Црвена верверица

(Пренасочено од Обична верверица)
Црвена верверица
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Рбетници
Класа: Цицачи
Ред: Глодачи
Семејство: Верверици
Род: Верверица
Подрод: Верверица
Вид: Црвена вервериза
Научен назив
Sciurus vulgaris
Линеј, 1758
Распространетост на црвената верверица

Црвена верверица или обична верверица (научSciurus vulgaris) — еден од видовите на верверици. Тоа е животно кое живее на дрва, сештојад, глодач кој е раширен по Евроазија, вклучувајќи ја Македонија.[2]

Опис

уреди

Црвената верверица има типична должина на главата и телото од 19-23 см, и на опашката 15-20 см, тежина од 250/340 гр. Не е полово диморфна, т.е. мажјаците и женките се со иста големина. Се смета дека долгата опашка им помага да ја одржуваат рамнотежата и правецот при скокање и качување по дрвата, а и се покриваат со неа за да се загрејат додека спијат. Крзното варира според годишните времиња и географски, од црно до црвено. Долната страна им е секогаш посветла до бела. Крзното го менуваат двапати годишно, од потенко летно во подебело зимско и со подолги влакна на ушите.

Како и сите верверици, има остри свиени канџи со кои се качува и симнува од стебла, тенки гранки, па дури и ѕидови од куќи. Силните задни нозе ѝ овозможуваат да прави долги скокови помеѓу дрвата. Исто така, знае и да плива.

Распространетост

уреди

Црвените верверички заземаат бореални, иглолисни шуми во северна Европа и Сибир, претпочитајќи бел бор, европска смрека и сибирски бор. Во западна и јужна Европа ги има во широколисни шуми каде мешавината на видови дрвја и грмушки обезбедува подобар извор на храна во текот на целата година. На повеќето британски острови и во Италија, широколисните шуми сега се помалку соодветни поради подобрата стратегија за хранење на доведените сиви верверички.[3]

Размножување и смртност

уреди

Парењето настанува или во доцна зима (февруари-март) или во лето (јуни-јули). Женката може годишно да одгледа до две легла. Во секое легло се раѓаат по три до четири млади, иако се забележани и случаи со по шест. Бременоста трае 38-39 дена. Младите ги чува мајката, бидејќи се раѓаат беспомошни - слепи и глуви, и тежат околу 10-15гр. Крзното на младите им израснува до 21. ден, очите им се отвораат по 3-4 недели, а забите им растат до 42. ден. После тоа младите верверици можат да јадат и тврда храна, и го напуштаат гнездото во потрага по храна, но се враќаат да цицаат кај мајката додека не достигнат возраст од 8-10 недели.

За време на парењето мажјаците ги откриваат женките кои се во овулација по мирисот, и иако нема додворување, мажјаците ги бркаат женките и по цел час пред половиот однос. Обично повеќе мажјаци бркаат една женка, сѐ додека доминантниот мажјак, обично најголемиот во групата, ќе има полов однос. Мажјаците и женките се парат повеќепати со различни партнери. Типично, женката е сексуално зрела во втората година од животот.

Животниот век на црвената верверица изнесува во просек 3 години, некои единки може да достигнат и 7 години, дури и 10 во заточеништво. Преживувањето е поврзано со достапноста на храна во зима, во просек 75-85% од младите умираат во текот на својата прва зима, а смртноста е 50% за секоја зима после првата.[4]

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. Sciurus vulgaris. IUCN Red List. Version 2006. International Union for Conservation of Nature. 2002. Посетено на 11 мај 2006. Database entry includes a brief justification of why this species is near threatened
  2. Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Верверички“. Македонска енциклопедија. , книга . Скопје: МАНУ. Text "series " ignored (help)
  3. Forest Research – UK Red Squirrel Group – Red squirrel facts Архивирано на 8 јули 2017 г.. Forestry.gov.uk. Посетено на 5 мај 2021.
  4. Gurnell, J. 1983, Squirrel numbers and the abundance of tree seeds. Mammal Review. 13:133–148

Надворешни врски

уреди