Перо Спироски
Перо Спироски (Битола, 22 март 1928 – Битола, 27 март 1995)[1] — македонски сликар [2]
Перо Спироски | ||
Роден | 22 март 1928 Битола, Кралство СХС | |
---|---|---|
Починал | 27 март 1995 Битола | |
Занимање | сликар |
Животопис
уредиРоден e во Битола во 1928 година.[2] Завршил Виша педагошка академија, Ликовна насока во Скопје.
Член на ДЛУМ од 1952 година. Спироски со четворица други битолски уметници (Пецо Видимче, Јован Димовски, Методија Ивановски-Менде и Борислав Траиковски), бил член на познатата уметничка група ВДИСТ, која во средината на минатиот век влијаела врз насоките на современото југословенско сликарство.
Приврзан кон пределното сликарство и родниот град Битола, Спироски целиот свој творечки живот го поминал во Битола. Во неговиот природен предел секогаш наоѓал поттик за ликовно обликување на стотици слики. За овој сликар, природните амбиенти на Битола и неговата околина, со широката Пелагониска Рамнина, се јавуваат како главна содржинска одредница во неговото сликарство. Основните систематски поуки за сликарството ги стекнува во Уметничката школа во Скопје, кај професорите Вангел Коџоман, Лазар Личеноски и Љубомир Белогаски, а подоцна ги пренесува на генерации млади како ликовен педагог во Битола.
Своите први творби ги претставил на изложбите на ДЛУМ од 1952 год., а подоцна со групата ВДИСТ приредува повеќе самостојни изложби низ Македонија. Неговите дела се вклучени на изложбите на македонското современо сликарство како и во македонската селекција за 3. триенале на југословенската уметност во Белград во 1967 год. Одделни негови дела, уште со првите настапи на ДЛУМ, се позитивно оценувани од ликовната критика, која ја нагласува неговата лирска природа, поуките од импресионистичкото сликарство, чувството за хармоничен колорит и избегнување на експерименти. Иако во почетокот неговите дела се блиски до импресионистичкиот стил, подоцна тие добиваат експресионистички призвук, останувајќи доследен на него со нагласувањето на изразувањето на бојата, со која ги определува контурите и природниот предел, оставајќи го цртежот во втор план. Организацијата на композицијата ја решава класично, најчесто во три хоризонтални планови, на кои ги спротивставува вертикалите на тополите и другата пелагониска вегетација. Перспективата ја означува со интензитетот на боените површини. Стилизацијата и поедноставените облици, честата примена на црни контури и симболиката на боите, раното творештво на Спироски го поврзуваат со естетиката на фовистите. На моменти на некои слики се доближува до асоцијативната апстракција (кога од пејзажите ги апстрахира сите препознатливи елементи), а во последните дела се доближува до лирската апстракција. Неговото творештво зазема значајно место во македонската современа уметност, особено во пределното сликарство во Македонија.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ Христова, Лиљана (1995). „Сеќавање во чест на Перо Спироски“ (PDF). Зборник на трудови. Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости, музеј и галерија - Битола. 12-13-14: 212-213. Посетено на 30 август 2024.
- ↑ 2,0 2,1 Андоновска, Ленче; Ѓоргиевски, Науме, Николов, Благој, Огненовски, Трајко, Пешевска, Гордана, Стефановска, Анета, Талеска, Светлана (2007). Значајни личности за Битола. Битола: НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. стр. 173–174. ISBN 978-9989-2783-0-3. Архивирано од изворникот на 2021-11-26. Посетено на 1 јули 2023.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)