Ние (роман)
Ние (руски: Мы) — дистописки роман на рускиот писател Евгениј Замјатин од 1920 година. Романот е објавен на македонски јазик од издавачката куќа „Темплум“, како 48. книга од библиотеката „Магма“.
Содржина
уредиРоманот се состои од 40 белешки кои ги пишува главниот лик, Д-503 кој живее во иднината, во земјата наречена Единствена Држава, основана по двестегодишната војна во која преживеале само 0,2% од светското население. Жителите на Единствената Држава немаат име и презиме, туку само плочка со одреден број, а нивниот живот се одвива според цврсти правила, наведнеи во Табелата: сите јадат, спијат, работат и шетаат во точно определено време, а во текот на денот имаат на располагање само два слободни часа.
- 1-9: Д-503 е математичар кој е ангажиран на изградбата на Интегралот. Романот започнува така што Д-503 го чита прогласот на Добротворот кој го најавува скорешното завршување на Интегралот со чија помош Единствената Држава ќе им се обрати на другите можни светови во вселената. Д-503 е во врска со О-90 со која има повремени сексуални односи. При една прошетка, тој ја запознава И-330, а подоцна присуствува на еден концерт на кој свири таа. По некое време, И-330 го кани да ја посетат Старата куќа, а кога го замолува да останат таму, тој бега од неа и сака да ја пријави во Бирото на Чуварите, но сепак не го прави тоа. Еден ден, Д-503 присуствува на јавното погубување на еден непријател на државата.[1]
- 10-24: Д-503 добива налог да ја посети И-330 во нејзиниот стан и таму ѝ ја изјавува својата љубов. Во следните денови, тој чувствува немир и голема душевна промена. И-330 му закажува средба во Старата куќа и таму спонтано водат љубов. Подоцна, кога во неговиот стан доаѓа О-90 на редовната средба, Д-503 не може да води љубов со неа. Во тој период, тој го губи интересот за работата и неколкупати не оди на работа. Еден лекар, пријател на И-330, му дава потврди за боледување и му кажува дека во него почнала да се појавува душата. Нестрплив да ја види И-330, Д-503 оди во Старата куќа, но таму го здогледува Чуварот С, кој претходните денови постојано го следи. Бегајќи од него, Д-503 влегува во ормарот и паѓа надолу, а потоа пристигнува до некоја непозната соба, каде ги наоѓа И-330 и нејзиниот пријател-лекар. Таа му го покажува тајниот ходник по кој Д-503 излегува низ еден отвор во дворот на Старата куќа. Тој добива писмо од О-90 која му изјавува љубов, а подоцна го посетува со намера да затрудни од него. Решен да ја види И-303, Д-503 повторно ја посетува Старата куќа, каде го среќава Чуварот С, а куќата ја надлетуваат леталата на Бирото на Чуварите. Еден ден, Д-503 присуствува на спроведувањето на непријателите на државата при што за малку избегнува да биде уапсен. И-330 му навестува дека нешто ќе се случи за време на претстојниот Ден на едногласноста.[2]
- 25-33: На Денот на едногласноста, на гласањето за Добротворот, некои жители гласаат против и тоа предизвикува немири во кои е повредена И-330, а утредента низ градот се појавуваат летоци, потпишани од тајната организација „Мефи“. Низ тајните ходници, И-330 и лекарот го носат Д-503 надвор од Зелениот ѕид, каде тој за првпат во животот има можност да ја види природата. Уште повеќе, тој дознава дека зад ѕидот живеат луѓе кои останале таму по двестегодишната војна. Во домот на Д-503 влегуваат Чуварите, но тој успева да ги скрие своите белешки и така го избегнува апсењето. И-330 му го изложува планот со кој членовите на „Мефи“ сакаат да го преземат „Интегралот“. Како реакција на немирите за време на Денот на едногласноста, власта објавува дека ќе се спроведе масовна операција за отстранување на фантазијата на луѓето, со цел тие да станат совршено среќни. Д-503 е воодушевен од веста, зашто за себе мисли дека е болен, но И-330 му се заканува дека, ако оди на операција, тоа ќе значи крај на нивната врска. Во меѓувреме, на улицата излегуваат првите оперирани луѓе, кои се обидуваат да ги однесат на операција случајните минувачи, а Д-503 едвај успева да побегне, заедно со О-90. Таа одбива да оди на операција, зашто сака да го роди бебето што го носи и да биде мајка. За да ја спаси, Д-503 ја испраќа кај И-330. Поради отпорот на луѓето, власта прогласува дека операцијата е задолжителна за сите жители. Тогаш, Д-503 решава да засекогаш да го напушти градот.[3]
- 34-40: Најпосле доаѓа денот на пробниот лет на „Интегралот“ на кој се наоѓаат И-330, лекарот и другите нивни соработници. Меѓутоа, Чуварите ја откриле заверата, а И-330 мисли дека Д-503 е предавникот, додека пак тој се сомнева на Ју, жената која работи во неговата зграда. По пропаѓањето на планот за преземање на „Интегралот“ на улиците повторно се случуваат протести, а И-330 држи говор против власта. Д-503 решава да ја убие Ју, но нема сила да го направи тоа, а таа му признава дека не ја предала И-330. Во тој миг, Д-503 е повикан кај Добротворот, кој го обвинува за предавство. Еден ден, Ѕидот е миниран, а во градот пак се случуваат немири. Д-503 оди во Бирото на Чуварите и на агентот С му ја раскажува целата историја на својата врска со И-330, но открива дека С знае сè, зашто и тој е дел од тајното движење. Еден ден, Д-503 присилно го оперираат, по што тој оди кај Добротворот кому му признава сè. Тогаш, Чуварите ја заробуваат И-330, а Д-503 е сведок на нејзиното измачување во кое таа не признава ништо. Романот завршува така што во градот сè уште владее безредие, но Д-503 верува дека ќе победи Единствената Држава.[4]
Осврт кон делото
уреди„Ние“ е приказна за тотално организирано општество во кое граѓаните не се личости, туку обични броеви кои живеат речиси идентични, регулирани животи. Таквото општество се темели врз идејата дека среќата и слободата заемно се исклучуваат. Поради острата сатира на тоталитаризмот, романот „Ние“ бил првата книга која била забранета од државната цензура во Советскиот Сојуз, каде првото издание се појавило дури во 1988 година. Денес, овој роман се смета за класик на дистописката книжевност и за клучно дело на советската книжевност. „Ова дело му послужило како инспирација на Џорџ Орвел за неговиот роман „1984“, а извршило големо влијание и врз другите познати дистописки писатели, како: Курт Вонегат и Олдос Хаксли.[5]
Наводи
уреди- ↑ Jevgenij Zamjatin, Mi. Beograd: Kosmos izdavaštvo, Podgorica: Nova knjiga, 2017, стр. 5-45.
- ↑ Jevgenij Zamjatin, Mi. Beograd: Kosmos izdavaštvo, Podgorica: Nova knjiga, 2017, стр. 46-121.
- ↑ Jevgenij Zamjatin, Mi. Beograd: Kosmos izdavaštvo, Podgorica: Nova knjiga, 2017, стр. 122-166.
- ↑ Jevgenij Zamjatin, Mi. Beograd: Kosmos izdavaštvo, Podgorica: Nova knjiga, 2017, стр. 167-198.
- ↑ Jevgenij Zamjatin, Mi. Beograd: Kosmos izdavaštvo, Podgorica: Nova knjiga, 2017.