Немеза (претпоставена ѕвезда)
Немеза (нарекувана и Немесис или Немезида[1]) е претпоставена ѕвезда (црвено џуџе или кафеаво џуџе), за која се верува дека ротира околу Сонцето на растојание од околу 95.000 АЕ (1,5 светлосни години ) т.е. малку подалеку од Ортовиот Облак. Првата претпоставка е поставена во 1984 година [2] со цел да се објасни воочениот циклус на масовни угинувања според геолошките наоди, кои се чинело дека се случуваат периодично во интервали од 26 милиони години.[3] До 2012, биле откриени повеќе од 1800 кафеави џуџиња. Односно, во близина на Сончевиот Систем се испоставило дека има многу помалку кафеави џуџиња отколку што се претпоставувало. Наместо да има по една ѕвезда на секое кафеаво џуџе, можно е да за секое едно кафеаво џуџе да има дури шест ѕвезди. Ваквата констатација наведувала дека половината или повеќе ѕвездени системи се бинарни, тројни или системи со повеќе ѕвезди поврзани во ѕвездени јата. Поголем дел од ѕвездите од типот на Сонцето се единечни. Во еден труд од 2017 година, Сара Садавој и Стивен Сталер тврделе дека Сонцето најверојатно во времето на неговото формирање било дел од бинарен систем, и навеле дека тогаш веројатно имало ѕвезда Немеза“.[4][5] Таа ѕвезда се одвоила од бинарниот систем пред повеќе од четири милијарди години, што значи дека не би можела да го предизвика неодамна воочениот циклус на масовни угинувања, изјавил Даглас Вакоч за Бизнис Инсајдер (Business Insider), и додал дека „Ако Сонцето стварно бил дел од бинарен ѕвезден систем во фазата на создавање, неговата ѕвезда-близнак треба да носи покротко име како Придружник, наместо страшното Немеза“.[6]
Според поновите теории, други сили, како поминување на други ѕвезди во близина или аголниот ефект на галактичката гравитациска рамнина при преминувањето на Сончевиот Систем низ рамнината на Млечниот Пат можат да ги „разбудат“ кометите во Ортовиот Облак (Хипотеза на Шива), т.е. може да предизвикаат орбитални растројувања на некои тела од надворешниот Сончев Систем. Во 2011 година, Корин Бејлер-Џонс ги анализирал кратерите на површината на Земјата и дошол до заклучок дека наодите за периодични интервали (со кои се претпоставува дека имало периодични дождови од комети исфрлени од ѕвездата Немеза) се статистичка грешка и навел дека кратерите не нудат докази за постоењето на Немеза. Но, во 2010 година, А.Л. Мелот и Р.К. Бамбах во фосилни остатоци пронашле доказ кој го потврдува периодичното угинување (за кое Рауп и Сепковски тврделе дека постои), но со повисока доза на сигурност и во двојно подолг набљудуван временски период од 500 милиони години. Инфрацрвениот астрономски сателит (ИРАС (IRAS)) во 1980-тите не успеал да ја пронајде Немеза. Астрономското истражување 2MASS, во периодот од 1997 до 2001 година, не пронашло друга ѕвезда или кафеаво џуџе во Сончевиот Систем.
Преку користење на понова и помоќна технологија - телескоп со инфрацрвени зраци, која може да открие кафеави џуџиња со топлина од само 150 келвини и на оддалеченост од 10 светлосни години од Сонцето, WISE истражувачот не ја открил Немеза. Во 2011 година, Дејвид Морисон од НАСА, напиша дека нема шанси тело како Немеза да постои, зошто инаку ќе било откриено од инфрацрвените истражувања на небото.
Тврдење за периодичност кај масовните угинувања
уредиВо 1984 година, палеонтолозите Дејвид Рауп и Џек Сепкоски објавиле труд во кој тврдат дека увиделе статистичка периодичност во стапките на угинување во последните 250 милиони години преку користење различни форми за анализа на временска низа. Биле насочени на угинувањето на фосилни фамилии од морски ’рбетници, безрбетници и праживотни, и забележале вкупно 12 настани на масовно угинување во тој временскиот период. Просечниот временски интервал помеѓу овие настани на угинување бил 26 милиони години. Два настана на угинување (креда-палеоген и еоцен-олигоцен) се совпаѓале со настани од џиновски удари. Иако Рауп и Сепкоски не можеле да ја откријат причината за таквата претпоставена периодичност, тие навеле дека е можно причината да доаѓа од вселената. Одговорот набргу следел од неколку тимови на астрономи.
Во 2010 година, Мелот и Бамбах ги преиспитале податоците од фосилните остатоци со нови и подобрени техники за датирање на остатоците, и со користење друг независен примерок покрај оној што го користеле Рауп и Сепкоски. Тие пронашле докази за повишена стапка на изумирање со периодичност од 27 милиони години, за двојно подолг период (500 милиони години) и со многу поголема статистичка значајност од онаа на Рауп и Сепковски.
