Бел Нил

река во Африка, притока на Нил
(Пренасочено од Планински Нил)

Бел Нил (арапски: النيل الأبيض ен-Нил ел-абјад) — река во Африка, една од двете главни притоки на Нил, заедно со Синиот. Наречен е според бојата на глината што ја носи водотекот.[2]

Бел Нил
Викториски Нил, Албертски Нил, Планински Нил
Изворно имеالنيل الأبيض  (арапски)
Местоположба
ЗемјиСудан, Јужен Судан, Руанда, Танзанија, Уганда, ДР Конго
ГрадовиЏинџа (Уганда), Џуба (Ј. Судан), Картум (Судан)
Физички особености
ИзворБел Нил
 • местоРуанда
 • координати2°16′55.92″S 29°19′52.32″E / 2.2822000° ЈГШ; 29.3312000° ИГД / -2.2822000; 29.3312000
Должина3.700 км[1]
Големина на сливот1.800.000 км2
Проток 
 • просечен878 м3
Особености на сливот
Мост преку Белиот Нил во Џуба, Јужен Судан.

Во потесна смисла, поимот Бел Нил се однесува на реката која настанува кај езерото Но, во утоката на реките Бахр ел-Џебел и Бахр ел-Газал. Во поширока смисла истиот поим ги опфаќа сите теченија кои се одлеваат од езерото Викторија сè до спојот со Синиот Нил. Овие повисоки водотеци се нарекуваат Викториски Нил (преку езерото Кјога до Алберт), Албертски Нил (до границата со Јужен Судан), а потоа Планински Нил или „Бахр ел-Џебел“ (до езерото Но).[3] Напати „Бел Нил“ ги вклучува и изворите на езерото Викторија, од кои најоддалечениот е на 3.700 км од Синиот Нил.[1]

Белиот Нил е истражен од Европејците во XIX век, во обид да го пронајдат изворот на Нил. Вистинскиот извор на Белиот Нил е откриен дури во 1937 г. кога германскиот истражувач Буркхарт Валдекер успеал да дојде до поток во Рутову во подножјето на планината Кикизи.[4]

Карта на Белиот и Синиот Нил во Источна Африка.
Утоката на Синиот и Белиот Нил кај Картум.

Извори на езерото Викторија

уреди

Реката Кагера се влева во езерото Викторија кај градот Букоба во Танзанија и претставува негов најдолг дотек, иако стручњаците не се на исто мислење за најдолгата притока на Кагера, а со тоа и најдалечниот извор на самиот Нил.[5]

Според едно мислење, Нил настанува од реката Рувиронза, која извира кај Букирасаз во покраината Бурири, Бурунди.[6] Според друго, тој настанува со реката Њабаронго, која доаѓа од шумата Њунгве во Руанда.[7]

Овие две дотечни реки се слеваат кај водопадот Русумо на руандско-танзаниската граница. Водопадот е познат по настанот на 28–29 април 1994 г. кога во рок од 24 часа преку мостот во Танзанија пребегале 250.000 Руанѓани. Кагера има улога на граница помеѓу Руанда и Танзанија, а потоа помеѓу Танзанија и Уганда, пред да се влее во езерото Викторија.

Во Уганда

уреди

Белиот Нил во Уганда се нарекува „Викториски Нил“, протегајќи се од езерото Викторија, преку Кјога до езерото Алберт; оттука го носи името „Албертски Нил“ сè до границата со Јужен Судан.

Викториски Нил

уреди

Викторискиот Нил почнува како истек од северниот брег на езерото Викторија кај Џинџа, Уганда.[8] Низводно од хидроцентралите Налубале и Кира на излезот од езерото, реката се спушта по водопадот Буџагали и тамошната централа, на околу 15 км од Џинџа. Поѕоа тече на северозапад преку езерото Кјога во средиштето на Уганда, па свртува на запад до езерото Алберт.

Над водопадот Карума преку реката поминува Карумскиот мост во југоисточниот агол на Националниот парк Водопад Мерчисон, изграден во 1963 г. за потребите на памучната индустрија. Во 2009 г. угандската влада донела одлука за изградба на хидроелектрана со моќност од 750 мегавати на неколку километри северно од мостот.[9]

Веднаш пред утоката во езерото Алберт, реката се стеснува во кланец широк само 7 метри и истекува од водопадот Мерчисон, со што го бележи нејзиниот преод во западниот огранок на Источноафриканскиот Расед. На крај, Викторискиот Нил завршува во езерото Алберт спроти Сините Планини во ДР Конго.

Потегот од езерото Кјога до езерото Алберт понекогаш се нарекува „Кјошки Нил“.[10]

Албертски Нил

уреди

Реката која се одлева од езерото Алберт на север се нарекува „Албертски Нил“ и ја двои подобласта Западен Нил во Уганда од остатокот од земјата. Албертскиот Нил се преминува преку еден мост во округот Неби и траект од Аѓумани за Мојо. Останатиот сообраќај се одвива со чамци и чунови.

