Митре Арсовски
Митре Арсовски — македонски воен генерал, прв началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија (1992–1993).
Животопис
уредиАрсовски е роден на 11 ноември 1936 година во селото Стари Град во областа Азот, денес во општина Чашка. Основно и гимназиско образование завршил во родниот крај. Во 1960 година ја завршил Воената академија на Копнената војска на ЈНА. Потоа ја завршил Командно-штабната академија на ЈНА. Во 1978 година ја завршил Школата за национална одбрана на ЈНА.
Воената кариера во Југословенската народна армија ја започнал во 1960 година со офицерски чин артилериски потпоручник. Од 1960 до 1972 година служел во Белград, каде што од 1960 до 1968 година бил командир на вод, а од 1968 до 1972 година командир на батерија. Во 1963 година бил унапреден во чин поручник, во 1966 година во чин капетан, а во 1969 година во чин капетан 1. класа. Во 1965 година бил одликуван со Орден за воени заслуги со сребрени мечеви, а во 1969 година со Орден на Народната армија со сребрена ѕвезда. Во 1972 година бил преместен во Битола и бил назначен за командант на дивизион. Во 1973 година бил унапреден во чин мајор. Во 1974 година бил одликуван со Орден за воени заслуги со златни мечеви. Во 1974 година бил преместен во Прилеп, каде што бил командант на полк. Во 1977 година бил унапреден во чин потполковник. Во 1978 година, по завршувањето на Школата за национална одбрана бил преместен во Скопје, каде што бил референт за оперативни наставни работи. Во 1979 година бил одликуван со Орден на Народната армија со златна ѕвезда. Во 1980 година бил преместен во Врање и бил назначен за командант на бригада. Во 1981 година бил унапреден во чин полковник. Од 1982 до 1985 година бил началник на штаб во дивизија во Куманово. Во 1985 година бил одликуван со Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда. Истата година повторно бил поставен на служба во Скопје и бил назначен за командант на дивизија. Од 1986 до 1987 година повторно служел во Куманово. Од 1987 до 1990 година бил началник на штаб на корпус во Крагуевац. Во 1988 година бил унапреден во чин генерал-мајор и бил одликуван со Орден за воени заслуги со голема ѕвезда. Во 1990 година бил вратен во Скопје и бил назначен за помошник на командант за заднина. Од 1991 до 1992 година бил началник на штаб и заменик на командантот на 3. армиска област.
Унапреден во чин генерал-потполковник, на 16 март 1992 година Арсовски бил именуван за прв началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. Арсовски бил началник на Генералштабот на Армијата до 3 март 1993 година, кога бил наследен од генерал-полковник Драгољуб Боцинов, по што се пензионирал.
Со Указ бр. 32 од 26 јули 2012 година, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов го одликувал генерал-потполковник Арсовски со Орден за воени заслуги како прв началник на Генералштабот на АРМ.
Одликувања и признанија
уреди- Забелешка: Списокот на одликувања и признанија може да не е целосен.
- Орден за воени заслуги со сребрени мечеви (1965)
- Орден на народната армија со сребрена ѕвезда (1969)
- Орден за воени заслуги со златни мечеви (1974)
- Орден на народната армија со златна ѕвезда (1979)
- Орден за заслуги за народ со златна ѕвезда (1985)
- Орден за воени заслуги со голема ѕвезда (1988)
- Орден за воени заслуги (2012)
Наводи
уреди- Стојановски, Мирослав; Стојаноски, Борис (2017). Стојановски, Мирослав (уред.). Воени генерали од Mакедонија (1943–2017) (второ. изд.). Скопје: Клуб на генерали на Република Македонија. стр. 44–47.
- Ристовски, Блаже, уред. (2009). Македонска енциклопедија. А–Љ. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. стр. 87.
Надворешни врски
уреди- Генерал-потполковник Митре Арсовски на мрежното место на Армијата на Република Северна Македонија. Архивирано на 17 јануари 2022.