Развој на претпоставките за Немеза
уредиДва независни тима астрономи, Даниел П. Витмир и Алберт А. Џексон IV, и Марк Дејвис, Пит Хат и Ричард А. Мулер, во истото издание на списанието Природа (анг: Nature) објавиле слични хипотези со кои ја објаснувале периодичноста на изумирањата предложени од Рауп и Сепкоски. Според оваа хипотеза Сонцето може да има неоткриена ѕвезда-придружник со изразена елипсовидна орбита која периодично поттикнува дожд од кометите во Ортовиот Облак, при што голем број комети минуваат низ внатрешниот Сончев Системм и следствено се зголемуваат шансите некоја од овие комети да ја удри Земјата. Оваа претпоставка била позната како претпоставката за „Немеза“ или „Ѕвездата на смртта“.
Ако Немеза постои, има несогласување за тоа за каков вид на ѕвезда станува збор. Мулер тврдел дека таа е црвено џуџе со привидна светлинска величина меѓу 7 и 12, а Даниел П. Витмир и Алберт А. Џексон сметале дека таа е кафеаво џуџе. Ако е црвено џуџе, би била заведена во ѕвездените каталози, но само по мерењето на нејзината паралакса; затоа што ротира околу Сонцето, би имала ниско сопствено движење и така не би можела да се открие со постари инструменти за набљудување на движењето кои пронашле ѕвезди со девета магнитуда, како што била Барнардовата ѕвезда. (сопственото движење на Барнардовата ѕвезда било откриено во 1916 година.) Мулер очекувал Немеза да биде откриена кога инструментите за испитувањата на паралаксата ќе ја достигнат десетата магнитуда.
Мулер, осврнувајќи се на последното масовно изумирање од пред 11 милиони години, тврдел дека Немеза има главен полупречник од околу 1,5 светлосни години (95.000 АЕ) и навел дека се наоѓа во близина на Хидра, врз основа на претпоставена орбита изведена од официјалната апсида на многу атипични долги комети кои имаат орбитален лак со што се задоволуваат одликите на Мулеровата претпоставка. Најновиот труд на Ричард Мулер поврзан со теоријата за Немеза бил објавен во 2002 година. Тогаш, тој навел дека Немеза пред 400 милиони години била растроена од друга ѕвезда која минувала во близина, при што Немезис од кружна орбита преминала во орбита со занесување од 0,7.
Во 2010 година и уште еднаш во 2013 година, Мелот и Бамбах пронашле докази за висока стапка на масовно изумирање на секои 27 милиони години. Но, затоа што Немеза е многу оддалечена од Сонцето, би требало да биде подложна на растројување од ѕвезди кои минуваат во нејзина близина, и затоа нејзиниот орбитален период треба да се корегира за 15-30%. Затоа, шпицот на угинувањата на секои 27 милиони години не се совпаѓа со Немеза.[7]
Орбитата на Седна
уредиЗаднептунското тело Седна има прилично долга и необична елипсовидна орбита околу Сонцето; нејзиното растојание од Сонцето е меѓу 76 и 937 АЕ. На Седна ѝ се потребни околу 11.400 години за да го обиколи Сонцето. Мајкл Браун, астрономот кој ја открил, во напис за списанието Дискавер рекол дека местоположбата на Седна е здраворазумски несфатлива: „Седна не треба да е таму“, рекол Браун. „Нема шанси Седна да биде таму каде што е. Никогаш не е доволно блиску за да биде под влијание на Сонцето, ама и никогаш не оди доволно далеку од Сонцето за да биде под влијание на други ѕвезди.“ Според тоа, Браун претпоставувал дека големо невидливо тело ја предизвикува аномалијата на орбитата на Седна.
Браун изјавил дека е мошне веројатно дека една или повеќе ѕвезди вон Сончевиот Систем кои минувале во близина пред милијарди години, би можеле да ја извлечат Седна во нејзината сегашна орбита. Во 2004 година, Кенион го унапредил ова објаснување, откако ги анализирал податоците за орбитата на Седна и по вршење на компјутерски симулации за можни древни ѕвезди кои поминале во близина на Сончевиот Систем (а воедно да не се дел од него).
Минати, тековни и планирани потраги по Немеза
уредиИнфрацрвените потраги по Немеза се битни затоа што поладните ѕвезди под инфрацрвена светлина сјаат релативно посилно. Лојхнеровата опсерваторија при Универзитетот во Калифорнија до 1986 не успеала да ја открие Немеза. Инфрацрвениот астрономски сателит (IRAS) во 1980-тите, исто така не успеала да ја пронајде Немеза. Астрономското истражување 2MASS, во периодот од 1997 до 2001 година, не пронашло друга ѕвезда или кафеаво џуџе во Сончевиот Систем. Ако постои Немеза, би можела да биде откриена од Пан-СТАРРС или планираните астрономски истражувања од ЛССТ.
