопски системи). Современите мапи, особено мапите на маршрутите за транзитните системи, користат инфографска техника за да интегрираат различни податоци, како што е идејниот распоред на транзитната мрежа и локалните обележја. Сообраќајните знаци и другите јавни знаци во голема мера се потпираат на инфографиките, како што се стилизирани човечки фигури (сеприсутната фигура на човекот), симболи и грбови за да претставуваат концепти како пол, претпазливост и насока на сообраќајот. Јавните места, како што се транзитните терминали, обично имаат некаков интегриран „Знаковен систем“ со стилизирани стандардизирани симбол и карти.

Техничките прирачници опсежно користат дијаграми и заеднички икони со кои ги истакнуваат стандардите, предупредувањата и опасностите.

Елементи на инфографиката

уреди

Инфографиката се визуелни уреди наменети за брзо и јасно комуницирање со комплексни информации. Според Даг Њусам (2004), уреди се графикони, дијаграми, таблици, карти, пописи, мапи, хистограми, пиктограми...

Дијаграмите може да се користат за да се покаже како функционира системот, а илустрирана графика користи слики за сродни податоци. Добар пример за оваа техника се „snapshots“ кои ги користи дневникот „USA Today“. Таблиците често се користат и може да содржат многу броеви. Модерните интерактивни карти исто така се информациски уреди.

Основен материјал за инфографика се податоци, информации и знаење. Во случај на податоци, творецот може да користи автоматизирани алатки, како што се графички софтвер кој ги претставува податоците во облик на линија, кутија, стрелка и разни симболи, пиктограми, скали и налепници.

Толкување на инфографиката

уреди

Мноштво инфографики се специјализирани облици кои ја претставуваат содржината на концизен и софистициран начин. За да се протолкува значењето на овие инфографики прикладно, потребно е тие што ги гледаат да имаат соодветно ниво на знаење (graphicacy). Во многу случаи, потребното знаење вклучува разбирање на вештини кои ги научиле, а не кои се вродени. Меѓутоа, знаење за конвенциите за дистрибуција и уредување на тие поединечни компоненти е неопходно за изградба на разбирање.

Спротивно на наведеното, многу други облици на инфографика го искористилие вродениот визуелен јазик кој во голема мера е универзален. Редовно користење на црвената боја како знак на предупредување или забрана е пример на инфографика која дури и на децата од мали нозе им е вродена. Многу мапи, интерфејси и прикази на разни инструменти и машини може лесно и брзо да се сфатат за да корисникот се упати во сигурен начин на работа.

Модерно доба на графика

уреди

Блиско подрачје на инфографиката е информациски дизајн. Во суштина, инфографиката е дисциплина на информацискиот дизајн. Информацискиот дизајн е вештина и пракса за подготовка на информациите така што луѓето би можеле да ги користат делотворно и ефикасно. Информацискиот дизајн денес се користи во многу подрачја за да се опишат многу комплексни проблеми на ефикасен начин.

Денес светот е незамислив без инфографиката. Таа не опкружува во сите аспекти на нашето подрачје на делување. Исклучително помага комплексните пробелми, но и секојдневните ситуации да се прикажат на поедноставен и поконцизен начин, разбирлив за сите со помош на визуелен јазик.

Надворешни врски

уреди