На Рим, со љубов (филм)
На Рим, со љубов (англиски: To Rome with Love) е американски филм од 2012 година, во режија на Вуди Ален, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Вуди Ален, Пенелопе Круз, Џуди Дејвис (Judy Davis), Флавио Паренти (Flavio Parenti), Роберто Бенињи (Roberto Benigni), Алесандро Тибери (Alessandro Tiberi), Алесандра Мастронарди (Alessandra Mastronardi), Алек Болдвин (Alec Baldwin), Орнела Мути (Ornella Muti), Елен Пејџ (Ellen Page), Алисон Пул (Alison Pill), Џеси Ајсенберг (Jesse Eisenberg) итн. Филмот трае 112 минути, а на разни фестивали, освоил една награда и имал пет номинации.[1][2]
Содржина
уредиВо филмот се испреплетуваат неколку приказни што се случуваат во Рим: Американската туристка Хејли (ја игра Пил) случајно на улица го сретнува адвокатот Микеланџело (го игра Паренти) и двајцата веднаш се вљубуваат. Тие одлучуваат да се венчаат и затоа, во Рим пристигаат родителите на Хејли, со цел да се запознаат со родителите на Микеланџело. Таткото на Хејли, пензиониран музички продуцент, открива дека татко му на Микеланџело има прекрасен глас и сака да го направи славен оперски пејач. Меѓутоа, проблемот е во тоа што тој може да пее само додека се тушира. Затоа, таткото на Хејли организира концерти на кои татко му на Микеланџело пее под туш и, навистина, тој постигнува блескав успех кај публиката и критиката.
Во втората приказна, Мили (ја игра Мастронарди) и Антонио (го игра Тибери) пристигаат во Рим од едно мало провнициско место, со цел Антонио да се запознае со своите богати роднини, кои ќе му помогнат да најде добра работа. За да остави подобар впечаток, Мили оди да побара фризер, но заскитува низ Рим при што го запознава нејзиниот омилен глумец. Тој ја носи во еден хотел „за да поразговараат за неговиот нов филм“. Мили го сака својот маж, но истовремено е возбудена од можноста да води љубов со својот омилен глумец. Додека таа размислува дали да го изневери својот маж, во хотелската соба упаѓа крадец и на крајот, таа завршува в кревет со него. Во меѓувреме, Антонио ја чека својата жена, но во хотелската соба по грешка влегува проститутката Ана (ја игра Круз). Додека Антонио се расправа со неа, во собата влегуваат неговите роднини и Ана мора да се преправа дека му е жена на Антонио. Подоцна, Антонио има прилика да ги запознае богатите луѓе и, разочаран, ја отфрла идејата да живее во Рим. Кога Мили ќе се врати во хотелот, тој ја убедува да се вратат во своето родно место.
Третата приказна се однесува на ситниот службеник Леополдо (го игра Бенињи), кого наеднаш го прогонуваат сите медиуми и тој станува неверојатно славен. Потоа, тој добива висока позиција во фирмата, го канат на филмски премиери, луѓето му бараат автограми, новинарите постојано му бараат изјави за најбанални работи (што јадел за појадок, како ја чеша главата, како се бричи итн.), а најубавите жени го молат да води љубов со нив. Леополдо полудува од новата состојба во која се наоѓа и копнее да му се врати стариот живот на анонимен човек. И навистина, еден ден, медиумите наоѓаат нова жртва и него одненадеж сите го забораваат.
Најпосле, во последната приказна, еден славен американски архитект (го игра Болдвин) шета низ Рим и го среќава студентот Џек (го глуми Ајсенберг), кој го кани на кафе во својот стан во кој живее заедно со својата девојка Сали. Набрзо, на посета кај Сали доаѓа Моника (ја глуми Пејџ), која има неверојатен шарм и Џек е вљубува во неа, иако цело време архитектот го убедува дека таа не е добра прилика за него. На крајот, Џек и Моника водат љубов, Џек ѝ ја изјавува својата љубов и тие се договараат дека ќе живеат заедно. Но, токму тогаш, Моника добива покана да снима филм и таа, водена од желбата да направи филмска кариера, лесно се ослободува од Џек.[1]