Невроза
Невроза — група на функционални ментални нарушувања, вклучувајќи хроничен стрес, но без губење врска со стварноста или халуцинации. Неврозата не е идентична со психозата, која означува губење допир со стварноста. Изразот „невроза“ повеќе не се употребува од страна на професионалните психијатри во САД, а во 1980 година бил отстранет од „Дијагностичкиот и статистичкиот прирачник на менталните нарушувања“ (Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders).
Неврозата може да се дефинира како „слаба способност за приспособување кон окружувањето, неможност за промена на животните навики и неспособност за развој на побогата, покомплексна и позадоволна личност“.[1]
Симптоми и причини
уредиПостојат различни видови невроза: опсесивно-принудно нарушување, опсесивно-принудно нарушување на личноста, анксиозност, хистерија, како и разни фобии. Според Ц. Џорџ Бори, порнешен професор на Универзитетот на Шипензбург, симптомите на невроза вклучуваат: анксиозност, тага или депресија, лутина, раздразнетост, ментална конфузија, ниско чувство за самовреднување, различни проблеми во однесувањето (импулсивни или компулзивни дејствија, фобии, летаргија), различни когнитивни проблеми (непријатни и вознемирувачки мисли, повторување на мислите, опсесија, фантазирање, нетивен став и цинизам), итн. Во односите со луѓето, неврозата се манифестира низ зависност, агресивност, перфекционизам, шизоидна изолација, социо-културно несоодветно однесување, итн.[1]
Историја и етимологија
уредиИзразот невроза Изразот „невроза“ е искован од грчкиот збор νεῦρον (неврон, т.е. нерв) и наставката ωσις (оза, што означува „болна или ненормална состојба“). Тој бил создаден од шкотскиот доктор Вилијам Кулен (William Cullen) во 1769 година, означувајќи „нарушувања на осетите и движењата“ предизвикани од „општата состојба на нервниот систем.“ Кулен го употребил овој израз за да опише разни ментални нарушувања и симптоми кои не можела да ги објасни психологијата.[2] Значењето на овој израз било редефинирано од Карл Јунг и Сигмунд Фројд во почетокот и средината на XX век и така изразот продолжил да се употребува во психологијата.[3]
Во 1980 година, изразот „невроза“ бил отстранет од Дијагностичкиот и статистичкиот прирачник на менталните нарушувања“ (DSM) поради одлуката на уредниците на прирачникот да понудат опис на однесувањето наместо опис на скриените психолошки механизми.[4] Уште тогаш, оваа промена предизвикала бројни несогласувања.[5] Според American Heritage Medical Dictionary, изразот невроза „повеќе не е во употреба во психијатриската дијагноза.“[6]
Теорија
уредиТеоријата на Хорни
уредиВо нејзината книга, „Неврозата и човековиот растеж“, Карен Хорни воспоставила целосна теорија за потеклото и динамиката на неврозата,[7] според која, неврозата е искривен поглед на светот и на себе, определена од компулзивните потреби на човекот наспроти интересот за светот каков што е. Хорни смета дека неврозата се пренесува врз детето од неговото окружување во раното детство при што таа може да манифестира на разни начини:[8]
„ | Сумарно, сите тие се сведуваат на фактот дека луѓето во нивното окружување се премногу завиткани во нивната невроза за да можат да го сакаат детето, па дури и да го прифатат како посебна личност; нивните ставови кон него се определени од сопствените невротични потреби и одговори. | “ |
Оттука, почетната реалност на детето е искривена од потребите и претензиите на неговите родители. Растејќи со невротични старатели, детето набрзо станува несигурно и развива основна анксиозност. За да се справи со оваа анксиозност, имагинацијата на детето создава идеализирана слика за себе:[9]
„ | Секоја личност ја гради неговата идеализирана слика од материјалите на сопствените посебни искуства, претходните фантазии, нејзините посебни потреби... ако го нема личниот карактер на сликата, тој нема да постигне чувтсво на идентитет и единство. | “ |
Според Хорни, слабите анксиозни нарушувања и нарушувањата на личноста се само варијации на неврозата во поглед на степенот на изразеност и на поединечната динамика. Спротивната состојба на невроза Хорни ја нарекува самоостварување – состојба во која личноста реагира на светот со целата длабочина на нејзините спонтани чувства, т.е. личноста ги остварува своите вродени потенцијали. Овој процес, Хорни го споредува со семето, кое расте и станува дрво при што семето цело време во себе го содржи потенцијалот да се развие во дрво.
