Овулација
Овулација е процесот во менструалниот циклус со кој зрелата фоликула пука и исфрла јајце-клетка во јајцеводот. Овулацијата настанува кај сите женки на животните, но може да има многу фундаментални разлики од онаа кај човекот.
Овулација кај жените
уредиКај жените, процесот на овулација е контролиран од хипоталамусот на мозокот преку ослободувањето на хормоните кои се лачат во предниот резен на питуитарната жлезда, познат како лутеинизирачки хормон (ЛХ) и фоликулно-стимулирачки хормон (ФСХ). Во фоликуларната пред-овулациона фаза на менструалниот циклус, фоликулата во јајникот претрпува низа трансформации предизвикани од ФСХ, од кои главно е зголемувањето. После тоа, се формира отвор во фоликулата и јајце-клетката излегува низ тој отвор. Овулацијата е предизвикана од скок на количините на ФСХ и ЛХ кои се ослободуваат од питуитарната жлезда. Во текот на пост-овулаторната фаза, јајце-клетката патува низ јајцеводите кон матката. Ако јајце-клетката се оплоди од сперматозоиди, таа може да се всади во ѕидот од матката во текот на следните 6-12 дена.
Кај жените, плодните денови се неколку дена пред овулацијата. Просечно, овулацијата настанува на 14 дена од просечниот 28-дневен менструален циклус. Но, нормално е денот на овулацијата да варира од просекот, со можност таа да се случи помеѓу десеттиот и деветнаесеттиот ден од циклусот. Самата должина на циклусот не е прецизна мерка за денот на овулацијата. Иако по правило побрза овулација би требало да резултира со пократок циклус, варијациите помеѓу жените може да бидат и по цела седмица.
Почетокот на овулацијата може да се детектира по разни знаци, но тие најдобро ги распознава самата жена. Тие се промени во грлото на матката, во слузницата, во базалната температура, болка во јајниците и засилен осет за мирис.[1] Многу жени имаат засилена желба за секс неколку дена пред овулацијата.[2] Една студија заклучува дека привлечноста на жените се зголемува пред овулацијата.[3]
На 11 јуни 2008, белгискиот доктор Жак Донез, случајно, за првпат, направил снимки на процесот на ослободување на јајце-клетката од фоликулата.[4][5][6]
Поттикнување и потиснување на овулацијата
уредиГенот Lrh1
уредиВо средината на 2008, американскиот журнал „Гени и развој“ објавил дека е откриено дека генот Lrh1 е многу важен во регулирањето на овулацијата.[7]
Индуцирана овулација
уредиОвулацијата се стимулира како метод за помош за забременување. Се користат неколку видови вештачки добиени хормони, и тоа ФСХ, ГнРХ (гонадотропински хормон) и естрадиол. ГнРХ ја индуцира и продукцијата и лачењето на хормоните ФСХ и ЛХ.
Општо гледано, примената на ФСХ или ГнРХ може да ја поттикне овулацијата со забрзувањето на создавањето на фоликули. Истовремено, ова може да предизвика и создавање на повеќе јајце-клетки истовремено, што е карактеристично за овој вид на третман.
Лековите кои вообичаено се користат за поттикнување на овулацијата се : Clomid, Gonal-F/Follistim AQ, Metformin, Bravelle, Menopur и Repronex.
Сите лекови за поттикнување на овулацијата имаат потенцијални несакани ефекти.[8]
Потиснување на овулацијата
уредиКонтрацепцијата може да се постигне преку оневозможување на овулацијата. Најголемиот дел од хормонални контрацептиви се фокусираат токму на спречување на овулацијата кај жената со што целосно се избегнува зачнувањето.
Ановулаторен циклус
уредиДодека нормалниот менструален циклус кај жената обично трае 28 дена и се состои од фоликуларна, овулаторна и лутеинска фаза, по што следи менструација или бременост, ановулаторниот циклус настанува кога не дошло до овулација. При ановулаторен циклус, можно е да се продожи менструалниот циклус, и над 35 дена.
Кај жените кои редовно не овулираат мора да се проверат причините за тоа преку медицински прегледи. Често се даваат лекови за да се поттикне овулацијата.
Овулација кај животните
уредиМеханизмите на овулацијата се различни кај разни видови на животни. На пример:
- Кај камилите овулацијата настанува само ако е присутен мирис од мажјаците. Во крда без мажјаци камилите немаат овулација.
- Кај зајаците и мачките овулацијата се предизвикува механички, од страна на мажјакот, преку полниот однос.
- Кај кокошките овулација настанува речиси секојдневно.
Надворешни врски
уредиНаводи
уреди- ↑ Navarrete-Palacios, E.; Hudson, R; Reyes-Guerrero, G; и др. (јули 2003). „Lower olfactory threshold during the ovulatory phase of the menstrual cycle“. Biological psychology. 63 (3): 269–279. doi:10.1016/S0301-0511(03)00076-0. PMID 12853171.
- ↑ B. Bullivant, Susan; A. Sellergren, Sarah; Stern, Kathleen; и др. (February 2004). „Women's sexual experience during the menstrual cycle: identification of the sexual phase by noninvasive measurement of luteinizing hormone“. Journal of Sex Research. 41 (1): 82–93 (in online article, see pp.14–15, 18–22). PMID 15216427. Архивирано од изворникот на 2007-08-20. Посетено на 2008-10-01.
- ↑ S, Roberts; Havlicek, J; Flegr, J; Hruskova, M; Little, A; Jones, B; Perrett, D; Petrie, M (August 2004). „Female facial attractiveness increases during the fertile phase of the menstrual cycle“. Proc Biol Sci. 7 (271 Suppl 5:S): 270–2. PMID 15503991.
- ↑ „article New Scientist, including photo (click on "Enlarge")“. New Scientist. 2008-06-11.
- ↑ „article in Dutch-language newspaper Het Nieuwsblad“. Het Nieuwsblad. 2008-06-12.
- ↑ „article in WebIndia.com“. WebIndia.com. 2008-06-12.
- ↑ Ovulation control gene is discovered
- ↑ Abington Reproductive Medicine: Ovulation Induction Архивирано на 22 април 2008 г. (2006).