Нашиот клас
Нашиот клас – драма на полскиот писател Тадеуш Слобоѓанек од 2009 година.
Содржина
уредиДејството на драмата започнува во Полска, во 1925 година. Во едно мало место, во училиштето заедно учат децата Евреи и Полјаци, кои ги делат истите желби, грижи и потреби: еден сака да биде пожарникар, друг пилот, трет лекар, а едно девојче сонува да стане филмска ѕвезда. Минуваат години и во земјата се јавува национализмот, така што Полјаците започнуваат да се одвојуваат од Евреите. Подоцна, со германската окупација на Полска започнува погромот на Евреите, кои ги силуваат, убиваат и мачат, а најпосле ги убиваат на градскиот плоштад и ги палат живи во еден амбар. Притоа, во злоделата против Евреите учествуваат и некои од Полјаците, поранешните соученици, а подоцна, целиот град мирно го гледа масовното уништување на Евреите. Само неколку од учениците-Евреи успеваат да преживеат, но по завршувањето на Втората светска војна не престанува насилството против Евреите, сега поттикнато од новата, комунистичка власт. Истоврменео, бавно започнува процесот на преиспитување на совеста на Полјаците, иако некои (како католичкиот свештеник) сè уште настојуваат да побегнат од направениот грев.[1]
Осврт кон делото
уредиДрамата „Нашиот клас“ е заснована врз вистински настан што се случил во јуни 1941 година, во местото Једвабне, во Полска, кога се случил погром во кој биле убиени меѓу 340 и 1.600 Евреи (според полските извори и според неофицијалните проценки, соодветно). „Нашиот клас“ била премиерно поставена во 2009 година, во варшавскиот „Театар на Воли“, а во режија на Анджеј Списак. Следната година, таа била номинирана за престижната полска награда „Нике“, а „Европската театарска конвенција“ ја вброила меѓу најдобрите современи европски драмски текстови напишани во 2009 и 2010 година.[1]
Во 2016 година, драмата „Нашиот клас“ била поставена на младинската сцена на Театарот за деца и младинци во Скопје, во режија на Владимир Милчин кој, заедно со Ема Маркоска Милчин, го направил и преводот на македонски јазик, а покрај тоа го направил и изборот на музиката. Сценографијата била дело на Крсте Џидров, Марјан Нечак компинирал две песни за претставата, костимографи биле Љубица Велкова и Керим Етем, а улогите ги играле: Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Емра Куртишова, Драган Довлев, Владимир Лазовски, Предраг Павловски, Мики Анчевски, Мартин Јорданоски, Бојан Кирковски и Ненад Митевски.