Теоријата на Фром
уредиСпоред Ерих Фром, основната причина за појавата на невроза лежи во неуспешниот развој од поврзаноста на детето за мајката до неговата поврзаност за таткото и нивната конечна синтеза. На пример, неврозата се јавува поради тоа што во детството, човекот имал мајка која многу го сакала, но или премногу му попуштала или пак доминирала над него, додека таткото бил слаб и незаинтересиран. Во тој случај, развојот на човекот може да остане фиксиран во раната поврзаност со мајката, т.е. подоцна детето се развива во немоќна личност која е зависна од мајката, која бара заштита, а ѝ недостасуваат татковските квалитети - дисциплина, независност, способност да владее со својот живот. Таквиот човек се обидува да ја пронајде „мајката“ во секого, понекогаш во жените, а понекогаш во силните мажи со авторитет и власт. Од друга страна, ако мајката била студена, рамнодушна и наклонета кон доминација, детето може да ја пренесе својата потреба за мајчинската заштита на таткото и на подоцнежните татковски личности или пак тоа ќе се развие во еднострана личност која го бара таткото и која е приврзана на принципите на законот, редот и авторитетот. Таквиот развој е поинтенизвен, ако таткото е авторитативен, а истовремено е приврзан кон синот. Независно од тоа за каков случај станува збор, неврозата се развива затоа што еден од принципите, татковскиот или мајчинскиот, не успева да се развие или се мешаат улогите на таткото и мајката (во потешките облиџи на невроза).[10]
Теоријата на Зигмунд Фројд
уредиСпоред Зигмунд Фројд, целта на секоја невроза е да го исфрли пациентот од стварниот живот, да го оттуѓи од стварноста. Невротичарот се оддалечува од стварноста бидејќи ја смета (целата или дел од неа) за неподнослива. Најекстремниот вид на ова бегство од стварноста се јавува во некои видови на халуцинаторни психози.[11]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 George C. Boeree (2002), A Bio-Social Theory of Neurosis. (пристапено на 21.4.2009)
- ↑ Bailey, Hamilton (1927). Demonstrations of physical signs in clinical surgery (1. изд.). Bristol: J. Wright and Sons. стр. 208.
- ↑ Russon, John (2003). Human Experience: Philosophy, Neurosis, and the Elements of Everyday Life. State University of New York Press. ISBN 0-7914-5754-0. See also Kirsten Jacobson, (2006), "The Interpersonal Expression of Human Spatiality: A Phenomenological Interpretation of Anorexia Nervosa," Chiasmi International 8, pp. 157–74.
- ↑ Horwitz and Wakefield (2007). The Loss of Sadness. Oxford. ISBN 978-0-19-531304-8.
- ↑ Wilson, Mitchell, (1993), "DSM-III and the Transformation of American Psychiatry: A History". The American Journal of Psychiatry, 150,3, pp. 399–410.
- ↑ The American Heritage Medical Dictionary. Houghton Mifflin. 2007. ISBN 978-0-618-82435-9.
- ↑ Horney, Karen (1950). Neurosis and Human Growth: The Struggle Toward Self-Realization. W.W. Norton & Company, Inc. ISBN 978-0-393-30775-7.
- ↑ Horney, Karen (1950). Neurosis and Human Growth: The Struggle Toward Self-Realization. W.W. Norton & Company, Inc, стр. 18. ISBN 978-0-393-30775-7.
- ↑ Horney, Karen (1950). Neurosis and Human Growth: The Struggle Toward Self-Realization. W.W. Norton & Company, Inc, стр. 22. ISBN 978-0-393-30775-7.
- ↑ Erih From, Umeće ljubavi. Beograd: Vulkan, 2017, стр. 74-75.
- ↑ Sigmund Freud, The Unconscious. London: Penguin Books, 2005, стр. 3.
Библиографија
уреди- Angyal, Andras. (1965). Neurosis and Treatment: A Holistic Theory. Edited by E. Hanfmann and R.M. Jones.
- Fenichel, Otto. (1945) The Psychoanalytic Theory of Neurosis. New York: Norton.
- Freud, Sigmund. The Standard Edition of the Complete Psychological Works of Sigmund Freud. Translated by James Strachey. 24 vols. London: Hogarth, 1953–74.
- Horney, Karen. Neurosis and Human Growth. Norton, 1950.
- Horney, Karen. Our Inner Conflicts. Norton, 1945.
- Horney, Karen. The Collected Works. (2 vols.) Norton, 1937.
- Horwitz, A.V. and J.C. Wakefield. The Loss of Sadness: How Psychiatry Transformed Normal Sorrow into Depressive Disorder. Oxford University Press, 2007. ISBN 978-0-19-531304-8.
- Jung, C.G. et al. (1964). Man and His Symbols. New York: Anchor Books, Doubleday. ISBN 0-385-05221-9.
- Jung, C.G. (1966). Two Essays on Analytical Psychology. Collected Works, vol. 7. Princeton University Press. ISBN 0-691-01782-4.
- Jung, C.G. [1921] (1971). Psychological Types. Collected Works, vol. 6. Princeton University Press. ISBN 0-691-01813-8.
- Jung, C.G. [1961] (1989). Memories, Dreams, Reflections. New York: Vantage Books. ISBN 0-679-72395-1
- Ladell, R.M.; T.H. Hargreaves (October 1947). „The Extent of Neurosis“. Br Med J. 2 (4526): 548–549. doi:10.1136/bmj.2.4526.548. PMC 2055884. PMID 20267012.
- McWilliams, Nancy (2011). Psychoanalytic Diagnosis: Understanding Personality Structure in the Clinical Process (2. изд.). Guilford Press. ISBN 978-1-60918-494-0.
- Russon, John. (2003). Human Experience: Philosophy, Neurosis, and the Elements of Everyday Life. Albany: State University of New York Press. ISBN 0-7914-5754-0
- Winokur, Jon. Encyclopedia Neurotica. 2005. ISBN 0-312-32501-0.
Надворешни врски
уредиКласификација |
---|
- Janov, Arthur (1991). „Neurosis“. Архивирано од изворникот на 2020-11-23. Посетено на 2009-04-21.