Дрејков Премин

проток меѓу Чиле и Антарктикот
(Пренасочено од Осесово Море)

Дрејков Премин (шпански: Pasaje de Drake, англиски: Drake Passage) или Осесово Море (Mar de Hoces) — водна површина меѓу ’ртот Хорн (најјужна точка на Јужна Америка) и Јужните Шетлантски Острови на Антарктикот. Го поврзува југозападниот дел на Атлантскиот Океан (морето Скоша) со југоисточниот дел на of Тихиот Океан и продолжува во Јужниот Океан.

Меѓниците (од А до F) на чилеанско-аргентинската граница во Дрејковиот Премин
Туристичка експедиција на бродот „Академик Јофе“ на пловидба низ Дрејковиот Проток кон Антарктикот
Напречен длабочински пресек на протокот со податоци за соленоста и температурата на површинската вода.

Историја

уреди

Протокот е наречен по славниот англиски гусар и вицеадмирал Френсис Дрејк (1540-1595). Со единствениот преостанат брод, „Златна лаѓа“, септември 1578 г. Дрејк поминал низ Магелановиот Проток, но ветриштата го однеле доста појужно. Оваа случка ги поттикнала морнарите да претпостават поврзаност помеѓу Атлантскиот и Тихиот Океан.

Половина век претходно, одејќи низ Магелановиот Проток, истото му се случило и на шпанскиот морепловец Франсиско де Осес кој во 1525 г. исто така бил оддуван јужно и видел некаков копнен завршеток, претпоставувајќи дека се работи за проток [1] Поради ова, некои шпански и латиноамерикански историчари оваа водна површина ја нарекуваат „Осесово Море“ (Mar de Hoces), во чест на капетанот со тоа име.

Првото минување на протокот за кој има записи е направено во пловидбата на бродот холандскиот брод „Ендрахт“ под водство на морепловецот Вилем Схаутен во 1616 г., кој притоа му го дал името на ’ртот Хорн.

Географија

уреди

Протокот е широк 800 км и се протега помеѓу ’ртот Хорн и островот Ливингстон, што претставува накјраток пристап до Антарктикот. Границата меѓу Атлантскиот и Тихиот Океан понекогаш се исцртува како линија од ’ртот Хорн до Снежниот Остров (130 км северно од антарктичкото копно). Како друга граница се зема меридијанот што минува низ ’ртот Хорн. Обете целосно се протегаат низ Дрејковиот Премин.

Останатите два премина околу најјужниот дел на Јужна Америка се Магелановиот Проток и протокот Бигл, кои не минуваат околу ’ртот Хорн и се многу тесни, па затоа по нив не може да се одвива бродски сообраќај. Воедно, тие знааат да зафатат силни мразови, а ветерот понекогаш дува толку силно што ниедно пловило на едра не можело да оди спроти него. Оттука, морепловците го претпочитале Дрејковиот Премин со стотиците километри отворена вода, и покрај неговите немирни води. Малиот архипелаг Диего Рамирес се наоѓа 100 км на југ-југозапад од ’ртот Хорн.

Напоредникот на кој лежи Дрејковиот Премин нема позначајно копно никаде околу целата Земја, што е важно за непречениот тек на Антарктичката околуполарна струја која низ протокот носи огромно количество вода (600 пати повеќе од Амазон) и ја кружи околу Антарктикот.

Од бродовите кои минуваат низ преминот честопати се забележуваат китови, делфини и морски птици како џиновски и други бурници, албатроси и пингвини.

Геологија

уреди

Познато е дека преминот бил затворен со копно, кое почнало да се отвора пред извесни 41 милиони години[2] утврдено со хемиска анализа на заби од риби пронајдени во океанските седиментни карпи. Пред отвореањето, Атлантскиот и Тихиот Океан биле сосема раздвоени, а Антарктикот бил многу потопол. Со спојувањето на двата океана настанала Антарктичката околуполарна струја, поради која континентот станал значително постуден, создавајќи ја денешната ледена покривка.

Галерија

уреди

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. Oyarzun, Javier, Expediciones españolas al Estrecho de Magallanes y Tierra de Fuego, 1976, Madrid: Ediciones Cultura Hispánica ISBN 84-7232-130-4
  2. Helen Briggs (21 April 2006). „Fossil gives clue to big chill“. BBC News. Посетено на 1 November 2007.

Надворешни врски

уреди

58°34′49″S 65°54′34″W / 58.58028° ЈГШ; 65.90944° ЗГД / -58.58028; -65.90944