Мисии на Мајка Тереза

Кога излегла од редот на лоретанските сестри, со себе имала само пет рупии, но желбата да им помага на најсиромашните била поголема од каква било материјална сигурност (Kudo, 2005:125) Првите чекори во мисионерството ги прави со посета на најсиромашните, по улиците и сламовите. Редовно ги посетувала најсиромашните предградија на Калкута, Тилџе, Мотиџил... Но, за да можела да започне со работа, требала прво да најде засолниште, меѓу другото и за себе. Единствената мисла била како да најде покрив за луѓето што умирале без никој и ништо, напуштени од сите и последните мигови од нивниот живот да се почувствуваат сакано и згрижено.

Во почетокот нашла сместување кај еден човек по име Мајкл Гомс. Неговата куќа набрзо станала засолниште за најсиромашните од сиромашните. (Gjergji, 1990:54) Прва која се приклучила на Мајка Тереза и била желна да и помага во нејзината мисионерска дејност била нејзината поранешна ученичка Субашини Дас.

Конгрегација на сестри Мисионерки на милосрдие

уреди

Малку по малку, бројот на нејзината заедница растел, за да на 7 октомври 1950 година со декрет од папата Пиј XII нејзината конгрегација на Мисионерки на Милосрдието официјално била признаена.

Нејзината конгрегација се темелела на правила од кои бил сочинет првиот Устав на Мисионерките на Милосрдието напишани од Мајка Тереза, во кој главната премиса се однесувала на љубовта према Бога и ближниот и потполна посветеност на оние кои најмногу пателе “најсиромашните од сиромашните“. (Gjergji,1990:59). Поради сè поголемиот број на сестрите кои се приклучувале во редот, бил потребен и поголем простор, и со помош на бискупијата успеале да купат имот сочинет од три куќи кој станал главно седиште на сестрите Мисионерки на милосрдието. За нивна униформа го одбрале индиското традиционално сари за да можат на тој начин повеќе да им се доближат на сиромашните, така што ќе бидат изедначени со нив.

Прва куќа за смртно болни

уреди

Првата куќа за смртно болни ја отвораат во Калкута, позната под името Нирмал Хридеј (пречисто срце). Тука луѓето осудени на смрт можеле своите последни денови од животот да ги проживеат во похумани услови и да почувствуваат љубов за прв и последен пат. Освен сестрите, во хуманата мисија на Мајка Тереза се вклучувале голем број на обични луѓе кои сакале да придонесат на каков било начин (волонтери, фармацевти, доктори...) Така добивале и лекови, медицинска помош, превоз итн.

Освен дом за смртно болни, во 1955 година отвора и куќа за сирачиња под името Шишу Баван (дом за деца). Тука биле згрижени дечиња од сите возрасти. Голем бил бројот на мали бебиња напуштени од своите мајки непосредно после нивното раѓање, оставени покрај најблиската депонија, а најбројни биле дечињата со посебни потреби. Како бројот на лепрозни достигнувал милионски бројки, така неопходно било да се направи посебно место за истите да не се соочуваат со немилосрдните погледи и осудувања од страна на луѓето. За таа цел се изградил градот на мирот – Шанти Нагар. Постепено нејзината мисија почнала да се шири и во другите градови во Индија: Џансу, Бомбај, Марианополи...

Формирање на машкиот ред и отворање на првата куќа надвор од Индија

уреди

Во 1963 година формиран е и машкиот ред на мисионери кои помагале во ширењето на мисијата на Мајка Тереза. Истата година Конгрегацијата на Мисионерките на милосрдието доаѓа директно под папска јурисдикција и со самото тоа добива дозвола да се шири надвор од границите на Индија. Првата куќа надвор од Индија е отворена во Венецуела во 1965, во Кокороте. Во 1970 се отворени уште две куќи во Венецуела, потоа во Лима-Перу, Колумбија, Боливија, Бразил... Со посебна покана од папата Павле VI отвора и куќа во Рим. По добивање на Нобеловата награда за мир во 1979, на аудиенција кај папата Јован Павле II бара дозвола да отвори куќа за самохрани мајки. Така почнале полека да се отвораат куќи низ цела Италија: Палермо-Сицилија, Наполи, Реџо Калабрија... Со принцезата Дијана ги отвораат првите хоспиции за луѓето болни од СИДА во Њујорк, 1985.

Ширење на конгрегацијата во целиот свет

уреди

Како нејзината популарност станувала сè поголема, потребата за Мајка Тереза се покажувала преку безбројните покани за отворање на нови мисии во Австралија, Бангладеш, Јордан, Јемен, Англија, Ирска, Африка, Северна Америка, Загреб и секако нејзиното родно Скопје каде за првпат се враќа во 1970 година, а во 1986 кога доаѓа за последен пат и ја купува куќата за нејзините сестри мисионерки на милосрдието во населбата Кисела Вода каде четири сестри од нејзиниот ред од тогаш до денес имаат згрижено многу дечиња без родители и самохрани мајки.

Библиографија

уреди

•Gjergji, L. (1990). Majka Terezija, Lik I djelo, Od devojčice do nobelovke. Kršćanska sadašnjost, Zagreb, 1990. •Kudo, J.H. (2005). Mother Teresa, The Life and Work of a Saint from Skopje, doctoral dissertation, 2005.