Во Јужен Судан и Судан

уреди

Кога реката преоѓа од Уганда во Јужен Судан, таа почнува да се нарекува „Планински Нил“. Од езерото Но натаму станува Бел Нил во најстрога смисла, и продолжува на север во Судан, каде конечно се влева во Синиот Нил.

Планински Нил

уреди

Од градот Нимуле во Јужен Судан кај границата со Уганда, реката се нарекува Планински Нил или „Бахр ел-Џебел“ (بحر الجبل, „Планинска Река“[12]). Сè до 2006 г. сојузната држава Централна Екваторија низ која тече реката го носела името Бахр ел-Џебел.[13]

Во јужниот потег, реката има неколку брзаци пред да се спушти во низинските предели во Судан, а потоа во пространото мочриште Суд. Водотекот продолжува кон езерото Но, каде се слева со реката Бахр ел-Газал, образувајќи го Белиот Нил.[14] Тука еден ракавец наречен ел-Зераф се одлева од Бахр ел-Џебел и тече низ мочуриштето, за потоа да му се приклучи на Белиот Нил. Планинскиот Нил се спушта низ тесни клисури во облик на брзаци, од кои најпознат е Фула (Фола).

 
Белиот и Синиот нил како се спојуваат во Картум, Судан.

Потесен Бел Нил

уреди

Според некои, Белиот Нил настанува во утоката на Планинскиот Нил и Бахр ел-Газал кај езерото Но.[14]

Потегот од 120 км источно од езерото Но до устието на реката Собат има мошне благ наклон, со бројни мочуришта и лагуни.[15] Кога е преплавен, Собат носи големо количество талози, кои во голема мера се одговорни за бојата на Белиот Нил color.[16] Од градот Малакал во Јужен Судан, реката минува низ ниски (но немочурливи) предели и преоѓа во Судан, северно од Картум. Низводно од Малакал се наоѓа гратчето Кодок, каде во 1898 г. се одиграл Фашодскиот инцидент кој го одбележил крајот на колонијалната трка за Африка.

Во Судан реката тече низ вилаетот Бел Нил наречен по неа. На крај се спојува со поголемиот Син Нил кај главниот град Картум, образувајќи го Нил.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Penn, James R. (2001). Rivers of the World: A Social, Geographical, and Environmental Sourcebook. ABC-CLIO. стр. 299. ISBN 9781576070420.
  2. The New American Cyclopaedia: A Popular Dictionary of General Knowledge, Volume 12. 1867. стр. 362.
  3. Dumont, Henri J. (2009). The Nile: Origin, Environments, Limnology and Human Use. Springer Science & Business Media. стр. 344–345. ISBN 9781402097263.
  4. Traveler's Guide to the Belgian Congo and Ruanda-Urundi. Tourist Bureau for the Belgian Congo and Ruanda-Urundi. 1956. стр. 72. Посетено на 19 September 2016.
  5. McLeay, cam (2 July 2006). „The truth about the source of R. Nile“. New Vision. Архивирано од изворникот на 2011-04-09. Посетено на 4 April 2011.
  6. „Nile River“. Посетено на 5 February 2011.
  7. „Team reaches Nile's 'true source'. BBC News. 31 March 2006. Посетено на 4 April 2011. Не се допушта закосување или задебелување во: |work= (help)
  8. vanden Bossche, J.-P.; Bernacsek, G. M. (1990). Source Book for the Inland Fishery Resources of Africa, Issue 18, Volume 1. Food and Agriculture Organization, United Nations. стр. 291. ISBN 92-5-102983-0. Посетено на 4 January 2016.
  9. Holland, Hereward (8 May 2009). „Uganda To Increase Capacity of Electricity Project“. Reuters. Архивирано од изворникот на 2014-04-19. Посетено на 18 April 2014.
  10. The Indian Journal of International Law: Official Organ of the Indian Society of International Law. M.K. Nawaz. 1980. стр. 398.
  11.   Chisholm, Hugh, уред. (1911). „Nile“ . Encyclopædia Britannica. 19 (11. изд.). Cambridge University Press.
  12. Арапскиот поим бахр (بحر) може да се однесува на море, или пак на поголема река.[11]
  13. „Southern Sudan Bahr al-Jabal State changes name“. Sudan Tribune. 16 April 2006. Архивирано од изворникот на 2017-10-04. Посетено на 2019-02-27.
  14. 14,0 14,1 Parsons, Ellen C. (1905). Christus Liberator: An Outline Study of Africa. Macmillan Company. стр. 7.
  15. Shahin, Mamdouh (1985). Hydrology of the Nile Basin. Elsevier. стр. 40. ISBN 9780444424334.
  16. „Sobat River“. Encyclopædia Britannica (Online Library. изд.). Посетено на 21 January 2008.

Надворешни врски

уреди