Имено, ако е Немеза црвено или кафеаво џуџе, од мисијата на WISE (инфрацрвено истражување на вселената со кое биле опфатени и тела од соседството на Сончевиот Систем, преку мерење на паралакса со што се потврдува движењето) се очекувало да може да ја пронајде. WISE е способно да открие кафеави џуџиња топли само 150 келвини и оддалечени до 10 светлосни години, а ако кафеавото џуџе е поблиску тогаш е и полесно да се открие. Првичните резултати од истражувањето на WISE биле објавени на 14 април 2011 година. На 14 март 2012 година бил објавен целиот каталог на мисијата WISE. Во 2014 година, податоците на WISE ја отфрлиле можноста за постоење на тело со големина барем колку Сатурн во Ортовиот Облак (десет илјади АЕ).[8]
НАСА во 2011 година сооптила дека „неодамнешните научни анализи повеќе не ја поддржуваат идејата дека угинувањата на Земјата се случуваат во редовни, повторливи интервали, и затоа, хипотезата за Немеза повеќе не е потребна“.
Немеза во литературата
уредиВо 2011, македонскиот писател Бранко Прља ја објавил книгата „Досие: Ѕвезда Немезис“ како дел од трилогијата Астрогном, во која се преплетуваат фактите и научната фантастика (посебен жанр кој се нарекува „факција“ или едукативна проза).[9]
Во митологијата Немеза е ќерка на божицата на ноќта Никта и богот на темнината Ереб. Таа е божица на одмаздата и ги казнува оние кои претеруваат во нешто. Како олицетворение на праведната борба, се бори против сето она што го нарушува редот и рамнотежата во природата. Немеза е божицата што го казнила и самобендисаниот Нарцис. Таа ги менува судбините на луѓето и ги опоменува да бидат умерени.
Поврзано
уредиНадворешни врски
уреди- „Списание за астробиологија“, „Еволуција на вселената“, Оддел „Употреба на WISE во потрага по Немеза“ 03/11/10, Автор: Лесли Мален, статија за теоријата за Немезис и Тихе, и како Мисијата за Истражување на Небото - WISE може да ги докаже или отфрли теориите.
- Роберт Рој Брит, Немезис: Има ли Сонцето „придружник“?, Space.com, 3 април 2001 година.
- Фут. Р., Силагадзе З. K. (2001). „Дали во нашиот сончев Систем постојат планети близначки?“. Акта Физика Полоника. B32 (7): 2271–2278. arXiv:astro-ph/0104251. Bibcode:2001AcPPB..32.2271F.
- Ричард А. Мулер, Мерење на записот од ударот на Месечината во изминатите 3,5 милијарди години и претпоставки за теоријата на Немеза, Труд на Геолошкото друштво на Америка 356, стр. 659–665 (2002). Прво издание
- Ричард А. Мулер, Немеза (Вајденфелд и Николсон, 1988 година)
- Ричард А. Мулер, предавање каде што ја изнесува теоријата за Немеза
- ЗК Силагадзе, Паралелниот универзум и ... диносаурусите, Акта Физика Полоника B32 (2001) 99–128. (Интересен и забавен осврт за хипотезата за угинување предивикана од Немеза, со десетици наводи од научни статии на оваа тема.)
- СпејсДејли. Трупање на докази за ѕвезда придружничка на нашето Сонце . 25 април 2006 г
- Немезис е мит (Макс Планк, 1 август 2011 година)
Наводи
уреди- ↑ info@fakulteti.mk, Fakulteti mk-. „Немеза, диносаурусите и Македонија“. fakulteti.mk. Посетено на 2021-11-25.
- ↑ M. Davis, P. Hut, and R. Muller, “Extinction of species by periodic comet showers”, Nature 308, 715 (1984).
- ↑ „Не, Деветтата планета нема да предизвика масовно изумирање на Земјата (ВИДЕО)“. МКД.мк. Архивирано од изворникот на 2021-11-25. Посетено на 2021-11-25.
- ↑ „New evidence that all stars are born in pairs“. Berkeley News (англиски). 2017-06-13. Посетено на 2018-06-19.
- ↑ Sadavoy, Sarah I.; Stahler, Steven W. (2017-05-03). „Embedded binaries and their dense cores“. Monthly Notices of the Royal Astronomical Society (англиски). 469 (4): 3881–3900. arXiv:1705.00049. Bibcode:2017MNRAS.469.3881S. doi:10.1093/mnras/stx1061. ISSN 0035-8711.
- ↑ Levine, David (2018-06-19). „All stars in the universe may form in pairs — but we can't find the sun's missing 'Nemesis'“. Business Insider. Посетено на 2018-06-19.
- ↑ Melott, Adrian L.; Bambach, Richard K. (18 July 2013). „Do periodicities in extinction—with possible astronomical connections—survive a revision of the geological timescale?“. The Astrophysical Journal. 773 (1): 6. arXiv:1307.1884. Bibcode:2013ApJ...773....6M. doi:10.1088/0004-637X/773/1/6.
- ↑ NASA's WISE Survey Finds Thousands of New Stars, But No 'Planet X'
- ↑ „Досие: Ѕвезда Немезис“. Лектира. 2018-02-28. Посетено на 2021-11-25.